"Цело време негувам некоја надеж дека човештвото еднаш веќе ќе се „умори“ од духот на непријателство и ќе посака вистински мир. Тогаш на сите ќе ни биде полесно; и ќе стане можно да се пишува или дури и да се сретнува „во живо“. А засега на луѓето сѐ уште повеќе им омиле мракот, непријателството, отколку светлината, љубовта и мирот (Јн. 3, 19).
Секогаш мислев (додека сѐ уште бев „сликар“) и сега мислам дека највисоката уметност е уметноста на живеењето. Колку често великиот дар на владеење со самите себе се изразува со најфините движења на прстите (кај музичарите), со детално одмерување на секој збор (кај поетите и писателите), со одвај видливи нијанси (кај сликарите), кога тие се задлабочуваат во својот творечки труд. А еве, речиси сите тие „уметници и сликари“ во животот се покажуваат неспособни да владеат не само со најфините детали од својата душевна состојба туку и да ги контролираат своите најгруби страсти.


Значи, уметноста на живеењето, односно владеењето со самиот себе во секој час, на секое место, во секоја работа, со секој човек е несомнено највисоката од сите уметности; и притоа најтрајна, зашто останува со човекот и по смртта, во живот вечен. Како што знаете, по должноста на својата служба јас ја проповедам таа уметност на живеење, иако сум свесен за својата целосна недостојност. Ми се чини јасно е дека сето страдање на овој свет никако не може да Му се припише на Создателот на светот. За чудо, луѓето не го избираат она што е подобро, туку нешто средно. Не кажувам полошо, туку средно. Меѓутоа, тоа средно, кога некој се фаќа за него и не сака да го прошири своето срце, тоа средно сепак станува тесно. Така, целиот наш живот поминува во борби со тешкотиите на човечкото срце.

И, искрено да ви кажам, често сум на работ на очајанието. Луѓето – и чесните, и добрите, и паметните, и образованите не се способни меѓу себе да се прилагодуваат, и животното ткиво се цепи на секој чекор. За да се спои тоа живо ткиво, можно е само со најсилниот напор на својата љубов која им се дава на другите. И кога сѐ е дадено, а единство не е постигнато, тогаш срцето силно боли и со него и целото битие.
Еве, Ви ја исповедам состојбата на мојата душа што кај мене сега е најчеста, т.е. во староста моја, кога ослабна во мене силата моја, кога го гледам крајот на животот, не гледајќи дека сум го постигнал тоа што го барам и што го барав целиот мој живот. Изгледа за време на животот на земјата нема ни да успеам да го постигнам. И заминувањето одовде неизбежно ќе биде поврзано со жалост поради состојбата на светот."

28-ми февруари 2018 лето Господово

Избор од ФБ страна на:

Моника Николова