15 септември, си спомнуваме за светогорскиот старец Арсениј Пештерник и Исихаст. Отец Арсениј – подвижник, кој стекнал дарови на духовно расудување, смирение и кротост, прозорливост и непрестајна молитва. Речиси цели 40 години отец  Арсениј бил неразделив соподвижник, духовен брат и сотаиник на великиот старец Јосиф Исихастот (1897-1959).


arsenij

За молитвата

Кога луѓе мирјани се интересирале за Исусовата молитва, старец Арсениј обично ги прашувал: „Имате духовник? Се исповедате? Одите ли во црква, се молите ли дома? Постите во среда и петок? Редовно се причестувате?“
Доколку посетителите биле семејни луѓе, додавал: „Се воздржувате ли со својата сопруга во пости, неделни дни и празници? Имате ли деца, колку што ви дава Бог? Имате ли љубов кон непријателите и пријателите? Ако постапувате така, тогаш ќе поразговараме за умната молитва. Ако не, и умна молитва нема. И да не губиме време“.

„Основа, секако, е Исусовата молитва. Ако имаш желба за молитва, не прекинувај ја молитвата. Таа собира се. Ако молитвата ослаби, читај акатист. Божјата Мајка многу ја сака и молитвата „Богородице Дево, радувај се“. Некогаш, кога неколку пати ќе ја прочиташ таа молитва, Богородица дава таква неопишлива сладост!“

„ Дојде твојот час, и се разбуди? Не расејувај се, не се проѕевај, не се влечкај да станеш. Монаштвото бара од нас бодрост, затоа што од тоа зависи дали ќе живееме или ќе умреме. Се разбуди? Стани, прекрсти се и веднаш: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“.

„Колку што е можно, внимавајте на јазикот, да не празнослови и да не осудува, но непрестајно да ја кажува молитвата, кога сте зафатени со работа. Тоа ви е мојот благослов, исполнувате го тоа, и сите ќе бидеме заедно во Христа“.


Отец Арсениј раскажувал: „Вчера куварот ми рече: „Благослови, ми изгоре јадењето“. „Веројатно имаше некоја лоша помисла“, – му одговорив. – „Не се сеќавам, геронда“. Тогаш, јас му реков: „Умот твој почнал да мечтае за нешто, и исчезнала молитвата“. – „Зарем тоа е поврзано?“ – „Поврзано е, и тоа како. Забележи, кога непрестајно ќе ја кажуваш молитвата, храната никогаш нема да го одвлече твојот ум, и ќе видиш колку вкусна храна ќе подготвиш!“.

„Колку што ве држат нозете, стојте на молитва, ако сакате да видите плодови“.

„Христос не бара од нас она, што ги надминува нашите сили. Ако ние навистина не можеме да стоиме, ни да седиме, тогаш Тој е со нас, дури и кога лежиме. Но, ако имаме сила, сатаната веднаш ќе не нападне. Веднаш ќе ни принесе небрежност и сон“.

 

 

Извор. Преспанско- пелагониска епархија