Архимандрит РАФАИЛ (Карелин)

pat..jpg

ДА ГО НАЈДЕШ БОГА И САМИОТ СЕБЕ

Да се спасиш -  значи да Го најдеш Бога и да се најдеш самиот себеси. Секој човек е неповторлива појава, во која се искажани премудроста и красотата на Создателот. Некои сметаат дека спасението значи откажување од себе како личност и индивидуалност, растворање во некаква општа, апстрактна идеја. Според нас, тоа е заблуда.

Човекот треба да се ослободи од туѓото во себе, а не од самиот себе, и да ја зачува својата личност и индивидуалност како дар Божји. Ако целото создание е воопштеност и унифицираност, Господ можел да нè создаде во вид на еднакви геометриски фигури. Секој човек има неповторлива телесна структура. Тоа е знак дека секој човек има единствена душа во целиот свет. И во тоа како да се подоткрива красотата Божја, отсликана не во еднообразноста, туку во многуобразието на Неговото создание.

Човекот мора да се најде себеси среде туѓото коешто проникнало во него и го обвиткало од сите страни. А туѓото  тоа е гревот, страстите и светот. Но, на духовниот пат често се среќава следнава грешка: за да се ослободи од туѓото, од она што не му припаѓа, човекот го уништува не само гревот, туку се уништува и самиот себеси, ја уништува неповторливоста на својата личност, дадена од Бога, односно лицето на својата душа. Тоа е слично на ситација во која реставратор, наместо да ја очисти сликата од наталожената прашина и нечистотија, ја пермачкува со грунт и слика врз неа друга слика која, згора на сè, е многу полоша од оригиналната.    

Сметаме дека постојат две опасности на духовниот пат, кога човекот се осакатува себеси, како пеач кој пее со туѓ глас  тоа е принудување, односно насилие и подражавање. Човекот може да подражава примери од книги, луѓе со кои се среќава, апстрактен или идеален образ создаден во неговите мечти, заборавајќи притоа дека таквиот пример е  живот на друг човек, одраз на друга личност и друга индивидуалност, а апстрактниот образ секогаш е соединет со распалено мечтаење и со нас, конкретни реалии, нема никаква врска. Тоа подражавање на друг е тесно поврзано со вообразбата и затоа станува прокрустова постела за душата, доколку таа не се ориентира кон духот, туку кон надворешното. Ние секогаш остануваме она што сме, и никогаш нема да станеме друга личност; но, своето „јас“ можеме да го извалкаме и да го осакатиме, односно да го изгубиме својот пат. Ние мора да го најдеме своето, и затоа човек кој ги зема предвид искуството и примерот на другите, не смее да се идентификува со нив, туку мора да исходи од самиот себе, и само да прави разлика што е наше, а што туѓо, што е она што и е својствено на нашата душа, а што во неа е наталожено однадвор. Тој мора да ја реши задачата  меѓу линиите што се сечат да најде свој, а не туѓ пат. Во служењето на Бога, во духовниот живот е важно да не се изгуби својата личност, но не онаа којашто се смета за личност на светот  кондензат на гордост и славољубие  туку својата внатрешна неповторливост, иста онаква каква што е и неповторливоста на отисокот на прстите или бојата на гласот. Ако тоа не се реализира во диховниот живот, човекот ќе стане дволичен,  ќе биде нечиј двојник  на некое лице од прочитаните книги, од околната средина, или од својата сопствена мечта. Но, истовремено, тука е мошне важно во никаков случај човекот да не се идентификува со своите страсти, приврзаности, со својата горделивост, со својата неприродна состојба, како што, впрочем, ни болниот не се идентификува со својата болест.

Човекот се наоѓа себеси единствено ако се бори со гревот; тој притоа како да се откопува и извлекува од земјата на своите страсти. Како да го разликуваме гласот на гревот и на страстите од гласот на душата? На гласот на гревот срцето се одѕива со чувство на тревога – тоа или молчи, прикривајќи се, или, сликовито кажано, липа. Гревот го стега човековото срце, го прави мало, тесно и мрачно. Некаква сенка паѓа врз човекот – сенка на идната казна. Гласот на страстите е проследен со чувство на наслада, притоа умот како да ги затвора своите очи, пропаѓа во темнина, а вниманието се слева со чувството на наслада – тоа е успиеност, потонување во подсознание, во процес кој нема своја цел, односно процесот сам    по себе станува цел или поматена радост на нервите и на крвта, слично на чудното задоволство коешто човекот го доживува кога ги чеша раните или крастите на своето тело. Признакот на страстите е – гаснење на умот (без оглед дали причината е гневот или похотата), излишната приврзаност – туѓа на душата – кон некого или кон нешто, мислата дека не можеме да живееме без тоа „друго“. Згора на тоа, предметот на страстите потсвесно добива значење на Божество.

Следењето на својот пат му дава на човекот чувство на мир, а при дејствување на благодатта, кога се уриваат сите противречности – голем спокој и внатрешна слобода, како во човекот да се проширило срцето (на духот веќе не му е тесно во срцето). И уште – чувство на радост. Туѓиот пат ретко донесува радост. Духовната радост може да биде присутна и при длабоко покајание на човекот. Тоа не е емоционална земна радост, туку мир во срцето, озарен со топла светлина. Кога благодатта во душата вели: „Тоа е мое“ – тогаш нема сомнеж, а кога наместо духот страста говори: „Тоа е мое“ – во срцето се јавува сомнеж и збунетост и тоа се колеба и се тревожи. Но, страста со својата агресивна енергија создава тревога, го истерува сознанието од срцето, како што се брка куче од туѓ двор, и го принудува разумот самиот себеси да се лаже.

