презвитер Горан Стојчевски
БИБЛИЈАТА-КНИГА НА ЖИВОТОТ
ЛИТУРГИЈАТА – ПРЕДАНИЕ ЗА ЖИВОТ ВЕЧЕН

Православните христијани отсекогаш верувале дека Светото Писмо ја достигнува својата полнота само во црковната евхаристиска заедница. Овој заклучок, не го оспорува, на пример, автономниот статус на Библијата во контекст на она што се нарекува важност во светската книжевност или лично читање. Затоа меѓу современите отци на Црквата преовладува, може да се каже и без претерување констатацијата дека литургиската димензија е единствениот сигурен критериум кој го определува пристапот на православните христијани кон Светото Писмо. Значи, православното гледиште за читањето на Светото Писмо најпрво, и пред сé е црковно и литургиско.
Некои го читаат Светото Писмо за да се убедат во теолошките и догматските вистини, за голем дел, ваквиот пристап на читање на Библијата е задоволување на своите верски убедувања. Други, пак го читаат Писмото како извор на морални, општествени и етички норми, т.е. се поучуваат како да постапат правилно во однос на себе, на ближниот, на светот. Но, онака како што христијаните од самиот почеток го читале Светото Писмо, а тој однос го имале и имаат монасите, како средство за лично духовно образование, како средство со кое се расте во верата Христова, и со кое се достигнува обожување, стекнување на подобието Божјо, но на тој начин се учествува во заедницата која постои во Бог, Телото Христово – Црквата. Тој спасителен начин на читање на Библијата, е патот низ кој поминува христијанинот под духовно раководство на духовниот отец, и тоа е начинот на кој се чита Светото Писмо според растењето во духовниот живот, по мерата од растот на полнотата Христова (Еф. 4,13).
Според Православната Црква читањето на Библијата е и лично, бидејќи верните го сметаат Светото Писмо за свое лично Божјо писмо, но и соборно, бидејќи сé во Светото Писмо се однесува на нас како живи и конкретни личности, но и на заедницата собрана околу Телото и Крвта Христови на Литургијата кога причестувајќи се, сведочиме дека сме Црква.
Во некои делови од христијанскиот свет, Библијата е наметнувана како авторитет, во услови кога е нагласена само историската димензија на Црквата, но на православниот Исток читањето на Светото Писмо било доверено на благодатниот духовен живот во чија основа лежела соборноста. Библијата ја читаме преку Црквата и во Црквата, и тоа е вистинското искуство, ако Црквата ни кажува што е Светото Писмо, тогаш таа и ни кажува како да го разбереме тоа што го читаме лично. Бог на секого му се открива лично и на поинаков начин, и Он зборува преку срцето на човекот, но го разбираме тоа што го читаме соборно, бидејќи на Литургијата, Бог е меѓу нас, со нас и во нас и само преку таков литургиски живот во Црквата го разбираме она што ни го кажува Бог преку Апостолот и Евангелието. Она што во Црквата е пренесено како искуство во начинот живеењето во Црквата преку духовното раководство, односот на духовен отец и духовно чедо, не само што е вистинскиот благодатен пат за покајание, очистување на срцето и обожување, туку е пат кон вечниот живот и единството со Бог во  Царството Божјо кон кое копнееме, а кое единствено го предвкусуваме на Светата Литургија. Но, она што сме го прочитале и она кое сме го искусиле на Литургијата треба да го пренесеме на ближниот, на светот, со збровите, со мир да излеземе, и тој Христов мир да го пренесеме, само по тоа ќе познааат дека сме Негови (Јован 13, 34-35 и Јован 14,15).
Ова е накратко, како се гледа на читањето на Библијата во Црквата, а  дали би се зголемил процентот на христијани кој го читаат Светото Писмо, тоа сепак зависи од нашата подготвеност да водиме еден духовен и литургиски живот во Црквата, тоа подразбира исповед, пост, молитва, добродетели, и на тој начин во еден таков живот несомнено вистинската храна ќе ни биде Христос Богочовекот, Кој каде ќе го бараме, ако не во Светото Писмо, кое сведочи за Него, а Он сведочи за Воскресението и вечниот живот. Во поуките, заповедите, параболите, библиските случки ни се открива токму Он, Хрситос во Кого живее сета полнота на Бог - Света Троица (Кол. 2,9). (*текстот беше прочитан на трибина посветена на неделата на Светото Писмо)
П.С. Деновиве прочитав во наште медиуми дека се одржал некој концерт за подршка на феминистичката панк-група која се глупираше во храмот на „Христос Спасителот„ во Москва, па се крена галама од звучни светски музички ѕвезди, па еве дури и овде имаше една колумна каде се тврдеше дека протестот што го организирале кај нас требало да биде наместо пред Руската амбасада, пред Соборниот храм, небаре Православната Црква ги осуди за „перформансот„,па и концерт за поддршка... Пред неколку месеци, во Саудиска Арабија беше уапсен и осуден христијанин затоа што имал дома икони и се молел, потоа на христијаните во Египет им гореа црквите, а сега во Сирија оние што биле против „недемократскиот режим„ ги рушат црквите и прогонуваат христијаните, а притоа дали сте слушнале некоја светска музичка или филмска ѕвезда да се побуни против тоа, или дали некој пишува за ова, или дали ќе одржи концерт во знак на сострадалност, НЕ, за жал. Значи, камилата ќе ја проголтаме, а комарецот ќе го цедиме, и нашата лицемерност никако да ја надмине онаа на фарисеите и садукеите, затоа да го читаме Светото Писмо и да се молиме за себе, а особено за другите кои страдаат.

Извор: ПРЕМИН бр.83-84