„Мачеништвото, монаштвото, и јуродивството заради Христос се трите најекстремни начини на одрекување од овој свет и затоа – начини на живот коишто најбрзо и најблиску го соединуваат човекот со Бог. Затоа, најчесто кај овие подвижници, како што вели и свети Јован Лествичник, можеме да ги забележиме изобилно излеани сите дарови Божји на обожението: и ‘непрестајната умносрдечна молитва’, и ‘гледањето на несоздадената светлина’, и ‘грабнувањето на умот’ и ‘телото духовно’, и ‘дарот на чудотворство’, и ‘љубовта и кон непријателите’.

Овие три начини на христијански живот взаемно се проземаат и во суштина се неразделни. Маченикот е скоро секогаш монах (сам) и јуродив. Вистинскиот монах е скоро секогаш јуродив и маченик. Јуродивиот е скоро секогаш маченик и монах. Дали Светиот Дух, Кој го поттикнува и му дава сила на човекот од љубов кон Христос екстремно да се одрече од овој свет, ќе ја преточи таа негова љубов во маченички, јуродив или монашки подвиг, зависи од историските потреби и околности во коишто се наоѓа Црквата и од човековиот слободен избор. Зборувам за суштината на појавите, а не за нивната форма.

И житието на светиот великомаченик Георгиј (не помалку и житието на свети Алимпиј Столпник) како и житијата на сите свети маченици во основа се само незамолчливи сведоштва на екстремното одрекување од овој свет кои постојано ја будат заспаната христијанска совест низ вековите: маченикот, при полна и здрава свест, се одрекува од самиот себеси и од сѐ свое претпочитајќи ја дури и телесната смрт само за да не се одрече од својот Господ Христос и за да не Го изгуби: кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе се одречам и Јас од него пред Мојот Отец небесен (Матеј 10, 33).

А што ние видовме во денешното евангелско четиво? Видовме луѓе заробени од своите страсти. Видовме луѓе кои заради задоволување на своите страсти се одрекоа од Богочовекот Христос и од Неговата ‘голема вечера’; иако некои од нив се обидоа некако да се оправдаат и да се извинат. А забележавме и дека, оној што се ожени толку се заслепи што заборави дури и на елементарната култура, та не се ни извини. Зарем не се случува истото одрекување од Христос и денес, насекаде околу нас? Зарем не ја забележуваме истата млака и непостојана борба со страстите и внатре во нас? Господи помилуј...!

Да не ме сфатите погрешно, не ви зборувам против задоволувањето на основните потреби за живот, ниту против законското стекнување на имот, ниту против бракот туку, ви зборувам, против претворањето на даровите Божји во цел по себе. Богочовекот Христос е цел на христијанскиот живот, а даровите Божји се само средства преку кои се остварува таа цел.

Значи, зошто ги потенциравме горенаведените крајно спротивставени примери: на одрекувањето од Христос заради светот - од една страна и на екстремното одрекување од светот заради Христос - од друга страна? За да можеме внатре во тие гранични состојби полесно да се пронајдеме себеси, да се покаеме и на време да ја избегнеме страшната осуда: Ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, а не жежок, ниту студен, ќе те изблујам од устата Своја (Откр. 3, 15-16).“

 

посети:{moshits}