Промислата е Божјата грижа за светот. Сè што е направено според Божја промисла е направено на најдобар начин. Фактот дека Бог се грижи – навистина многу се грижи – за човечкиот род, можеме да го изведеме од следното логично размислување:
Бог е добар. Според тоа, Тој се грижи за Своите деца. Во човечката природа е, како и во природата на животните да се грижат за своите деца. Човек кој не покажува таква грижа се смета за зол. Бидејќи Бог е сезнаен, Својата промисла ја покажува на најсовршен начин, во однос на целата творевина. Кога лично ќе ја почувствуваме и доживееме Божјата промисла, се поклонуваме на Неговата добрина. Ние мораме да Го прославуваме и без испитувања да ги прифатиме сите дела на Неговата промисла, дури и кога ни се чини неправедна и неразбирлива.

Старец Пајсиј ја раскажуваше случката:
„Во една прилика кога требаше да патувам од Света Гора ми требаа околу илјада драхми. Немав пари. Во поштата им реков секој чек кој ми е упатен мене, веднаш да го вратат на оној кој го испратил. Додека се наоѓав во таква тешка ситуација, еден монах ми донесе чек без име на оној кој го испратил, а на кој имаше износ од точно илјада драхми. На местото на адресата пишуваше ПАНТАНАСА (едно од имињата на Богородица, кралицата на сите). Кога сфатив дека тоа е показател на Божјата промисла, заплакав и се заблагодарив на Бога и Пресвета Богородица.

Многу нешта видов во животот, и тоа е страшно. Ако не се грижиш за себе, Бог нема да допушти ни да помислиш дека нешто ти е потребно. Гледаш, овој чек ми го испратиле и пред јас да знам дека ќе ми бидат потребни илјада драхми. Бог, нашиот добар Отец, промислува за се што ни е потребно и пред ние да сфатиме и да го замолиме за помош. Неговата промисла се грижи за се. Но, Тој мора да види дека Му веруваме. Потоа Старецот ги наведе евангелските зборови: Немојте да се грижите за вашата душа - што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за вашето тело, во што ќе се облечете? Зашто сето ова го бараат незнабошците, а знае и Отецот Ваш небесни дека од сето ова има потреба. Но, барајте го најнапред царството Божјо и правдата Негова, а се ова ќе ви се придодаде... Зашто вашиот Отец знае од што имате потреба уште пред да Го помолите. (Мт. 6; 30 -33 и 6; 8).

Ние мораме да се погрижиме и да настојуваме да му угодуваме на Бога и на ближните. Не смееме да бидеме преокупирани со сопствените потреби, зашто за нив Бог ќе се погрижи. Постои преќутен договор меѓу Бога и човекот. Тој ќе се грижи за нас, а ние ќе се трудиме да живееме според Неговата волја. Сите свои загрижености префрлете ги врз Него, зашто Тој се грижи за вас (1. Петр. 5; 7).

Еден ден ме посети г. И. Ф. од Германија. Само што ги завршил подготвителните студии за изградба на рибник во Комотинија ( град во северна Грција) и побара да се молам од државата да добие одобрение за таа работа. Од љубопитност го прашав за размножувањето на рибите и нивното одгледување во рибникот. Ми одговори:
’Малите риби, отец, откако ќе се родат, во абдоменот имаат една вреќичка во која се наоѓаат сите потребни витамини и состојки потребни за да преживеат во првите пресудни денови. Кога вреќичките ќе се испразнат, абдоменот на рибите е доволно голем и таа може да зема храна од морето.’
Бев многу возбуден кога го слушнав тоа. Во тоа време непрестајно го славев Бога и ова беше уште една причина да го правам тоа. Мислев: Бог е толку добар што ги создаде рибите за наша храна, а сепак и за нив се погрижи на така мудар начин, без страв да можат да пораснат. Па, сепак, ние сме загрижени и немаме доверба во Него. Тоа е страшно! Бог се грижи и за нај незначителните поединости во Своите најмали созданија. Тогаш колку се грижи за нас, создадени по Неговиот лик, поради кои и сето тоа го создал! Но, ние бидејќи сме слепи не сме во состојба да ја видиме Неговата промисла која го заштитува секој вид на нашиот живот.“

„Кога човек има едноставен живот, смирено се грижи за себе и чувствува потреба за Божјата промисла, ги одложува сите свои настојувања и грижи и има доверба во Него. Кога Бог ќе увиди дека душата во целост зависи од Него, а не од самата себе, Тој милосрдно ја штити, тогаш душата силно ќе ја почувствува Божјата промисла и ќе биде задоволна.

