ЧУДЕСНОТО ВИДЕНИЕ НА МОНАХИЊАТА ЕВПРАКСИЈА

(Продолжение)

 krstovi.jpg

На крајот, кога стасавме, се најдовме пред голем и мошне висок ѕид, на кој имаше една голема, затворена капија од мермер. Кога се приближивме до капијата, Архангелот крена една голема рачка, ја стави во еден четвртаст отвор, и ја отвори капијата. Пред да влеземе, здогледав и друга лествица, но поширока од претходната. Го запрашав Архангелот за неа, а тој ми рече дека е тоа широк пат кој води во пропаст. Се свртев удолу за да ја видам земјата, но не видов ништо друго освен голем хаос, и тоа мрачен. И за таа ужасна глетка го прашав Архангелот, и тој ми рече: „Сè што Бог создаде, беше многу добро, но луѓето, потчинувајќи му се на гревот, т.е., на смртта, ја потчинија, заедно со вас, и сета природа, која воздивнува чекајќи го своето ослободување“. Откако го кажа тоа, ме ослободи од прегратката и повторно, на чудесен начин, ме преобрази во мојата човечка природа. Но, сега бев облечена само во скромна облека, и бев боса. Кога влеговме низ капијата, газевме по густа, несвенлива трева. Го замолив Архангелот да не ме враќа на земјата. „Тоа е невозможно, зашто времето на твоето неповратно пребивање во небесниот Сион сè уште не е дојдено.“


Додека Архангелот ми зборуваше, се свртев во лево и видов еден огромен човек со сериозен и заканувачки изглед, којшто стоеше и пред себе држеше отворена една голема книга. Се исплашив од него, но тој, бодрејќи ме, ми рече: „Атина, не се плаши! Бог со цел ми го даде овој изгед. (Мислам дека ми рече дека е тој Адам). Во оваа книга, којашто ја гледаш, се запишуваат имињата и делата на оние коишто влегуваат во новиот Сион“. Притоа, десно од мене, здогледав еден младич, кого што го познавав од градот во кој живеев, и кој се викаше Михаил. Тој седеше на прекрасен коњ. Срдечно го поздравив и, радувајќи се, го запрашав од каде толку голема чест што ја има. „Зарем не се сеќаваш дека бев жртва за вистината, бранејќи ја правдата.“ И навистина, овој младич беше убиен зашто ја бранеше вистината и своите ближни.    


По ова, тргнав понатаму со Архангелот, и набргу стасавме пред друга капија којашто блескаше со извонреден сјај и светлина. Таа сета беше украсена со различни скапоцени камења. Но меѓу нив се истакнуваа и некои камења далеку поголеми и поскапоцени, и ги имаше дванаесет на број. Од нив излегуваше најжива светлина. Во секој агол, пак, имаше крстови со неискажлива убавина. Околниот ѕид беше од злато и сјаеше како сонце. На капијата беа закачени три клуча: едниот златен, другиот железен и третиот дрвен. Архангелот ја отвори вратата со златниот клуч и ми рече: „Со овој златен клуч оваа капија ја отвораат богатите, со овој железен клуч праведните, а со овој дрвен клуч сиромашните“.


Во првиот миг, кога влеговме и кога ја видов таа неискажлива глетка во сета нејзина натприродна убавина, од една страна, и мојата ништожност, од друга, застанав во недоумение и не се осмелував да направам ниту еден чекор напред. Одбивав да газам по бескрајните златни килими со неискажлива убавина и красота. О, колку блескава глетка. О, колку извонреден изглед на чудесна убавина и на нов бескраен живот. „Опушти се, ми рече Архангелот. Оди слободно, зашто сите овие добри нешта Господ ги подготвил за сите оние срца коишто активно се принудуваат себеси да Го сакаат Господа и постојано Го бараат. Тие ќе живеат во вечни векови. Но, еве, во пресрет ни доаѓа благородна Марија, којашто е предодредена да те прифати и да те приведе да поминеш низ новиот Сион и да ги видиш вечната слава и блаженствата. Повторно ти препорачувам добро да го запаметиш сето она што ќе го видиш, зашто е потребно да го раскажеш тоа на оние во светот, за да знаат дека Христос и денес и вчера, и во сите векови е ист.“


