Светителот кој не простил
апр15 by Маран Ата   

Надвор од манастирот, на големата клупа, каде монасите седеа после службата, стариот Авакум со седа брада го простре своето уморно тело. А кога го здогледаа помладите монаси, брзо се собраа околу него, за да соберат слова на љубовта. Ретко стариот Авакум излегуваше во дворот, затоа тие немаа можност за тоа.

- Кој грев е најголем, Старче? – праша отец Нил.

- Злопамтењето, – одговори Старецот, – е многу голем грев, толку голем што нас може да нè лиши и од самиот Рај.

- Рајот? Значи толку е голем? – го прекина младиот монах Гаврил.

- Се сеќавам, – продолжи Старецот, – на една приказна од маченичките страдања на древните христијани.

Сите монаси завзедоа подобра положба, за да ја чујат душекорисната приказна на стариот Авакум.

„Се наоѓаме во времето на царот Валеријан. Во една далечна земја на Исток живеел еден христијански свештеник по име Никифор. Во тој град живеел и еден друг свештеник, Саприкиј, кого со Никифора го врзувало духовно и христијанско пријателство. Свештеникот Саприкиј бил и Никифоров духовен раководител. Но, ѓаволот го мразеше пријателството на овие двајца духовни браќа. Некаква клевета која стигнала до ушите на свештеникот Саприкиј била доволна да ја раскине нивната христијанска врска. За главниот виновник на клеветењето бил сметан Никифор, па свештеникот Саприкиј не само што не сакал да го види со своите очи, туку и смртно го замразил.

Многу пати Никофор се обидел да му се приближи, но залудно. Саприкиј не сакал ни да чуе. Праќал и други луѓе да го убедат повторно да станат пријатели, но ништо од сето тоа. Страста на злопамтење го беше заслепила. И колку повеќе времето минувало, толку повеќе свештеникот станувал се потврдоглав.

Тогаш во Источните области настанал голем прогон на Христијаните, посуров од било кој познат до тогаш. Момчиња и старци, дечиња и жени, биле одведувани на стадиони и во арените за да пострадаат заради љубовта кон Христа. Меѓу Христијаните го фатиле речиси меѓу првите и свештеникот Саприкиј и го ставиле на маки за да се одрече од својата вера. Го одвеле до Зевсовиот златен кип, но тој одбил да му принесе жртва. Заради тоа го фрлиле во темница, каде продолжиле да го мачат уште повеќе.

Никифор ги гледал страдањата на свештеникот и со многу пари го убедил чуварот да го пушти да влезе во темничката ќелија.

- Прости ми, оче, – му рекол плачејќи. – Јас сум виновен за сé. Прости ми.

- Никогаш, – рекол Саприкиј уште потврдоглаво.

- Но, наскоро ќе се раздвоиме засекогаш. Како да се разделиме со непријателство меѓу нас? Прости ми, – повторно преколнувајќи го рекол Никифор.

- Никогаш. Заминувај веднаш. Чувару, одведи го, те молам, одовде, немам веќе што да му кажам, – одговорил отсечно Саприкиј.

Никифор се збунил. Од Саприкија не очекувал толкаво спротивставување, особено сега, во моментите на страдање. Тешката капија се затворила зад него и Никифор се упатил кон својата куќа.

Следниот ден, еден војник му ја читал на свештеникот смртната пресуда. А џелатот го подготвувал мечот за да му ја отсече главата.

- Прости ми, – викал Никифор меѓу мноштвото народ кој се беше собрал.

- Никогаш. Никогаш, – повторувал остро Саприкиј.

- Прости ми, – бил упорен Никифор. Но, Саприкиевиот одговор не се менувал..

Меѓутоа, Бог не сакал такви маченици. Никој не влегува во Рајот ако пред тоа нема во себе љубов. Заради тоа Бог ја одзел од Саприкија Својата благодат. Тој тогаш почувствувал како да се разбудил од некаков длабок сон. Како да не знаел зошто се наоѓа тука врзан. Без Божјата благодат, бил само еден обичен човек.

- Ама што барам јас овде? – прашал љубопитно Саприкиј.

- Ти си осуденик зашто си Христијанин и зашто одби да им принесеш жртва на идолите, – рекол џелатот гласно.

- Не, еве, ќе принесам жртва, ќе принесам жртва, – одговорил исплашено Саприкиј, кој ја беше изгубил Божјата благодат.

Толпата останала заледена. Никифор се зачудил. Го дигнал својот поглед кон небото и видел еден ангел подготвен да го овенча маченикот. Но, кога Саприкиј се одрекол од Христа, венецот останал таму чекајќи некој нов маченик.

Тогаш Никифор излегол од толпата народ и со желба за мачеништво, извикал кон џелатот и собраниот народ.

- Христос денес сака еден маченик. Јас сум Христијанин. Напред, значи, што чекаш? Отсечи ми ја главата.

И така Саприкиевото место го превзеде свети Никифор”.

Сите останаа неподвижни, а Старецот, завршувајќи го својот расказ, рече:

- Ова е, деца мои, приказна од маченичките страдања на првите Христијани. Да се чувате, значи, од злопамтење и да Го молите Бога да нé исполни со љубов.

Младиот монах, отец Гаврил, се прекрсти и се помоли Бог да му подари љубов.

- Без љубов, дете мое, не можеме да Го сведочиме Христа ниту маченички да страдаме за Него, – повторно рече Старецот.

Монасите ја целиваа раката на стариот Авакум и се упатија кон своите келии, добивајќи голема духовна корист од оваа приказна.

Извор: Светитељ који није опростио

Преземено од: http://maranata0.wordpress.com/2011/04/15/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%B5%D0%BB%D0%BE%D1%82-%D0%BA%D0%BE%D1%98-%D0%BD%D0%B5-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B8%D0%BB/