презвитер Горан Стојчевски
ХРИСТОВИОТ „ФАБРИКАНТ„


„Човек кој се труди да стане, повторно паѓа, и пак станува, таквиот Бог никогаш нема да го напушти„
старец Пајсиј

Се чувствувам дека треба да напишам предговор, а тоа не го можам, бидејќи за да го направи човек тоа треба добро да ја познава и владее „материјата„ за која ќе каже некој збор. Тоа, теолошки ќе му дојде, да ја познаваш материјата значи да имаш теоретско знаење, а да ја владееш, е практично.Теоријата, еве нека биде слушањето за благата вест, Евангелието, иако се повеќе почнувам да се согласувам со зборовите на еден прекрасен православен  богослов, врвен теоретичар, а скриен практичар, како да ни ставил некој во увото некое апаратче, па веќе и не слушаме или како некој во очите да ни ставил нешто, па затоа не гледаме, па исполнувањето на благата вест некако киесло ни оди. И, затоа, би кажал само да Му благодараме на Бога и да го молиме да не смести во категоријата повторувачи, па се надевајќи се на милоста Негова, поупорно да се зафатаме со владеењето на материјата, оти од толку „големо„ познание, паѓаме на испитот, токму меѓу теоретскиот и практичниот дел, отстапувајќи му место на оној „некој“ т.е. ѓаволот да ни ги блокира и ушите и очите за позание и созерцание на Бога (спореди Матеј 13,13-16), за кое треба да биде подготвено нашето срце. Затоа, го имам чувството дека не можам да напишам нешто што би се рекло од „мој агол„, за светиот старец Пајсиј, за врвниот практичар, кој за храна на умот го имал благодатниот опит од љубовната заедница со Бог, а храната за неговиот разум или знаењето на разумот или теоријата ја имал од практичниот опит во молитвата (види во „Компатибилност на човечкиот со демонскиот разум„), затоа и ги парафразирав овие зборови на митрополит Наум за да дадам опис според задачата која ни е дадена пред нас, а нашата задача е секогаш личносна, без разлика дали пишуваме или зборуваме, а особено кога реализираме, постојано е низ призмата на взаемниот личносен однос на човекот со Бог граден низ послушанието кое е ослободување, како што вели св. Пајсиј Светогорец. Спомненав еднаш, во минатиот Премин, дека благодарам што нè преминува кон Бога со овие големи имиња на православниот опит, а секогаш при тоа ми надоаѓа и она слово на старец Софрониј со кое во репортажа за Есекс го започнав и пишувањето, дека академската теологија не е доволна за спасение! Читајте ги главно аскетските отци! Таму ќе ја научите вистинската теологија, ставот на умот и на срцето пред Бога. Чистата молитва не им се дава на оние што многу изучуваат, токму овие зборови на авва Софрониј ни откриваат дека главно своето познание за Бога, еве, теоретски да го црпиме од аскетските отци, а практично да ги подражаваме.

Со старец Пајсиј, сум се запознал во продавниците за сувенири низ Грција за време на летните одмори каде уште пред неговата канонизација, уживаше голема почит низ таа земја, неговиот лик и фотографија беше присутна низ сите побожни ракотворби, а пак, во неговиот случај се потврди и оној светоотечки, ќе речам правоверен став на Црквата, дека при канонизацијата на светителот ниту му се додава, ниту пак нешто му се одзема од она што тој го имал живеејќи во подвигот, односно не се сметал светителот за потполн човек додека не ја достигнал благодатта Божја во полнота, што би рекол св. Јосиф Спилеот. Од тој момент, ми будеше интерес да прочитам било што од него, а неговото дело „Духовна борба„ го запознав срочено со едно прекрасно објаснување, практични совети за луѓето од денешното време. И, навистина старец Пајсиј е присутен, како и старец Тадеј, Порфириј, Јосиф, Силуан, Софрониј, Ефрем, Героргиј...не само како делови во списанија, туку и со кратки извадоци од нивните слова на порталите и социјалните мержи.

