33. Чујте друга парабола! Имаше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако го предаде на лозарите, си отиде.
34. И кога наближи времето за берење, тој ги испрати при лозарите своите слуги, за да му ги приберат плодовите.
35. Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа.
36. Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите; но и со нив направија исто.
37. Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: »Ќе се засрамат од сина ми.«
38. Но лозарите, штом го видоа сина му, си рекоа меѓу себе: »Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово.«
39. Па, како го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија.
40. А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?”
41. Му одговорија: „Злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме.”
42. А Исус им рече: „Зар не сте читале во Книгите: »Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и чудесно е во очите наши.« (Матеј 21:33-42)


Бог очекувал луѓето да покажат трошка срам, очекувал од дрските лозари кои ги убиле божјите слуги да се засрамат од себе кога кај нив ќе дојде неговиот син.  
Светото Писмо ни кажува дека во Рајот Адам и Ева биле голи и не се срамувале. Во нив сеуште не постоело тоа чувство на срам. Тоа биле сосема посебни, духовни односи на човекот кон Бога и кон својата жена за разлика од односите после гревопадот. Во рајот мажот и жената немало од што да се срамат, зашто биле како две половини на една целина, биле сосема блиски и сродни еден со друг. После гревопадот се отуѓиле од Бога и еден од друг и првпат го почувствувале срамот. Нивниот поглед еден кон друг веќе не бил исполнет со љубов како претходно во Рајот, туку помеѓу нив се појавило студенилото на похотта. Така се појавил срамот или на словенски „стыд“, збор кој потекнува од: студ, студенило...
Се срамиме кога во нас откриваме нешто грешно, нешто што отстапува од нашето чувство за чиста љубов и искреност. Срамот бил прва последица на гревот. Во овој свет срамот е благородно чувство кое ја спречува дрскоста. Кога се губи срамот и настапува бесрамноста, тогаш тоа е продолжување на патот кој нè оддалечува од Бога.
Современата психијатрија го толкува срамот како непријатно чувство од кое треба да се ослободиме по секоја цена. Но, срамот е добар за нас грешните луѓе. Треба да се ослободиме од секој грев во нас, а не од срамот кој ни е даден како перде на гревот. Како што се вели: Ни перде, ни срам! Кога срамот паѓа и се повлекува како последна завеса пред гревот, тогаш човекот прави парада на срамот, а ја нарекува парада на гордоста. Достоевски напишал: „Убавината ќе го спаси светот,“ но, режисерот Андреј Тарковски преку лик во филмот „Соларис“ рекол нешто слично, но повистинито: „Срамот ќе го спаси светот.“ Кога срамот ќе исчезне настапува разорната дрскост на гревот.

Автор:о. Тони Петрушевски