прот. Александар Шмеман 

Глава од книгата "Големиот пост"

1. „СЕРИОЗНО“ ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ПОСТОТ

svestenik.karpa1.jpgКако да го примениме учењето на Црквата за постот во нашиот живот? Како може Великиот Пост да биде не само номинален, туку вистински двигател во нашето постоење? Нашиот живот (треба ли тоа да го нагласуваме!) во голема мера се разликува од животот што го живееле луѓето кои што ги создавале стихирите, каноните, службите, прописите. Тие живееле во мали заедници, надвор од градовите, во еден органски православен свет, и самиот поредок на нивниот живот бил устроен сообразно на Црквата. Денес живееме во огромно, урбанизирано, технолошко општество, „плуралистичко“ во своите религиозни убедувања, секуларно според светогледот, во свет во кој ние, православните, претставуваме незначително малцинство. Великиот Пост, надворешно гледано, веќе не зазема толку силно изразено место во нашиот животот, како порано. Затоа нашето прашање е мошне актуелно: можеме ли ние навистина да се придржуваме до Постот, а да не се ограничиме, како што тоа често се случува, со две-три „символични“ промени во нашиот секојдневен живот?


Јасно е, на пример, дека за повеќето верни е невозможно секојдневно да присуствуваат на богослужбите за време на Великиот Пост. Тие и понатаму доаѓаат во црква во недела, но, како што знаеме, неделните литургии за време на постот, надворешно гледано, по ништо не се разликуваат од обичните и, со тоа, присуствувајќи на нив, на верните речиси им е невозможно да ги „почувствуваат“ великопосните особености на богослужењето, преку кои ни се соопштува духот на Великиот Пост. Бидејќи културата, на којашто ì припаѓаме, на ниту еден начин не го одразува Великиот Пост, не треба да нè чуди што нашиот однос спрема Великиот Пост се сведува на негативно поимање, односно на поимање на постот како временски период кога некои работи, како што се, на пр., месото, маснотиите, игрите и разонодите, се забранети. Вообичаеното прашање: „Од што се откажувате за време на постот?“ – е добар пример на таквото негативно поимање. Од „позитивна“ гледна точка, Великот Пост се дожувива како време кога сме должни да ја исполниме својата годишна религиозна „обврска“ да се исповедаме и Причестиме („не подоцна од Цветната недела“, како што прочитав во еден парохиски билтен). По исполнувањето на таа „обврска“, останатото време од Великиот Пост како да го губи позитивното значење. 


Очигледно е дека со тек на време дошло до длабоко разногласие или противречие меѓу духот и „теоријата“ на Великиот Пост, коишто се обидовме да ги објасниме врз основа на великопосните богослужења и, од друга страна, сеопштото направилно поимање на Постот, коешто понекогаш го поддржува и го шири самото свештенство. Зашто, секогаш е полесно духовниот принцип да се сведе на формален, отколку зад формалните принципи да се бараат духовните. Може да се каже, без претерување, дека постот, макар што сè уште се „спазува“, го изгубил непосредниот допир со нашиот живот, престанал да биде онаа бања на покајание и преродба каква што треба да биде според богослужбеното и духовното учење на Црквата. Можеме ли повторно да го стекнеме тоа изгубено поимање на постот, повторно да го направиме духовна сила и секојдневна реалност на нашиот живот? Одговорот на ова прашање во најголема мера, би рекол дури и исклучиво, зависи од тоа дали ние сакаме сериозно да се однесуваме спрема Великиот Пост?


Колку и да се разликуваат денешните услови на живеење од некогашните, колку и да се реални тешкотиите и пречките коишто ги создва современиот живот, ниту едно од тие нешта не може да претставува апсолутна пречка, ниту едно од нив не може да го направи Великиот Пост невозможен за нас. Во суштина, корените на прогресивното губење на реалното влијание на Постот во нашиот живот се далеку подлабоки. Тие се сведуваат на свесно или несвесно редуцирање на религијата на површен номинализам или на символизам – како најдобри начини за „заобиколување“ и извртување на сериозните религиски барања во врска со нашиот живот, барањата за напор и подвиг.


Мора да додадеме дека таквата „редукција“ им е особено својствена на православните. Западните христијани – римокатолиците и протестантите – соочувајќи се со нешто што го сметаат за „невозможно“, попрво ќе внесат измени во самата религија, „прилагодувајќи“ ја на новите услови и правејќи ја на тој начин „примамлива“. Видовме, на пр., како неодамна Римокатоличката црква  прво го редуцирала постот буквално на минимум, а потоа едноставно го укинала. Кон таквите „прилагодувања“ на постот спрема условите на живеењето ние обично се однесуваме со оправдано негодување, сметајќи го за промена на христијанското предание, за минимизирање на христијанската вера. И навистина, славата и вистината на Православието е во тоа што не се „прилагодува“ спрема нештата, што не го симнува нивото, што не се обидува да го направи христијанството прикладно и лесно. Тоа е слава на Православието, но не и на нас, православните.