Бог сака нашите души да бидат едноставни, без многу мисли и без преголемо знаење, да бидат како дете кое сè очекува од своите родители. Поради тоа Господ вели: Ако не станете како деца нема да влезете во Царството небесно. Мораме понизно да се молиме на Бога да ја прифати нашата слабост и на тој начин ќе бидеме во состојба да се ослободиме од своите грижи. Како нашата сенка што не се оддалечува од нашето тело, така ни Божјата милост нема да се оддалечи од нашето смирение и вера.“

„Кога веруваме во Бога и имаме доверба во Неговата отечка промисла и грижа, ние не размислуваме за себе. Знаеме дека Бог е свесен за сите наши проблеми, од оние најнезначителните до најсложените. Единствено што треба да направиме е да и допуштиме на Божјата љубов и промисла да делуваат во нашите животи, тогаш кога Тој ќе посака и на начин за кој Тој смета дека е најдобар за нас. Кога имаме таква вера и внатрешно расположение, во состојба сме да видиме Божји чуда, па и Самиот Бог, Кој секогаш и во сите околности се наоѓа во наша близина. За да го почувствуваме тоа мораме да го отфрлиме секој облик на световна помош или човечка надеж и со чисто срце, без двоумење и верно да го предадеме својот дух на Господ, па веднаш ќе не исполни Божјата благодат.“

„Бог се грижи за сите, и за праведниците и за грешните: Тој со своето сонце ги грее и лошите и добрите, и им праќа дожд и на праведните и на неправедните (Мт. 5; 45). Но постои разлика. Божјата промисла секогаш е видливо присутна во животот на праведникот, додека во животот на грешникот само повремено, а некогаш и воопшто ја нема. Бог понекогаш ги напушта грешниците за да може нивната душа да се здобие со смирение во животните несреќи и во привремено и привидно Божјо отсуство. Тоа може да направи да се разбуди нивната вера и љубов кон Бога.

Тоа е исправно, зашто човек кој верува во Божествената правда сака Бог да управува со неговиот живот. А, човекот кој се потпира на човечката правда сака да води свој живот, врз основа на неговото лично сознание. Тој притоа ја запоставува својата слабост, односно заборава дека без Бога не можеме ништо да направиме. Без мене не можете ништо да направите (Јн. 15; 5) и Ако, не можете ни најмалото, зошто се грижите за другото? (Лк. 12; 26). Значи Бог, праведно го напушта безбожникот, за тој да може да ја сфати својата слабост и со сето срце да воскликне по Божјата милост“.

***

Старец Пајсиј раскажуваше и за следното случување:
„Никогаш немав пари и во еден момент се случи да ми требаат илјада драхми. Додека чистев во градината, погледот ми застана на шуплините во тулите кои ги ставив под штиците за да можат моите посетители да седнат. Во една од тие шуплини видов завиткана хартија и со стап ја извлеков од таму. Го отворив и во него најдов чек од илјада драхми, заедно со листа на имиња кои треба да ги споменувам во текот на Божествената Литургија.

Бев многу потресен од две причини: прво, бев воодушевен од начинот на кој Божјата промисла се погрижи за моите потреби и пред да бидам свесен за тоа. Второ, ме воодушеви верата на посетителот кој ја оставил завитканата хартија во шуплината меѓу тулите верувајќи дека некако ќе ја пронајдам (сигурно знаел дека никогаш не земам пари, па нашол свој начин да ми ги подари)“.

„Понекогаш се случува одненадеж да ми се јави некоја мисла, на пример, помислувам дека нема да има доволно вино за причест. Веднаш престанувам да размислувам да мислам на тоа, но се случува истиот ден или утредента некој да донесе вино за причест. Но интересно е што личноста која ќе го донесе виното обично доаѓа од далеку, од Крит или од јужна Грција, така што морала да го земе виното уште пред јас воопшто да сфатам дека можеби ќе нема вино за причест.

