Конкурсот предвидува храмот да биде во форма на крст или ротонда

Билјана Јовановска
Билјана Ангеловска

Идејното решение за новата црква на скопскиот плоштад треба да ги запази сите православни канони за изградба на сакрален храм кој треба да има традиционална форма. Конкретно, храмот треба да биде во форма на крст или ротонда. Накусо, ова се критериумите содржани во меѓународниот конкурс за идејно решение на црквата, која ќе се гради на просторот меѓу Стоковната куќа и ресторанот „Дал Мет Фу“. Иако цела недела се чекаше потписот на оваа владина одлука зад која стои премиерот Груевски, да го стави министерот за култура, Арификмет Џемаили, неговата обврска ја презеде заменикот Слободан Деспотовски.

Конкурсот ќе биде отворен до 24 март, а потоа ќе уследи избор, по што најдобриот проект ќе биде награден со 400.000 денари.

Додека Владата ја турка работата со најновата иницијатива, граѓаните на Интернет потпишуваат петиција против изградбата на црквата на плоштадот, зашто сметаат дека идејата претставува нов упад во урбанистичката реалност на централното градско јадро, дека постојат други сфери на кои повеќе им се потребни јавните пари, како и поради фактот што Црквата е уставно одвоена од државата и треба да се запази рамноправноста на сите верски заедници во државата.

Според ликовниот критичар Небојша Вилиќ, ова е уште еден од фантомските проекти на оваа Влада, по идејата за возобновување на Офицерскиот дом - како Градска куќа. „Ова е логична и консеквентна линија за конзервативизмот во македонското општество, а оттука и култура“, нагласува професорот и вели оти аргументот на Владата дека сите европски градови имаат по една црква во близина на плоштадот не држи од неколку причини. Прво, тие цркви никогаш не се подигнувани од темели во постојното урбано јадро. Второ, додавањето објект на возобновена црква, а не современ архитектонски приод кон веќе постоен комплексен простор на кој се судираат архитектонските концепции помеѓу монолитот на зградата на ЕСМ и ризоматиката на „Лумикс“, претставува своевидна дефинирана пропаст на македонската, или на скопската урбана мисла! Трето, доколку се изгради оваа црква, тогаш објектот на „Лумикс“ потполно ќе ја изгуби својата смисла, бидејќи е осмислен да има отворен простор пред себе. „Веќе не можеме да зборуваме и да ја обвинуваме само ’урбанистичката мафија‘ како виновник за состојбите во архитектурата. Кон тоа сега се приклучува и Владата, односно државата во пакет со својата безидејност и немуштост да се справи со времето во коешто го обмислува и гради градот. Ако толку повикуваната потреба за потврдувањето на идентитетот на овој град не гледа напред, погледот назад сигурно дека нема да направи ништо повеќе отколку затапување на чувството дека ова општество воопшто се движи напред“, смета професорот.

Според урбанистот архитект Мирко Андовски, што и да се гради мора да помине низ широка демократска процедура, односно претходно да има јавна анкета, стручна расправа, да се види мислењето на јавноста. Тој нагласува дека иницијативата не треба да запре, бидејќи со конкурсот може да се испита оправданоста на идејата. „Ако се докаже дека на тој простор не може да има црква, тогаш не треба да се оди натаму во измени на ДУП. Ако, пак, се гради, мислам дека тоа треба да биде современо архитектонско дело, зашто крајно време е да се тргнеме од старата византиска архитектонска шема на имитација“, вели Андовски.

Вчера, со реакција се јави и Движењето за национално единство на Турците, кое забележува дека идејата за изградба на црква требало да дојде, како што налага Уставот, од релевантни верски институции, авторитети и верници, без разлика на која вера и' припаѓаат. Сметаат дека ваквата одлука на Владата претставува директна атака врз секуларниот карактер на државата и директно ја загрозува верската толеранција во земјата. „Доколку намерата е возобновување на стари објекти, тогаш треба да се има ист аршин и спрема објектите од исламско потекло. ДНЕТ го поддржува барањето на ИВЗ за обновување на урнатата Бурмали џамија“, се вели во соопштението.