Мојот опис, како за повторувач, знам дека е не е добар, но се надевам дека при запазувањето на формата не ја промашив содржината, а целта ми беше следна, да си го поставам прашањето извадено еве од контекст на словото од авва Софрониј, што правиме сега со преголемото количество на „читнување„ на аскетските отци, еве на оние што се наброени, дали академската теологија ја заменивме со цитирање на аскетските отци, или само ја надополнуваме, онака теоретски, или во краен случај дали само ја користиме во насока да го поткрепиме сопстното мислење, или клучното прашање, кое се трудиме да го избегнеме особено при самораководењето од книгите и цитатите, дали сме во послушание, а потоа во подвиг и исцеление, а со тоа дали сме во послушание преку подражавање на светите отци кои ги цитираме? Или, поворно од гореспоменатата проповед го храниме својот разум само цитати, кои секако се потврдени во еден осветен живот од конкретна личност, а тоа е соборно искуство на Црквата во која сè ни е дадено како на чеда од нашиот Отец преку Христа Исуса во благодатта на Светиот Дух, а дали ние ги потврдуваме тие животни искуства дадени за нас како поука во подвигот или ни служат само за „билдање„ на теолошко-теоретско познание или пак, е само некој просто издвоен цитат за исклучиво наша помош, издвоено спомнав, бидејќи некако стана „мода„ да се редат цитати само заради избавување од некое искушение во кое се наоѓаме, а не сакаме да се ставиме во оној благословен ред во Црквата на послушание, не за само нам да ни биде подобро, туку да го најдеме Оној во чие име се крстевме, Оној со Кого сакаме да бидеме во единство не само за да нè исцели, туку и да нè просветли и секако обожи, да ни го даде по благодат сето она што Он го има по природа, постојано и штедро ни го дава со учество во неговите несоздадени енергии, а Оној не е оној “некој„ туку е Христос Исус, Богочовекот, Име над секое име, со кое се спасуваме (Филип.2,9-11), тоа е и целта на сите поуки на аскетскте отци, да стекнеме познание и созерцание на Бога во очекување на дарот на молитвата, низ постојаната пракса опишана од молбата до нас на самиот св. Јован Златоуст, браќа, никогаш не го оставајте правилото на таа молитва, туку, и да јадете, и да пиете, и што друго да правите, постојано повикувајте: Господи Исусе Христе, Сине Божји помилуј ме, а уште поголем поттик треба да имаме оти Го јадеме и ја пиеме Неговото Тело и Крв во Литургијата на Црквата, како сведоштво дека ништо не е издвоено од Богочовекот, или накратко, сè што е соединето со Бога е спасено, а ние според зборовите на светата тајна Покајание пред духовниот отец, (подразбира и парохискиот свештеник) во Црквата, во духовното лечилиште сме дојдени за да се исцелиме од гревот низ исполнување на поуките дадени низ благослов, и треба да внимавме на нив (иако можеби не ни изгледаат како што сме читале и очекувале) за да не си отидме неисцелени и притоа двоен грев да се наталожиме со непослушание.

Во овој подвиг или поточно процес на исцеление наречен покајание треба да бидеме луѓе пчели, а не луѓе муви, што би рекол светиот Пајсиј, кои ги потврдува и разјаснува зборовите на великиот учител, пчелата на Светата Црква, св. Василиј Велики дека нашите зборови треба да бидат благопријатни, а нашите дела богоугодни, но сето тоа ако сме вредни како пчели, секако отфрлајќи ги лошите помисли кои доаѓаат од ѓаволот, за да се насочиме на цветот од добрите помисли, и сето тоа без „цепидлачење„ - (св. Пајсиј) во формата за да не ја промашиме содржината. Практично, еве една од многуте случки, постојано при едно патување грешев во возењето, промашував не само улици, туку и градови, и времето го губевме во кружење низ патишта, а мојот духовен отец ќе речеше, оче, не се нервирај, како ќе ги видевме инаку овие улици, и така и јас се успокојував гледајќи дека отецот секоја ситуација ја насочуваше кон добрите мисли и ми велеш секогаш да ги отфрлам лошите помисли, мислите дека послушав? Е, ама тоа многу ме чинеше додека не го разберам отецот, дека послушанието е ослободување, па макар се состоело и во два збора.

Во време на инвестиции, светиот старец Пајсиј советува човекот во себе да изгради фабрика на добри помисли, па еве ни можност, секој кој сакал да си ја оствари желбата да биде фабрикант и да произведува само добри мисли, па да го збогати не само своето срце туку и ближните околу себе, во тој процес на израбтока благодатта Божја ќе го крепи за да бидат вработени во благословеното производство сите чувства, мисли, зборови и сетила, за да постапиме по зборовите на Нашиот Спасител, добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро (Мт.12,35).

15-ти февруари, лето Господово 2016