Значи, јас јасно гледам дека Бог се грижи за сè пред ние да станеме свесни за тоа, и да Му побараме помош: а вашиот Отец небесен знае дека од сето ова имате потреба... зашто вашиот Отец знае од што имате потреба уште пред да Го помолите...и затоа не грижете се за утре... (Мт. 6; 32 – 34).
„Мораме целосно да се потпреме на Божјата промисла и тоа е единствен начин да се ослободиме од своите стравови и грижи. Зошто човек би се грижел ако веќе чувствува дека Бог за се промислува?

За да стекне доверба во Божјата промисла, човекот во целост мора да се ослободи од овоземните грижи и да чека Бог да се погрижи за него. Ако, на пример, човекот е преокупиран со штедењето пари за да ги има за „црни денови“ или за свои потреби, тоа значи дека се потпира на самиот себе и на парите, наместо на Божјата промисла. Тој прво треба да ја надмине својата љубов кон парите и довербата во нив, а потоа своите надежи да ги положи на Бога, зашто не може да се прави и едното и другото во исто време. Јас не мислам дека човек не треба да ги троши сите пари, но сметам дека не треба со сето срце да се потпира на нив“.

Старец Пајсиј ни го раскажуваше ова, сакајќи со пример да ни покаже како Бог се грижи за Своите деца иако ние често не Го сфаќаме и се гневиме на Него.
„Еден подвижник се молел на Бога преколнувајќи Го да му открие зошто сиромашните најчесто се сиромашни и неправедно патат додека грешниците и неправедните се богати и задоволни. Додека се молел на Бога да му ја открие оваа тајна, слушнал глас кој му рекол:
’Немој да го бараш да го разбереш она што твојот ум и знаење не можат да го сфатат и немој да ги испитуваш тајните Божји, зашто Неговите одлуки се слични на бескраен океан. Но, ако сакаш да го дознаеш тоа, оди во светот и набљудувај ги луѓето. Тогаш ќе бидеш во состојба да сфатиш нешто од Божјите одлуки. Тогаш ќе спознаеш дека премудрата Божја промисла е неистражена и недостижна.’

Кога подвижникот го слушнал сето тоа, отишол во светот. Бидејќи извесно време пешачел, стигнал до една ливада. Тука имало една фонтана, а покрај неа едно старо издлабено дрво. Се скрил во тоа длабнатина и почнал да ги набљудува забрзаните луѓе кои поминувале покрај ливадата. По извесно време поминал еден богаташ, јавајќи на коњ. Застанал покрај фонтаната да се напие вода и да се одмори. Додека седел го извадил од џебот паричникот со златниците и почнал да ги брои. Кога завршил со броењето, по грешка паричникот го ставил на тревата наместо да го врати во џебот. Потоа јадел, се одморил и заспал. Набрзо заминал не забележувајќи дека паричникот му останал на тревата.

По извесно време се појавил уште еден минувач. Застанал покрај фонтаната, а кога го видел паричникот со златниците го грабнал и истрчал во полето. По неколку минути се појавил и трет човек. Бидејќи бил уморен, се напил малку вода и седнал да изеде парче леб. Додека сиромавиот јадел, се вратил богаташот да си ги побара паричникот. Гневен, се упатил накај сиромавиот, викајќи од бес и барајќи да му го врати паричникот. А овој бидејќи нешто не знаел ниту за паричникот ниту за златниците, почнал да го уверува дека ништо од тоа не видел. Тогаш богаташот почнал да го тепа. Го удирал толку силно што на крајот сиромавиот испуштил душа. Потоа богаташот почнал да го претресува, но секако ништо не нашол. Заминал потиштено.

Испосникот кој седел во длабнатината на дрвото и набљудувал што се случува, бил зачуден. Многу се разжалостил и почнал да плаче, чувствувал голема жалост поради неправедната смрт на сиромавиот затоа извикал кон Бога:
’Господе што значи ваквата Твоја волја? Сакам да знам како Твојата добрина може да поднесе толкава неправда! Еден човек ги изгубил парите, друг ги нашол, а трет поради тоа беше неправедно убиен!’

