Свети Григориј Палама запишал:„Го прашале некој пустиник зошто се двоиш од луѓето? Затоа што не можам, одговорил тој, да бидам со Бог кога сум со луѓето.“
       Денес во современото општество  на пост-индустријализмот, кадешто рационалното поимање на нештата ја замрачува таинственоста на божествениот мрак, соочени сме со несвесното легитимирање на Варлаамската теорија. Ова учење е навраќање  во античките спорови помеѓу Аристотеловите и Платонистичките видувања и испреплетување со  философијата на хеленизмот со кое се тврди дека знаењето за Бога потекнува од сетилните перцепции  како и втората, онаа рационална крајност  дека Бог е надвор од доменот на човековото сознание и затоа е тотално неспознатлив.
      Имено, векот на модерните теории и развиените сфаќања за суштинското постоење на Бога, се обидува Создателот целосно да го смести во границите на достапното мисловно опкружување на созданието. Слично размислување  со тогашните  идеи  има  монахот од Калабрија -Варлаам. Сепак ете, Создателот е надвор од природните законитости на кои е потчинето Неговото создание т.е. човекот.
      На прашањето: „Дали Бог би бил само трансцедентен и далеку од човекот, гледано во состојба како „пасивен“ Создател, во ликот на осамена Моната, кој е таму некаде многу далеку од човекот и воедно недостапен за него, или сепак постои начин Бог и созданието - човекот да се во заедница?“ свети Григориј Палама опитен во духовната борба помеѓу доброто и злото на Света Гора - Атонска дава низа свои видувања за тоа колку е Бог недостапен од една страна, а од друга пак толку е и достапен во човековиот егзистенцијализам.  Затоа во ликот на Спасителот Христос ја дава можноста Бог да биде видлив и достапен директно до еклисиолошката соборност на ортодоксните христијани.
      Свети Григориј Палама, големиот интелектуалец и монах на Византискиот период, акцентирајќи ги сплотените богооткриени вистини во светото Евангелие  алудира на сугубата теологија, притоа повлекувајќи јасна граница помеѓу енергијта и суштината, како на секое битие, така и на Бога.Тријада II, 1 par.25, стр. 220
Ние сите го познавме Синот преку гласот на Отецот Кој нè поучува од висините.  И самиот Дух Свети, и Тој ни покажа неискажлива светлина посведочена од Отецот и кога се вознесе на небото ни вети дека ќе ни го испрати Светиот Дух да живее со нас засекогаш. А самиот Свет Дух откако слезе кај нас и заживеа во нас, ни ја објави и нè поучи на секоја вистина.3


      И како Вистина над вистината, светиот тајнописец Јован Богослов ја потврдил  во своето Евангелие со зборовите:
„Бога кој никој никогаш не го видел; Единородниот Син, Кој е во пазувите на Отецот-Тој Го објави.“
      Во V век Прокопиј од Газа  зборува за сугубиот (двојниот) карактер на теологијата, а подоцна свети Григориј Палама истото го доусовршил и дообјаснил.5
      Бог  разговарал со Мојсеј лице в лице (ενόπηος ενοπίω), но Мојсеј нема да ја види суштината.  Тоа значи дека видението на Бога и не е толку трансцендентно, толку далечно за човекот. Бог облечен во хитон исткаен од надсветлосна светлина, во пределите на божествениот примрак е  иманентен , и апсолутно трансцедентен . Божествената суштина е прекриена со скутина исткаена од божествените енергии, и заклучуваме дека Бог од една страна ни е познат со истекувањето на несоздадените енергии, а од друга страна она што е зад скутината е отаде човековиот ум и е целосно трансцендентно.  Човекот онтолошки така е изграден што нема сетило кое би  ја спознало суштината на Бога, туку само неговите нетварни енергии. Вистинско сведоштво за ова е Новозаветниот настан -  Преображението на Господ Исус Христос, кадешто Спасителот во буквална смисла аутира дека и понатаму до крајот на вековите ќе биде спознатлив по неговите истекувања (иманации) - божествените енергии кои во евангелското четиво, особено кај Светиот апостол и евангелист Матеј ни се претставени како „божествената светлина од која сјаеле лицата на апостолите“.

Мт. 3, 16-17.
  Јов. 14, 16.
  Јов. 1, 18.
  Имено, св. Григориј Палама ќе мора да го брани светоотечкото предание, бидејќи во тоа време ќе се јави движење кое ќе тврди дека дотогаш молитвеното тихование е нелегитимно и е невозможно да се гледа нетварната светлина кој Бог ја допушта на монасите-исихасти кои ја достигнуваат преку практикување на умносрдечната молитва.
  2 Мојс. 3, 3-6.
  Познатлив, сопричастен.
  Непознатлив.
  Подетално погледни/спореди „Незавршено битие“, проф. д-р Стефан Санџакоски.

 


       Токму и  свети Григориј Палама „адвокатот“ на монаштвото од Света Гора - Атонска некаде во 14 - от век пишувал дека Бог и човекот можат да бидат во заедница на мистичен начин. Човекот одвојувајќи се од овој свет и од метежот што го нуди општествениот либерализам и конформизам, затворајќи го својот ум во молитвата и сместувајќи го Бога во своете срце, претходно очистено од страстите, облагодатено со добродетелите, преку молчание успева самиот Бог да зборува преку него. И како дар во согласност со духовниот раст Бог му се доближува на созданието преку гледањето на нетварните таворски енергии, доведувајќи го во состојба преродена од огревовеноста, доближувајќи го до состојба за која човекот првобитно и е создаден, а тоа е човековата душа и тело да бидат во хармонија и усогласеност, зошто кога човековата душа  е слеана  со  телото во нераскинлива врска тогаш тој ќе биде  во постојана заедница со Бога.


      И пак за крај ќе речам, човекот да би ја достигнал полнотата на своето постоење, да би ја разбрал смислата на животот сфатена во есхатолошко-литургиски правец, неопходно е својата природа, преку молитвата и тихованието да ја доближи до Бога, за да го достигне она ниво за кое всушност е создаден, да се обожи и да стане Бог по благодат, односно да се прероди, а притоа умирајќи за гревот и оживувајќи за живот вечен во Невечериот ден осми, во небесниот град Ерусалим.

[1] Евангелие според Матеј 17 глава.

 

 

Автор: Стефан Бранковски, студен на ПБФ ,,Св. Климент Охридски" Скопје

17-ти март 2017 год.