(Oбновено)



Митрополит Антониј (Сурошки)

✤✣✤

Што значи да се биде Христијанин?

(II дел)

✤✣✤

Сиот христијански живот се состои во тоа да Му се биде верен другар на Христос; да се има сознание што Он сака, што Му е одвратно, што Го довело до смртта, та човекот да се однесува соодветно на тоа. Во првите векови на Христијанството, да се биде Христов другар, да Му се биде верен, да Му се биде предаден, тоа значело да се биде подготвен пред лицето на Неговите непријатели и гонители на Неговата вера, да се каже: „Јас сум еден од нив“. Доколку е неопходно и да се пострада за Него. И не е доволно само да се пострада. Во древноста, да се претрпи мачеништво за Христа се сметало за чест, за нешто што е од исклучителна важност во животот. Во житијата на светите постои еден трогателен расказ за една мајка која брзала накај Римскиот Колосеум, и по патот го сретнала својот познајник кој ѝ рекол:

-Каде си се упатила? Таму ги измачуваат христијаните.

-Да, вели таа, и јас сакам да умрам со нив.

-Но зошто со себе го носиш и своето дете? 

-Па како? Зарем да го лишам од радоста да умре за Христа?

Нам денес не ни се заканува смрт или опасност во такви размери и со таква жестина. Но пред нас постојано се поставува прашањето: со Христа си, или против Него? Доколку ти, дури и за најситни нешта, а поради корист си подготвен да лажеш, тогаш не си Христов ученик. Доколку си спремен да заборавиш на потребите на другиот човек, зашто тоа не ти е од полза и затоа што од тебе се бара нешто на кое не си подготвен да одговориш - не си Христов ученик. Да се биде Негов ученик - тоа не значи дека е неопходно цело време да се прават херојски дела. Доволно е секој ден да се извршуваат мали дела; доволно е да се негуваат чисти мисли кои би биле достојни на таа љубов која Бог ја има за тебе, да не се срамиш од своето име - Христијанин. 

Да се биде ученик на Христос, тоа значи пред луѓето да се каже:

-Да, јас сум Христов! Вие сакате да ме изолирате? Направете го тоа. Но, јас нема Него да Го напуштам само за да останам ваш другар.

Тоа е многу важно. Ретко ни се дава можност да правиме херојски дела, и нема потреба од секојдневен хероизам. Во врска со ова, уште пред многу години отец Сергеј Булгаков напиша статија со наслов „Хероизмот и подвижништвото”. Тој вели дека хероизмот е само еден миг, во кој човекот презема своевиден потфат, што може да му го доведе животот до крај или да му донесе победа. А подвижништвото - тоа е форма на живот, во која човекот постојано учи како да живее во Христа; постојано во својата душа го излева Христовиот свет; постојано, соединувајќи се со Христа, се удостојува да го носи името човек. А какво е тоа човечко име? Повторувам: погледни кон Христос. Он, во полна смисла на зборот, е Единствениот Човек во историјата на човештвото, Кој е така величествен, така прозрачен, така откриен во Бога; и така човекот, соединет во едно со Него, не престанува да биде човек.

Во настанот за воплотувањето на Христос тоа игра централна, колосална улога. Ние веруваме дека Бог станал човек, се воплотил; Исус, роден од Дева, во потполна смисла на зборот не престанал да биде човек - сличен на нас. Како е тоа возможно? Како можат Божественото и човечкото да се соединат на тој начин? Одговорот го има Св. Максим Исповедник, кој ни вели дека божественото се соединило со човечкото во Христос, слично на огнот соединет со усвитено железо. Еве, сме го положиле мечот во жарта. Најпрво тој е сив, без израз. Го извлекуваш: сиот гори во светлина и оган. Железото и огнот се така соединети, што сега со огнот може да се сече и да се жари со железото. Ние сме повикани на тој начин да се соединиме со Христос, за Неговиот живот да стане наш живот. Во Таинствата за кои ќе биде кажано подоцна, имено, се открива тој момент кога ние се соединуваме со Христос, кога нашето тело станува Негово тело, како во секој човек поединечно, така и севкупно, во сите луѓе. Отец Сергеј Булгаков вели дека Христијанската Црква го објавува присуството на воплотениот Хрстос на земјата и затоа сите ние стануваме членови, честички на Неговото Богочовечко Тело. Ете што значи да се биде христијанин.

Како ова да се примени практично, во текот на целиот живот на земјата? Тоа е толку едноставно, а понекогаш таа едноставност станува многу страшна. Се сеќавам на приказната на мојот пријател кој е сѐ уште жив, постар е од мене десет години. Тој беше епископ во градот Цирих - Швајцарија. Кога живееше во Париз како студент, секогаш се жалеше дека е многу висок и дека е со толку широки гради што не може ниту да се движи, а да не остане незабележан. Се сеќавам, во една прилика тој стоеше во метрото, а едно малечко детенце го влечеше за ракав, велејќи му: „Чичко, зарем тебе не ти е здодевно таму горе?” Детето беше мало, а Володја многу висок.

За време на војната добив писмо од него, во кое тој, помеѓу останатото, ми напишал: „Секогаш се жалев на тоа дека сум со толку широки гради, горостасен, а сега многу се радувам за тоа. Кога има престрелка, двајца луѓе може да се скријат зад мојот грб“.

Тоа не беа само обични зборови - тој беше на фронт. Во него стрелаа луѓе, а тој го жртвуваше својот живот. Не беше убиен, но сепак, тој го жртвуваше својот живот. Со самото тоа што не му го одзеле животот, тоа не значи дека тој не бил подготвен да го даде, да го положи „за своите другари”, т.е. за другиот човек. Не за својот другар, туку едноставно за тоа војниче кое можело да се скрие зад него.

Исто така и ние можеме во текот на сиот свој живот, и во големи и во мали нешта да бидеме, можеби не херои, зашто за тоа ретко се укажува можност, туку подвижници, постојано да се подвизуваме за сѐ повеќе да наликуваме на Христос, сѐ повеќе да Го радуваме со тоа; постојано да светлиме восприемајќи ја Неговата Личност, учејќи за тоа што Му е одвратно, а што Му претставува радост. 

Се сеќавам на еден свештеник, тогаш сѐ уште многу млад, кого јас го гледав како старец бидејќи тогаш имав само десет години. Тој мене многу ме изненади. Го викаа отец Георгиј Шумкин. Беше свештеник во нашето детско одморалиште. И сите нас нѐ изненадуваше тоа што тој умееше да нѐ љуби безрезервно. Кога бевме добри, неговата љубов претставуваше ликувачка радост. Кога се лишувавме од благодатта, кога лошо се однесувавме, неговата љубов не се менуваше, туку преминуваше во остра болка што нѐ лекуваше и менуваше. Во тоа време јас за Бог не знаев ништо. Тоа ме вчудовиди и остана во моето сеќавање и во моето срце. Сето тоа ми се откри кога дознав за Бога... Бог нас нѐ љуби токму така. Он ликува, и Он умира на Крстот. Острата болка во срцето на отец Георгиј за нас стана повод да се преродиме и потоа да преобразиме и други луѓе. Мнозина од нас се променија поради тоа што не можеа да истрпат гледајќи ги неговите страдања. 

Ете во што се состои, со едноставни зборови и во рамките на обичното секојдневие, животот на христијанинот во современиот свет.

Крај

Извор: Бигорски манастир

Друго:

Митрополит Антониј (Сурошки) - Што значи да се биде Христијанин? (I дел)