Додека се молел и плачел, пред него се појавил ангел Господов:
’Немој да жалиш за сиромавиот, ниту да мислиш дека ова не се случи по Божја волја. Имај на ум дека некои нешта се случуваат затоа што Бог така допушта, или, со тоа да ги поучи луѓето, или пак за наша корист. А сега слушај: човекот кој ги изгуби парите е најблизок сосед на оној што ги нашол. А тој, некогаш поседувал имот кој вредел стотина златници, а богаташот, инаку многу лаком, го присилил да му го продаде само за педесет златници. Се чувствувал беспомошно и го молел Бога да го застапува поради неправдата на неговиот сосед. Бог двојно го наградил. Другиот човек, сиромавиот кој беше неправедно убиен, одамна и тој убил човек. Но, тој искрено се покаjал и остатокот од животот го поминал почитувајќи ја Божјата волја. Постојано се молел на Бога да му прости: ’Боже, допушти да умрам со иста таква смрт каква што предизвикав’. Се разбира дека Бог му простил истиот момент кога се покајал за својот престап. Освен тоа, Бог бил трогнат од чувствителноста и праведноста на овој човек, кој не само што се трудел да живее по Божјата волја туку исто така да плати за својот грев. Бог ја исполнил неговата желба и допуштил насилно да бид е убиен – како и самиот што барал – а потоа го вознесол на небото, дарувајќи му венец на слава поради неговото длабоко и искрено покајание.

Третиот човек, оној лакомиот богаташ што ги изгубил златниците и што извршил убиство, паднал во два гревови, во лакомост и закоравеност. Бог му допуштил да изврши убиство за да може да доживее болка која на крајот ќе го донесе до покајание. За него извршеното убиство било причина да го напушти светот и да се замонаши.’

Каде гледате дека Бог беше неправеден, немилосрден и суров? Вие не можете да ги испитувате Божјите одлуки зашто Тој секогаш ги носи праведно и согласно со патиштата кои ги познава, додека вие, за нив погрешно просудувате и ги сметате за неправедни. Треба да знаете дека многу нешта се случуваат по Божја волја и од причини кои нам не ни се познати. Ние треба да речеме: Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди (Пс.118; 137).“

Старец Пајсиј ни го раскажа и ова:
„Додека бев млад и сè уште живеев во манастир, отците ме пуштија да се обидам да убедам еден стар монах да дојде во манастирот. Тој живееше во ближната ќелија и сакаа да се погрижат за него. Појдов кај него и му реков:
’Отец, сигурно ви е тешко да се грижите за себе. Зошто не дојдете в манастир? Ние ќе се грижиме за вас. Ќе дојдете ли со мене?’
Ми одговори:
,Отец, Бог се грижи и за малите црви и им дава храна што им е потребна за да живеат. Зарем нема да се погрижи за мене, голем, стар црв?“

***

Кога доаѓаа во посета кај старец Пајсиј, поклониците редовно му носеа храна. Тој во почетокот ги одбивал сите тие дарови и барал да ги вратат. Луѓето биле несреќни зашто веруваа дека старец Пајсиј не прима дарови од нив поради нивната грешност. Па, поради тоа на некој начин бил задолжен да ги задржи, а потоа ги давал на следната група поклоници, замолувајќи ги да ги подарат на некои сиромашни, стари монаси, населени во таа област. Така, на една група поклоници им дал дарови и ги замолил да му ги однесат на стариот монах кој живеел наспроти скитот Св.

Панетејмон. Посетителите тогаш го запрашале:
„Отец, зошто не задржите некои од даровите што ви ги носат поклониците?“
„Една од причините е тоа што во тој случај би можел да отворам продавница. Друга, е што постојано мислам на Бога Кој на Евреите во пустината секој ден им дарувал небеска манна. Но, таа манна им се расипувала на недоверливите, кои нешто од оваа храна оставале и за утредента. Тоа бил Божји начин да ги наведе луѓето целосно да се потпрат на Неговата промисла и грижа, но и да се ослободат од нивните усилби и грижи.“


(Од книгата Солзи за светот,
старец Тихон, старец Пајсиј, старец Порфириј)

Подготви: Жаклина Стојановска