Видов, браќа мои, светлина толку различна од светлината којашто ја осветлува нашата жална водена земна топка, колку што се разликува светлината на денот од длабоката темнина на ноќ без ѕвезди. Чудесно беше тоа што моите очи се навикнаа на неа, и не чувствував ниту најмала болка. Напротив, желбата да ја гледам таа светлина беше ненаситна. А насекаде се ширеше неискажлив мир. Откако го видов сето тоа, се почувствував обземена и од внатре и од надвор со жив дух, со неизмерна радост и веселост.


Како што одевме напред, ова небо, за кое станува збор, и оваа светлина која навистина е подготвена за праведниците, стануваа сè поживи и поумилени. Вдишував постојано и имав неискажлива желба да зафатам од оној неискажлив мирис, зашто ми беше горчлива помислата дека по малку ќе бидам лишена од сето ова, и дека ќе бидам вратена на тажната земја.  


Одејќи така со Марија и гледајќи ја со восхит идната и непрестајна наслада на праведниците, се најдов пред Чесниот Крст, кој беше сличен на оној за кој ви кажав на почетокот на моето кажување. Повторно Го видов Христос распнат на него, но не мртов, туку жив. На Неговата чесна глава имаше трнов венец, а околу половината имаше најчисто, бело како снег платно. Покрај Крстот, кој сјаеше посилно од сонцето, видов лествица и трска. Пред таа величествена глетка на сепобедоносното противдемонско оружје, ме обзеде страв, зашто во тој миг се почувствував како да сум единствената виновна за Неговото неправедно распнување на Крстот. Но Марија, сета воодушевена, покажуваше живи знаци на духовна радост и срдечен трепет. Таа ми рече: „Гледај го, ништожен човеку, неисцрпниот таинствен извор од кој, како од преизобилен поток, тече сето пребогато вечно уживање на новиот Сион! Гледај го дрвото на Животот, засадено од почетокот среде Рајот и предодредено да ја излечи раната на непослушноста, раната на прататкото кој го презре ова Дрво на најсовршена љубов и го пригрна дрвото на безумното рамнобоштво (т.е., изедначување на себеси со Бога) и суетно самољубие и егоизам. Така гледан, Спасителот не виси, туку, држејќи ги рацете раширени, ја задржува воздушната дрскост на демонот до времето кога ѓаволот, кој нè измамува, ќе биде фрлен во огено и сулфурно езеро и ќе биде измачуван низ сите векови. Така, Спасителот ги зема гревовите на светот, и сите што веруваат во Него и сите што од Него се избавени од смртта, доаѓаат тука и Му се поклонуваат на Триипостасното Божество. Зашто, во овој град е престолот на Бога и на Неговиот Син. Тука се, исто така, и сите што Му служат. Затоа ти пријди сега и поклони се на трофејот на сетилната и на духовната природа. Целивај ги Неговите пречисти нозе, коишто ја газат главата на змијата, и целивај го и ова блажено Дрво на кое е уништена смртта.“


Овие зборови на небесната Марија, полни со живот, ме потресоа многу. Ронејќи солзи, пристапив до животодавниот Крст и, поклонувајќи се трипати, се испружив со љубов за да ги целивам нозете Христови. Тој, пак, стаса да ја пружи Својата рака, којашто ја целивав со срдечна предаденост.

(Продолжува)

Подготви: д-р Драган Михајловиќ


ВРАЌАЊЕ ОД ДРУГИОТ ЖИВОТ (II дел) 

ВРАЌАЊЕ ОД ДРУГИОТ ЖИВОТ (I дел)  

 

Посети:{moshits}