ЧУДЕСНОТО ВИДЕНИЕ НА МОНАХИЊАТА ЕВПРАКСИЈА

(Продолжение)

vulkan.jpgНе поминаа многу денови од тој настан, кога, според навестувањето на Спасителот, го изгубив својот блажен сопруг, кој тогаш имаше 22 години (јас тогаш имав 19 години). Но, дали поради мојата вродена љубов спрема мојот маж, или поради мојата негрижа, или поради небрежното сфаќање на онаа тајна на мојот потстриг и на онаа тајна на заповедта на Спасителот, мене прераната смрт на мојот сопруг многу ме потресе, зашто, покрај другите нешта, неговите морални карактеристики навистина беа неспоредливи. Големата тага навистина длабоко ме погоди, поради што и се разболев тешко. Седум месеци по прераната смрт на мојот сопруг, лекарите изјавија дека и мене смртта ми е на прагот. Во последните денови од мојот живот, речиси цел месец воопшто не можев да гледам, бев во бунило и бладав, што доаѓаше од разговорите со душите на починатите роднини и пријатели.  
На крајот, веднаш откако од нашата куќа излезе свештеникот кој тогаш по втор пат ме причести со Пречистите Тајни, видов како во нашата куќа влегува еден крупен младич, со крилја и со прекрасен лик, носејќи светло оружје. Носеше златен појас, на кој имаше закачено голема сабја во вид на пила, со сјајна рачка. Кога го видов како влегува, со насмевка и со голема благонаклонетост, го пречекав и го примив и, поткревајќи се, седнав на креветот. Младичот, пак, издигајќи се малку над земјата, застана во воздухот. Во меѓувреме, се нагрнав со наметка и повторно легнав. Тогаш младичот, со крупна става и со пријатен и кроток изглед, тивко ми се приближи и застана со едната нога на моите колена, а со другата на градите, и ми рече: „Кажи ì на мајкати да те облече во најубава облека... и да ти го стави и прстенот на раката, зашто треба да те одведам на суд“.
Ова ì го раскажав на мојата неутешна мајка; таа разбра дека тоа е предзнак на мојата смрт; веднаш постапи како што ì кажав, и ме положи во кревет. По ова, Архангелот (така ми кажа дека се вика) ми рече: „Кажи ì на твојата мајка да те положи така да гледаш кон Исток“. Мајка ми прво не сакаше, но кога ì реков дека така заповеда Архангелот, таа прифати и ме положи така. Тогаш Архангелот повторно застана над мене, како и првиот пат – зашто со тоа ми го покажа начинот на кој ги зема душите – и ми рече: „Не плаши се, зашто ти нема да умреш сега“. Истовремено видов момчиња како радосно стојат околу мојот кревет, а до вратата видов мало човече со црвена коса, сличен на мече, кој имаше мошне голема глава. Кога ми пријде, се исплашив. Но, момчињата ме бодреа, велејќи ми: „Не плаши се. Ние нарочито дојдовме за да те следиме“. Тогаш Архаангелот, застанувајќи повторно како и претходно, се издигна над мене, ме прекрсти трипати и рече: „Душо, излези од телото!“ Напоредо со тие зборови, почувствував како нешто излегува од моите гради, настојувајќи да излезе преку устата. Тогаш сфатив дека излегувам од својата уста во вид на гулабица. Гулабицата полета и му застана на раката на Архангелот, а овој вешто ме зеде во својата прегратка. Свртувајќи се, го видов своето тело мртво со полуотворена уста, и мојата мајка и мојот татко како плачат.
Потоа Архангелот, излегувајќи од нашата куќа, држејќи ме во прегратка, влезе во една голема куќа во нашиот град, во којашто здогледав лево и десно голем број убави и големи соби. Исто така, видов и момчиња облечени во бело и со радосно лице, како минуваат низ широките ходници во најголем ред и без и најмал шум, и во најголема тишина влегуваат и излегуваат од собите. Ова го гледав наоѓајќи се во една од тие соби, во којашто Архангелот, откако влезе и ме зеде во прегратка, ме преобрази во мојот човечки облик. Се видов себеси облечена во хитонот на мојата духовна хиротонија (потстриг). Исто така, на раката го имав и прстенот којшто ми беше даден од Распнатиот. Архангелот ми заповеда да останам во таа соба додека тој да се врати, но, штом тој замина, влегоа некои момчиња коишто, кога ме видоа – а особено кога го видоа прстенот на мојата рака – си намигнаа еден на друг и ме запашаа како се викам, и во една книга го запишаа моето име „Атина Алахизи“. (Тоа беше моето име пред замонашувањето).
Кога тие заминаа, дојде Архангелот, ме зеде за раката и, откако повторно на чудесен начин ме преобрази во гулабица, ме зеде во прегратка и излезе од куќата. Потоа минуваше над ридови и над бескрајни шуми, зашто, како што ми кажа, требаше да се искачиме на една мошне висока планина, а од неа, по лествица, да се искачиме на небото. Кога стасавме на таа висока планина, здогледав црни суштества со див изглед, коишто со долги црни јажиња извлекуваа од мрачен амбис една жена којашто лично ја познавав (а којашто сега живее на островот Калимнос), врзана од глава до петици со искинато јаже, премачкано со катран. Таа, ми рече Архангелот, крие во себе еден страшен грев, и ако не го исповеда, ќе ја снајдат уште пострашни маки.   
На планината ги видов споменатите лествици, коишто завршуваа во небесата, а нивниот долен крај не лежеше на земјата, туку беше прилично издигнат. Не знам од што беше направена лествицата, бојата ì беше сива, беше тесна, а пречките беа поставени на прилично растојание. Ме обзеде голем страв кога Архангелот, стапнувајќи на првата пречка, предизвика голем потрес. Но тој постојано мè бодреше. Потоа ми кажа да гледам наоколу. Свртувајќи го погледот удолу десно, видов бескрајно црно море, во кое се извишуваа големи и диви бранови. Во морето здогледав човечки тела во ужасна состојба, носени и фрлани на сите страни, во тешки маки. Архангелот ми рече дека се тоа фарисеи-лицемери. Долу, под лествицата, здогледав еден голем дел од копното (земјата) со издолжен облик, на кој стоеја црни и страшни демони со долги копја, трудејќи се да ме закачат и да ме грабнат. Потоа, додека Архангелот продолжуваше да се искачува по лествицата, којашто имаа четириесет пречки, видов и други демони како нè следат во воздухот, безбројни по мноштво, викајќи и барајќи од Архангелот да ме препушти на нив. Но тој постојано вадеше пари од некаква торба, којашто му беше закачена на рамото, ги раздаваше и брзо се искачуваше угоре. А тие, следејќи нè, покажуваа листови на кои беа запишани моите гревови.  
Потоа се свртев угоре за да видам дали сме стасале до саканото Небо, и видов дека лествицата се протега во бескрај а низ неа, како низ завеса, видов три неба. Првото небо имаше сина боја, второто бела со некои ситни облачиња, а третото, повисоко од првите две, беше сосема светло и слично на злато.

(продожува)

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

 ВРАЌАЊЕ ОД ДРУГИОТ ЖИВОТ (I дел)