Архимандрит Доситеј
 


Кога учев духовна академија во Санкт Петерсбург, меѓу нас учениците, постоеше нешто како натпреварување кој подобро и поубаво ќе беседи. Добро им говоревме на многумина кои не слушаа, а и на нас самите ни се допаѓаше, но жива вера ретко кој од нас имал. Сите зборувавме студено, со висок стил, но и убаво. Она што го учевме, многумина од нас ги одвраќаше од живата вера. (Наставата во духовната академија многумина одвраќаше од живата вера, затоа што на православното учење му беше придодадена латинската схоластика. Препишана од латинските книги, схоластиката ја убиваше верата кај учениците и учителите: се наметнуваше и сугерираше стекнување на знаењето, а не општење со живиот Бог). И што е карактеристично, кога било предложено да се избере претставник за свеченоста по повод откривањето на моштите на свети Јоасаф—сите одбиле „Зошто да се патува за да се види маса на народ кој очекува чуда—и какви чуда воопшто може и да има во наше време?“ По жрепката—одлучено беше јас да отпатувам. Отпатував немарно—само да го извршам

Допатував—и се протуркав да видам што има внатре, чисто да знам што се случува. Беше невозможно да се остане мирен после она што го видов. Од сите краишта на Русија допатувале болни, сакати и унакажени. Колку несреќа и бол! Тешко е и да се погледне! И уште—тоа општо расположение, очекувањето на нешто чудесно постепено се пренесуваше и на мене, без оглед на моето скептично мислење и однос кон сето тоа. На крај, пристигна и царот со своето семејство, и свеченоста започна . Стоев сам на свеченоста, сега веќе длабоко возбуден, не верував, а се нешто очекував. Тешко ми е сега да ви ја претставам таа глетка, и она што тогаш се виде—илјади и илјади болни, искривени, демоноопседнати, слепи, унакажени и сакати—лежеа, стоеја, од двете страни на патот, по кој требаше да го пренесат светителот, неговите мошти. Моето особено внимание го привлече еден искривен и повиен: беше тешко и да го погледнеш без морници и гнасење: сите делови на телото му беа составени, сраснати—како клупко месо и коски на земјата. Чекав—што може тој човек да добие? Може ли некако да му се помогне и со што? И еве го изнесоа кивотот со моштите на светителот Јоасаф—такво нешто никогаш не сум видел и тешко дека воопшто некогаш пак ќе видам—одеднаш сите болни, кои стоеја покрај патот, биваа исцелени; слепите прогледаа, глувите прослушаа, немите почнаа да зборуваат, врискаат и скокаат од радост, на сакатите им се исправуваа искривените и болни екстремитети. Со возбудување, страв и благодарност гледав на се ова што се случуваше—и не го испуштав од вид оној искривен и повиен. Кога кивотот со моштите на светителот дојде во негов правец, тој ги рашири рацете—се чу страшно крцкање и пукот на коски, чкрипење, како нешто да се раздвојува и крши внатре во него, и тој почна со напор да се исправува—и застана на нозе. Како ме возбуди тоа! Дотрчав до него со солзи, тогаш фатив некој новинар за рака, почнав да му го кажувам сево ова, го молев да го напише и објави... Во Петроград се вратив како друг човек—верувајќи.


4 септември 1911

Подготви: Б.Ѓ.

 Посети:{moshits}