И така, првото зло – според нас – е надворешно подражавање на примери во кои секогаш постои артистичка игра. Па дури и ако таа игра е поврзана со напор кој води до степен на подвиг, таквиот подвиг за душата сепак ќе се покажа како надворешен. Второ е – насилието: насилието од страна на светот (според зборовите на аскетите, обичаите на светот се распламтени страсти), насилието од страна на нашите блиски коишто сакаат да бидеме слични на нив. Родителите, коишто им дале живот на децата, често на нивото на својата потсвест сакаат да живеат во своите деца, и затоа вршат насилие врз личноста на своето дете, коешто не е приврзок на своите родители, туку индивидуално битие. Во борбата против тоа насилие потребни се храброст и смирение; впрочем, храброста и смирението, правилно разбрани, се едно и исто. Смирението без храброст се претвора во кукавичлук, во капитулација пред надворешната сила, а храброста без смирение се претвора во дрскост, во желба на удар да се одговори со удар.

Уште еден вид насилие произлегува од неискусни духовни раководители. За духовно раководство треба да се има способност за чувствување на туѓата душа. Духовен раководител не се „назначува“, а обемот на прочитаната литература не го прави човекот духовен наставник. За тоа се потребни способности, интуиција, благодат на Светиот Дух, за да се согледа душата на секој човек, таа да се почувствува, да му се помогне на човекот да се најде самиот себеси и да го најде својот пат. Човечката душа е подлабока од сите системи и теории. Духовник кој дејствува според шаблон и шема, како психолог, ќе ги осакати своите духовни чеда. Духовниот отец треба да располага со таков вид, со помош на кој ќе го види лицето на душата, како да влегува во другата личност, како да ја гледа однатре, ја прима врз себе. Во две исти ситуации на две различни личности тој може да предложи спротивни решенија, на едно исто прашање може да даде различен одговор. Неискусен раководител ќе се потсетува што читал кај некој од светите отци, како на слепо да зема од полица лекарство и го дава на човек без да знае од што тој боледува. Духовен раководител не се станува по порачка, како што е невозможно човек да стане поет откако ќе прочита мноштво стихови – тоа е дар Божји, тоа е онаа древна харизма којашто – макар и во ослабната и прикриена форма – сè уште дејствува во современиот црковен живот.  

Ќе наведеме уште една споредба: неискусниот духовен раководител може да го споредиме со лекар кој, опкружен со прирачници, издава рецепт дури и без да го види болниот, без да ја види болеста. Има и вакви случаи: „духовниот раководител смета дека со добивањето свештенички чин ја добил и гаранцијата за безусловна исправност на сите совети и одлуки што ги дава; затоа своите совети и укажувања до паствата ги вреднува како да се црковно таинство. Тој обично воопшто и не чита никакви духовни книги, сметајќи дека со самото ракополагање неговите мисли веќе се осветени. Тој во беседата наликува на пијан човек којшто е убеден дека е доволно да удри по столбот, и тој ќе се урне. Столбот нема да се урне, но таквиот (духовник) може тешко да го осакати човект кој што ќе го сретне на својот пат. Постојат „духовни раководители“ коишто се поигруваат со страстите и со желбите на своите духовни чеда, заради задоволување на сопствената суета, или за да предизвикаат нивна приврзаност кон себе. Човекот го сака оној што ги оправдува неговите страсти. Постојат „старци“ коишто собираат околу себе духовни чеда само за да ги испратат да работат во нивната градина.

Ако духовниот раководител не ја чувствува интуитивно душата на своите духовни чеда, тој најчесто ќе запаѓа во две крајности  или ќе почне да покажува непотребно голема внимателност, оставајќи ги болестите спокојно да се развиваат, а раните да скапуваат, или  што е карактеристично за неискусните, но решителни лекари  да не ги испробува сите средства, туку веднаш да примени шок-терапија и ампутација.

Господ на секој човек му дал некаков талант. Тоа е мошне добро избран збор: талант е мера за злато. Бог, како родител, на секој човек му дал во наследство особени способности и одредена струка. Човек само мора да го пронајде, внимавајќи притоа да не згреши: својот талант во душата да не го смени со нечиј туѓ, талант кој за него е надворешен и безживотен. Човекот не смее да се замени себеси со некој друг. Евангелието е  Личост на Самиот Христос Спасителот: тоа е Божествено и истовремено длабоко човечко. Затоа секој човек во Евангелието ќе се најде самиот себе. Евангелските заповеди ì даваат ширина и слобода на внатрешниот живот. Христос ги предупредувал своите ученици да не ги заменуваат заповедите со надворешни прописи, со формули за живот, кога личноста и индивидуалноста не се ориентира спрема идеалот на Евангелието, туку се потчинува на формални закони. Во таа принципиелна разлика меѓу христијанството, коешто ја препородува личноста во Бога, и талмудизмот, којшто го заклучува човекот за сиот негов живот во железен корсет на правила, закони, дозволи и забрани, за да се оформи воопштен тип на Јудеец. Евангелието во својот универзализам е свртено кон личноста, а Талмудот е свртен кон етносот како самостоен субјект и како највисока вредност. Во исламскиот фатализам личноста е условена, предодредена; тука царува законот на нужноста. Во јудаизмот и во будизмот личноста како реалија воопшто и не постои, таа е само минлива форма на општото безквалитетно битие.

Поимите личност и слобода се нераскинливо поврзани меѓу себе. Христос ни ги открил бесконечниет внатрешни простори на слобода, како нови хоризонти коишто се менуваат еден по друг при издигањето во висините. Тоа е можност да се живее соодветно на образот и на подобието Божји, дарувани на човекот. Тоа е можност, со помош на Божјата благодат, човекот да се избави од ропството на гревот, да се врати при самиот себе, а од себе при Бога, и одново од духовна интелектуална амеба да направи богоподобна личност.