Кој дојде во името на Отецот, како што и Самиот Господ зборуваше за Себе: „Јас дојдов во името на Мојот Отец, излегов од Отца и дојдов во светот“ (Јован, 5, 43; 16, 28). Под зборовите: „Благословено е Царството на Отецот на нашиот Давид кое доаѓа“, се подразбира такво царство, во кое, според пророштвото, ќе поверуваат и многубошците, а особено Римјаните. Тој Цар не е само надежта на Израилот, туку и очекувањето на многубошците и Он, според пророштвото на Јаков, „го врзува за лоза оселот свој, и прлето на неговата ослица за дебела прачка“ (1. Мој. 49, 11). Гранките на виновата лоза се учениците Господови, на кои Он им рече: „Јас Сум лозата, а вие сте прачките“ (Јован, 15, 5). Преку тие лози, Господ ги присоедини кон Себе прлињата на ослицата своја, т. е. Новиот Израил од незнабошците, кои станаа синови Авраамови по благодат. Ако тоа царство претставува надеж и за незнабошците – тогаш оние кои Го дочекаа Христа, како да рекоа – зошто, тогаш, ние кои веруваме во Него, да се плашиме од Римјаните? Бидејќи беа, значи, како деца, не по умот, туку по незлобливоста, вдахновени од Духот Свет, тие на Господа Му принесоа совршена и најпотполна химна, сведочејќи дека Он, како Бог, го оживеа четиридневниот мртовец Лазар. Гледајќи ги таквите чудеса и тие деца кои Му пееја „Осана на Синот Давидов“, книжниците и фарисеите негодуваа и на Господа Му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?“ (Матеј, 21, 16). Колку лесно можеше Господ да им рече: „Зарем е можно се уште да не гледате, да не слушате и не разбирате?“, зашто Он, Кој на достоен начин беше опеан, обраќајќи им се оние кои Го одрекуваа, можеше да им рече: „Да, на невидлив начин јас ги слушам оние кои за Мене расудуваат, исто така и оние кои Ми пеат, но и кога тие би замолкнале, камењата би проговориле. Вие, сѐ досега не го разбравте пророштвото: „Од устата на младенците и доенчињата си ја создал похвалата Своја“ (Псал. 8, 2). Беше тоа големо чудо, што и простите, и децата, и неуките на совршен начин богословствуваа за Бога Воплотениот заради нас, земајќи ја на својата уста ангелската химна. И како што ангелите на Рождеството Христово запеаја: „Слава на Бога на висините и на земјата мир“ (Лука, 2, 14), така сега овие, за време на Неговото влегување во Ерусалим запеаја соодветна химна, велејќи: „Осана на Синот Давидов, осана на висините“. Браќа! Да бидеме и ние, и младите и старите, а исто така и кнезовите и потчинетите – во однос на злото - незлобиви како деца, та, бидејќи поткрепени од Бога, да добиеме награда и понесеме символ на победа, не само над одбивните похоти, туку и над невидливите и видливите непријатели, и со благодатта на Логосот да добиеме благовремена помош. Токму тоа младо магаре, на кое, заради нас, се удостои да седне Господ, беше праслика на народите кои Нему ќе Му се покорат, а меѓу кои се наоѓаме и ние, било да сме кнезови или потчинети. Како што во Исуса Христа, како што вели божествениот апостол, нема ни машки ни женски пол, ни Елин ни Јудеец, туку сите се – едно, исто така во Него нема ни кнез ниту потчинет, туку сите ние – со верата во Него, по благодатта Негова – претставуваме едно. Наоѓајќи се во Телото Негово, во Црквата, ние имаме една глава – Христос; со благодатта на Сесветиот Дух, соединети сме со еден дух; сите примивме едно крштение; сите имаме една надеж; и Еден е нашиот Бог, над сите, и низ сѐ, и во сите нас. Да се љубиме, значи, еден со друг, и да се примиме еден со друг, и да се погрижиме еден за друг, бидејќи сме соединети еден со друг. Знакот по кој ќе не познаат дека сме Негови ученици е – љубовта, и наследството од Отецот, кое Он ни го остави, заминувајќи од овој свет е – љубовта. И последниот совет кој ни го даде, заминувајќи кај Отецот Свој, ја утврдува нашата меѓусебна љубов. Да се погрижиме да го следиме советот од Отецот и да не го отфрлиме Неговото наследство, ниту знаменијата кои Он ни ги дарувал, за со тоа да не ги отфрлиме – ни синовството, ни благословот, ниту учеништвото со кое нѐ удостоил, и така да не ни се случи да отпаднеме од она, на кое се надеваме. И како што на патот за Ерусалим, во пресрет на Спасителовите Страдања, народот ја полагаше облеката своја пред Него, и не само народот, туку и кнезовите народни (зборувам за апостолите Господови), така и ние, кнезови и потчинети, да ги простреме одеждите кои ни се својствени, всушност – телото наше, покорувајќи ги неговите желби на духот, за да се удостоиме, не само да ги видиме и да се поклониме на Спасоносните Христови Страдања и на Светото Негово Воскресение, туку и да се насладуваме на соединувањето со Него. Зашто ако „сме сраснати со Него – вели апостолот, во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во Воскресението“ (Рим. 6, 5), кое сите да го дочекаме со благодатта и човекољубието на Господ наш Исус Христос, Кому Му прилега секаква слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и Животворниот Негов Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Извор: Бигорски манастир

http://www.bigorski.org.mk/index.php?content_type=svetootechki_tekstovi&action=details&record_id=56