Бог ни Го открива Својот Син во молкот на нашата душа. Зошто Бог го прави ова? Најпросто кажано, затоа што за заедничарење со Бога е потребно наше активно учество. Нашата слободна волја мора да биде соочена со Божјата волја.

               Земете го, на пример, Светото Писмо. Мноштво цитати во нив не се баш најјасни. Под вдахновение на Светиот Дух, а водени од нашата Црква и светите отци, треба малку да се потрудиме за да ја откриеме нивната смисла, нивното значење. На пример, ако читаме за овоземниот живот на нашиот Господ, се сoочуваме со нејаснотија и скоро за сѐ што Тој сторил бараме толкување, објаснување. Нашата внатрешна усмереност – нашата способност да видиме и разбереме – мора да се развие за да Го видиме Господа Каков што е. Фарисеите, садукеите и книжниците постојано гледале што Исус правел, но секогаш заклучувале дека Тој е престапник. Од друга страна, чистите по срце ги гледале истите нешта, и заклучиле дека Исус е Син Божји, Човекољубив Бог. На која група ѝ припаѓаме ние?

Да го созерцаме малку тропарот на Богојавление:

              Кога во Јордан се крштеваше Господи, се покажа Троично поклонение: оти, Родителскиот глас Те сведочеше Тебе, возљубен Син именувајќи Те, и Духот во вид на гулаб известуваше потврдување на зборовите. Тебе Кој се јави Христе Боже и светот го просвети, слава Ти.

              Ако го доживееме Богојавлението одвнатре, ќе Го видиме Господа насекаде околу нас. Псалмопевецот вели „Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови возвестува сводот небески“ (Пс. 18,1). Ако начуеме одвнатре, јасно ќе видиме што лежи однадвор. Сетилата се ослободени и светската бучава ја губи својата сила врз нашите умови и срца, та Господ може да се открие Себеси пред нас сѐ повеќе и повеќе.

 

Јереј Георгиј Морели

Извор: http://pravoslavie.mk.