Архимандрит ЛАЗАР Абашидзе
КАКО ДА СЕ ИЗЛЕЧАТ БОЛЕСТИТЕ НА ДУШАТА?


 
 
КАКО СМИРЕНИЕТО  МОЖЕ ДА  БИТИ ЛАЖНО?
 
 Овде често сме повторувале: треба да се смируваме, да тежнееме кон смирение, пред се`... Меѓутоа, треба да се каже дека и смирението може да биде лажно .
 Како прво, треба да се направи правилна разлика  помеѓу смирение и смиреномудреност, од една, и помеѓу  смиреномудреност и смиренословие , од друга страна.
 
Смирението е една од најголемите евангелски  добродетели , која што е недостапна за човековото сфаќање. Смирението е божествено, тоа е Христово учење , Христово својство , Христова дејност. Преподобен Јован Лествичник вели дека само оние што ги води Духот Божји можат на задоволителен начин да расудуваат за смирението. 
 
Оној што сака да стекне смирение мора многу грижливо  да го изучува Евангелието и со  големо внимание да ги исполнува  заповедите на нашиот Господ Исус Христос . Исполнителот на Евангелските заповеди  може да ја спознае својата сопствена гревовност  и гревовноста на целиот човечки род  и на крајот да стекне свест и убедување  дека тој е најгрешен и најлош од сите луѓе. Смирението е  чувство на срцето.
 
Смиреномудреноста, пак,   е начин на размислување  кој во потполност е земен  од Христовото Евангелие.  Човекот прво треба да се учи на смиреномудреност , и колку повеќе се вежба во смиреномудреноста, толку повеќе душата  стекнува смирение  (9, т.  1,  стр. 306).
Смирение на душата и`  дарува Бог , тоа е веќе дејство на Божјата благодат, а  со  смиреномудреноста  ние се подготвуваме  за смирение , му ја покажуваме на Господа сопствената желба  да задобиеме свето смирение. 
 
Бидејќи е смиреномудар, Христијанинот се труди  се` да стори така, како веќе да има смирение  - во односите со ближните , во сите свои активности  и во помислите , иако душата се` уште не се смирила,
тој треба да се придржува  до смиреното расположение  преку принуда на волјата, сето време да се воздржува од своите дрски пориви.
 
 Меѓутоа,  ова не е претворање и лага, зашто има за цел  со вакво однесување навистина да се стекне  смирение, и секако,  заради тоа човекот треба да се однесува скромно , да говори тивко , да оди спокојно , да не се спори, да не се истакнува себе си , итн.
Меѓутоа, смиренословието  многу личи на смиреномудреноста. Неговите дејства  се навидум исти, однадвор така изгледаат , но внатре е нешто сосема друго. 
Смиренословието однатре има друга цел, тоа на луѓето сака да им се покаже  како смирение , со оваа цел прима на себе маска на  смиреност , го спушта погледот , говори тивки и скромни зборови , во целокупниот човечки изглед се огледува тивкост и воздржаност , или пак, тој говори  разобличувачки фрази за себе , а сето тоа само за да се покаже  како смирен  пред другите и за луѓето за него да имаат добро мислење.
 
„Колку што е корисно да се прекоруваш себеси и да се обвинуваш себеси заради грешноста пред Бога во тајноста на срцето, толку е штетно да се прави тоа пред луѓето. Во спротивно, ќе побудуваме ласкаво мислење за себе како за смирени луѓе,“
 говори Св. Игнатиј.
Тој забележува интересна работа:  на светот ни најмалку не му се допаѓа вистинското смирение кај луѓето, а лажното и пртворното секогаш го привлекува.
Светителот пишува: „Оние луѓе кои во монашкиот живот стекнале особена слобода и простота на срцето, кои не можат да се преправаат во однесувањето со ближните на светот не му се допаѓаат!
 Тој ги смета за горди...
Светот бара ласкање, а во нив гледа искреност која не му е потребна, наидува на разобличување кое што го мрази“.
 
 Забележано е дека вистински смирените луѓе, кои ги сакаат ближните, ни најмалку не се грижат за надворешниот впечаток кој го оставаат на другите, тие водат сметка за својата душа и зафатени се со вистинското исполнување на Христовите запиоведи во однос на ближните.
Надворешното однесување на овие луѓе е многу воздржано, понекогаш дури изгледаат претерано сурово или строго. Меѓутоа, подоцна секогаш се открива дека овие луѓе ислкрено се грижеле за  ближните, дека навистина биле сомилосни и им пружале помош.
А лицемерите, преправачите и лажно смирените луѓе често се многу предусретливи, мили и услужни, но, ако човека го снајде тага, несреќа или тешкотија ќе се види дека тие се далечни,  студени и туѓи, дека се рамнодушни кон  сите страдања  на ближните. Токму тоа е фарисејскиот квасец од кој  Нашиот Господ  Исус Христос им заповедал на своите ученици да се чуваат. 

Превод : М. Даниловска
Извор: Светосавље
http://www.svetosavlje.org/biblioteka/DuhovnoUzdizanje/BolestiDuseAbasidze/BolestiDuseAbasidze19.htm