о. Горан Стојчевски

„А ние да пребиваме во молитва без било какво воображување, и да просиме смирен дух од Господа, и Господ ќе нѐ љуби и ќе ни даде на земјата сѐ што ни е полезно за душата и телото„- св. Силуан Атонски


Многупати во текот на поглемите празнувања во Црквата, како што е Воскресението Христово, Неговото Раѓање, споменот на светите Апостоли и Успението на Мајката Божја, се зборува за постот, за молитвата, крстот и љубовта. Секако за Крстот Господен во текот на една седмица ни се определени среда и петок како денови на пост, денови на наше сораспнување со Христа во очекување на нашето совоскреснување со Христа. Постот, како што ни е познат од Светото Писмо и од искусвото на светите отци и преподобни мајки не само што означува, туку во суштина е воздржување, како култура на живеење. Најчесто, за нас христијаните означува воздржување од помисла, збор и дело, начини на грешење, или состојби на паднатата човечка природа. Но, постот е всушност не само воздржување, туку е активна будност над самиот себе, онака како што и Самиот Спасител ги советува своите ученици, бидете будни и молете се (Мт.26,41). Акцентот не се става само на воздржување од јадење и пиење на одредени продукти, туку на бодрење на духот, ставање на нашето тело ако може така да се каже, во служба на духот, кој се бодри со пост и молитва, и на тој начин како што велат Отците, телото се продуховува, подготвувајќи се во сé да бидеме според Нашиот Воскреснат Господ кого единствено го очекуваме, кому му веруваме, му се надеваме и го љубиме. Постот е начин на живот, кој е определен во времето и просторот на нашето живеење во покајание, од моментот на крштевањето до часот на преминот низ смртта кон Бога. Пример, кога им одговара Христос на фарисеите кои ги укоруваат апостолите кои не постат, за разлика од оние фарисеите кои постат (види Мт.9,14-15). Навистина, Младоженецот на Црквата која ја чиниме, кога е Христос со нас, околу нас и во нас, знаеме дека царството Божјо не јадење и пиење од кое во постот се воздржуваме, туку правда, мир и радост во Светиот Дух (Рим 14,17), оти вистинското јадење е Телото Христово, како што вистинско пиење е Неговата Крв (Јн.6,53-56) со кои се причестуваме, и таа заедница што на Литургијата е Црква и откривање на Царството Небесно е сведоштво дека Младоженецот е со нас, и немаме потреба од пост. Но, сите други моменти од нашето излегување со мир во светот треба да е пост, воздржување, за да ја задржиме благодатта Божја во благодарност кон Бога за сé, како вечна правда, измирување со Бога, ближните и себе си, како мир Божји, и радост т.е. како присуство на благодатта на Светиот Дух во нашите животи. Во полнотата на времето и просторот не ќе има потреба од пост, молитвата ќе продолжи како начин на непрестаен разговор за што треба да стекнеме искуство дури се воздржуваме и преумуваме, а во љубовта ќе се расте, бидејќи царството Божјо не ќе има крај, а Нашиот Создател создава и устројува од љубов, преку љубов и во љубов.

Во текот на овие великопосни денови, во една стихира разбојникот од десната страна на Христа, се вели дека е првиот богослов ( види Часослов, служба на деветти час). Да, тој разбојник е пример за покајание и исповед, возджување од мисли, зборови и дела, исполнет вера, надеж од љубов кон Христа, и сето тоа на Крстот (види Лк.23,39-43). Сето богословие за постот, крстот и љубовта ни е даден во примерот на разбојникот кој вели, спомни си за мене Господи, Кога ќе дојдеш во царствотото Твое. Покајаниот разбојник на крстот го распнува својот стар живот, налик на Христа Кој на Крстот ја распнува падната човечка природа заробена од страстите, разбојникот кој се покајува се воздржува од мислите, зборовите и делата на другиот разбојник кој хули на Бога, и совршено ни го претставува подвигот кој ќе го усвојат подоцна сите наши свети отци, преподобни мајки, дека само на крстот, само преку усвојување на крстот Христов е можно човекот да се вподобува на Бога, да ја исполни својата улога на свештенослужител за која е создаден, и да богослови во љубов преку Христа Кого Го споменуваме непрестајно, за секогаш да бидеме со оној Негов одговор, уште денес ќе бидеш со Мене во Рајот. Многу зборови не треба да се кажат, доволно е оваа епизода од спасителното дело Христово да ја погледнеме, и ќе видиме дека богослужбените текстови на Црквата низ Светиот Дух точно го опишуваат овој разбојник како прв богослов, оној кој се вподобил на Бога на Крстот.

Постот како воздржување, споменавме дека не е определен во рамките само на деновите педагошки определени од Црквата за да се образуваме според Христа и да се воспитуваме со Христа, туку тоа е и секојдневен подвиг, подвиг на мигот во кој се наоѓаме слично на разбојникот, секојдневно треба да знаеме дека сме на крстот, а секој момент треба да го усвојуваме тој крст со благодарност, со воздржување, со љубов, пак ќе потсетиме за мигот во кој се наоѓал разбојникот и како постапил. За молитвата ни напоменал не само Самиот Христос зборувајќи ни за будноста, туку за нејзината непрестајност како што ни советува Апостолот (1Сол.5,17), онака како што светите отци и мајки ни посведочиле дека таа е јазик на идниот век, тихување во незаодната светлина и природна личносна комуникација на човекот со Бога, средство за стекнување на благодатта Божја преку која го чистиме срцето наше од страстите во кои лежат многу работи кои го осквернуваат човекот, го просветлуваме умот ставајќи го функција на божествената благодат која делува и неговото слегување во срцето како обожение на човекот. Таквиот пример ни бил посведочен од Пресветата Владичица наша Богородица, која сите зборови Христови ги слагаше во своето срце (види Лк.2,19 и Лк.2,51), и како милосрдна Врата ни ја дала можноста и ние името на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Синот Божји да госпоменуваме и тие умни зборови на Неговото Име со кое се спасуваме да ги сложуваме во срцето наше и да бидеме помилувани заради нашата гревовност и таму да се зацари Самиот Христос, и да биде ризница на мисли, зборови и дела кои не ќе го осквернуваат, туку ќе го осветуваат човекот.

Постот е тој прв степен неизоставно врзан со молитвата на очистување на срцето од страстите, крстот видовме и од евангелското четиво уште повеќе од исихастичкото предание на Црквата на дело, дека е просветление на умот, а љубовта е секое добро дело во полнота, правда, мир и радост во Светиот Дух, неизмерна љубов Божја покажана на Крстот која го прегрнува сиот свет и сите луѓе во прегратката на спасението, во прегратката на единството со Создателот во прегратка на вечен живот, љубов потпишана со Крвта на Единородниот Син Божји (Јн.3,16).

Кој колку пости, или се воздржува или се моли зависи од тоа колку благодари и колку љуби, таков е духовниот закон, нарушен од Адам, обновен од Пресвета Богородица, реализиран од Христа, преку Христа и во Христа, со благодатта на Светиот Дух во слава на нашиот Отец Небесен, по Кого треба да бидеме свети и совршени низ крсната љубов.