Не денес, не ни вчера, туку уште одамна најдовме начин да ги помириме апсолутните барања на Црквата со нашите човечки слабости, и тоа без трошка срам. Најдовме и причини во сопствените очи да изгледаме праведни и да имаме мирна совест. Тој начин се состои во символичното исполнување на барањата на Црквата; символичкиот номинализам проникнува денес во сиот наш религиозен живот. Така, на пр., нам не би ни паднало на ум да промениме нешто во нашата Литургија или во монашките типици (недај Боже!): ние едноставно богослужбата, којашто трае подолго од еден час, ќе ја наречеме „сеноќно бдение“ и гордо ќе објаснуваме дека се работи за истата служба што ја служеле монасите во лаврата на св. Сава во IX век.    


Што се однесува на Великиот Пост, наместо да поставуваме суштински прашања: „Што значи да се пости?“ или „Што е Велики Пост?“ — се задоволуваме со великопосен символизам. Во црковните списанија се објавуваат рецепти за „деликатесни посни јадења“, и парохиите дури можат да соберат дополнителни приходи врз основа на добро рекламиран „вкусно приготвен посен ручек“. Во нашите цркви нештата толку многу се објаснуваат символички, во вид на интересни, живописни и забавни обичаи и традиции, коишто не нè поврзуваат толку со Бога и со новиот живот во Него, туку со старите времиња и со обичаите на нашите предци, што зад тој религиозен фолклор сè потешко може да се согледа длабоката и сериозна смисла на религијата. Сакам да нагласам дека во тие обичаи нема ништо само по себе лошо. Кога се појавиле, тие на луѓето им служеле како начин за изразување на нивниот сериозен однос спрема религијата; тоа не биле символи, туку самиот живот.


Но, дошло до промена на начинот на живеење, и животот сè помалку се градел врз темелите на религијата; некои обичаи се задржале како „символи“ за начинот на живеење кој веќе не постоел. А се задржало најживописното но, истовремено, и најлесно за исполнување. Духовната опасност тука била во тоа што луѓето постепено почнале да се однесуваат спрема самата религија како кон некаков систем на символи и обичаи, наместо символите и обичаите да се разберат како предизвик за возобнова и за усилба. Повеќе сили се трошат на подготвувањето посни јадења и за велигденското „омрсување“, одошто на самиот пост и на подготовката за учеството во тајната на Воскресението Христово. Сè додека световните обичаи и традиции не се соединат повторно со религиозниот однос спрема животот, од којшто потекнуваат, и сè додека односот спрема символите останува несериозен – и Црквата ќе остане одвоена од животот, ќе нема власт врз него. И така, наместо да го „символизираме наследството од минатото“, ние тоа наследство мораме повторно да го вклучиме во нашиот живот.


Сериозен однос спрема Великиот Пост значи, пред сè, дека ние спрема него се однесуваме, по можност, на најдлабоко рамниште на нашето сознание – го восприемаме како диховен повик кој бара одговор, одлука, постојани усилби. Ние знаеме дека токму заради таа цел Црквата востановила подготвителни недели за Великиот Пост. Тоа, всушност, е време за одговор и за одлука. Најдобриот и најлесниот начин за тоа е – да се препуштиме на раководењето од страна на Црквата, макар и само преку размислувањето во врска со содржината на петте евангелски теми коишто Црквата ни ги нуди за петте недели коишто му претходат на Постот: за желбата (Закхеј), за понизноста и смирението (митарот и фарисејот), за враќањето од прогонство (блудниот син), за судот (Страшниот Суд) и за проштевањето (Недела на простувањето). Овие евангелски текстови не треба само да се слушнат во црквата, туку и да се понесат со себе „дома“ и да се споредат со личниот живот, со личната семејна состојба, со личните професионални обврски, со грижата за материјалната страна на животот, со личните односи со луѓето со кои живееме.


Ако кон овие размислувања ја додаде и молитвата во подготвителните недели: „Отвори ми ја вратата на покајанието, Животодавецу...“ и псалнот 137 „На реките вавилонски...“, човекот почнува да размислува што значи „да живее заедно со Црквата“ и како богослужбените особености го  украсуваат секојдневниот живот. Добро би било, за време на постот, да се прочита и некоја книга со религиозна содржина. Целта на тоа читање не е само ширењето на нашиот религиозен светоглед, туку, главно, очистување на нашиот ум од сето она што го исполнува. Изгледа речиси неверојатно колку нашиот ум е исполнет и оптоварен со секаков вид грижи, интереси, стравувања и впечатоци, и колку мала контрола имаме врз сето тоа. Читањето книги со религиозна содржина, кога умот е сосредоточен на нешто сосема различно од обичната содржина на нашите мисли, само по себе создава друга умствена и духовна атмосфера. Сето тоа не треба да се прима како „рецепт“ – можат да постојат и други начини за достојна подготовка за Великиот Пост. Главно во сиот тој подготвителен период е тоа што почнуваме да го очекуваме Великот Пост како нешто што ни доаѓа од далеку, или, можеби, како нешто што ни е испратено од Самиот Бог како можност да се промениме, да се возобновиме, да се продлабочиме, и да почнеме сериозно да се однесуваме кон таа можност, така што во денот на простувањето (прошталната недела), тргнуваме на Вечерна подготвени со сета искреност да ги восприемаме и почувствуваме како свои зборовите на великиот прокимен, кои го означуваат почетокот на Великиот Пост:
Не одвраќај го лицето Свое од слугата Твој, зашто сум тажен...

(продолжува)

Подготви: д-р Драган Михајловиќ