Денес, на денот на Светиот пророк Даниил и тројцата младенци Ананиј, Азариј и Мисаил, Митрополитот струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот на свети Максим Исповедник и свети Григориј Палама во Стар Дојран.

Во она време, кога се приближуваше Исус до Ерихон, еден слепец седеше крај патот и просеше; и штом чу дека покрај него врви народ, праша: ‘Што е тоа?’
Му кажаа дека минува Исус Назареецот.
Тогаш тој извика и рече: ‘Исусе, Сине Давидов, помилуј ме!’
Оние, што одеа напред, го искараа да молчи; но тој уште погласно викаше: ‘Сине Давидов, помилуј ме!’
Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога оној се приближи до Него, го праша, велејќи: ‘Што сакаш да ти направам?’ Тој рече: ‘Господи, да прогледам!’
Тогаш Исус му рече: ‘Прогледај! Верата твоја те спаси!’
И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога
. (Лука 18, 35-43)

 

Во денешното евангелие, деца, опишани се две состојби кои просто не оставаат друг простор освен за аскетско-исихастичко толкување. Дури мислам дека ова четиво е едно од поиндикативните во целото Свето Писмо за степените од духовниот развој кои се препознаваат по видот на молитвата. Прикажана ни е јасно состојбата на слепост или непросветленост и состојбата на прогледување односно просветлување.

            Првата состојба е кога слепиот седи и повикува по Богочовекот Христос: Исусе, Сине Давидов, помилуј ме. Оваа состојба го покажува првиот степен од духовниот раст – очистување на срцето од страстите. За овој степен знаете дека се карактеристични усната молитва и очистувањето на енергијата на умот, односно првото гледање на несоздадената светлина, но исто така и сѐ уште присутната затвореност на срцето и непросветленоста на умот, односно духовното слепило. Кај слепиот ги забележуваме не само упорноста во усната молитва туку и свеста дека е слеп и дека треба да се ослободи од таа слепост. Слепиот верува дека Христос може да го исцели и затоа никој, и покрај забраните, не може да го спречи неговиот молитвен повик кон Христос. Тоа е вистинска демонстрација на вера поврзана со дела.

Истото важи и за нас. Треба да знаеме дека духовно сме слепи, треба да веруваме дека Христос може да нe исцели и треба оваа наша вера да ја докажеме со што почесто призивање на името Исусово. Кога постепено преку молитвениот подвиг ќе почнеме да ја чистиме енергијата на умот – тоа ќе ни овозможи да согледаме каде се наоѓаме, да видиме дека сме паднати, дека сме слепи во однос на Христовиот идеал и уште посилно да повикаме кон Него. Но, ако тоа прво очистување (просветлување) го употребиме за да ги гледаме и судиме туѓата грешност и слепило тогаш го одбираме погрешниот пат, кој нѐ враќа многу поназад отколку што сме биле.

            Во ова евангелие гледаме и колку точно слепиот ја изговара формулата на Исусовата молитва – Исусе, Сине Давидов, помилуј ме! Она што исто така може убаво да се забележи е заповедта Господова да му го доведат. Тоа е слика на, од Господа воспоставеното, духовно раководство преку кое слепиот единствено може да дојде до Христос и да ги чуе зборовите: Што сакаш да ти направам? Оној што е под правилно духовно раководство и свесен за својата слепост, знае и што најнапред да побара: Господи, да прогледам!

            Не, оти некои луѓе најнапред бараат други нешта – власт, здравје, пари, работа, жена, маж, робовски мир итн... Некои, додуша, покрај сето тоа бараат и спасение... Но, Господ Исус Христос Своите браќа и сестри по благодат, не ги повика на спасение туку на совршенство: Бидете совршени, како што вашиот Отец Небесен е совршен!        

            Втората состојба што може да се издвои во денешното евангелие е кога Христос направи слепиот да прогледа. Оваа состојба го покажува вториот степен од духовниот раст, а тоа е просветлувањето на умот. Всушност самото прогледување го означува просветлувањето. Просветлувањето, од една страна, претполага доволно очистена суштина на срцето од страстите, а од друга страна тоа е Божји дар. Затоа и Господ Христос вели: Прогледај! Верата твоја те спаси! Таа чистота на срцето ја овозможува пројавата на благодатта на Крштението во него како и симнувањето на умот во него. Бидејќи умот го знае ‘местото на срцето’ тој ја напушта усната молитва и продолжува да се моли внатре во срцето. Таму внатре, соединет молитвено со Божјата благодат, тој се просветлува.

            Тргнувањето на претходно слепиот по Христос е всушност опис на почетокот од третиот степен од духовниот раст, а тоа е обожението. Димензиите од степенот на обожението не се опишани во личниот подвиг на претходно слепиот. Нив може да ги забележиме во делата на нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос.

            Деца, добро е и ова да го знаете: оние што се наоѓаат на степенот од просветленост исто така се чувствуваат како слепи во однос на оние коишто со своите преобразени телесни очи ја гледаат несоздадената Божествена светлина дури и повеќе отколку што својата слепост ја чувствуваат вистински слепите од степенот на очистување на срцето од страстите; ако воопшто и ја чувствуваат... Затоа свети Григориј Палама во тој период од својот духовен развој молитвено повикувал: Господи просветли ја мојата темнина!

                                                                                                                                          (според записот на сестрите)


 

Посети:{moshits}