Монашки потсетник

 

Послушание

Единствена причина заради која живееме токму во манастир се потребните услови кои ова место ни ги овозможува за полесно да го внесеме паднатиот ум, преку распнување на разумот, во делотворен процес на исцеление. Послушанието и молитвата се распнување на разумот, на логиката од овој свет. Некогаш волно, некогаш неволно, а најчесто аскетски. Соодветно на оние кои сè уште го ослободуваат своето срце и својот ум од страстите. Подвигот од надворешен, лека - полека, преминува во, свесен и слободен, внатрешен. Послушанието е верба и доверба во Бог, не во човек. Духовниот отец може да биде или инструмент или личен патеводител или верен сведок на Божјата волја. Што и да е, неопходен е.

Туѓинување

Туѓинувањето е неопходен подвиг на апсолутно одрекување од светот кој трае сè до добивање на дарот на умносрдечната молитва. Апсолутно е апсолутно. Гробот на мртовецот може кој сака да го посети, но мртовецот не излегува од гробот, освен ако не го чуе гласот на Господарот свој. Времето е кратко. Можност за покајание секогаш има, но многу потешко можеме да се ослободиме од големата идеја за самите себе после примањето на големиот ангелски образ (или на свештеничкиот чин) отколку пред доаѓањето во манастир. Кој сфати – сфати. Кој исполни – исполни. Кој промаши – навистина промаши.

Молитвен подвиг

Молитвата на почетникот е непрестаен аскетски подвиг на единство со Бог. Монахот се буди и заспива со Исусовата молитва. Монахот дури и во сон ја изговара молитвата, како ‘награда’ за дневниот труд и како предвкус на дарот на благодатната непрестајна молитва. Сè друго освен подвигот во молитвата, за монахот е очајание и прелест. Секоја немолитвена мисла – помисла. Оној што е во послушание секогаш е и во молитва. И обратно. И спротивно. Молитвата на просветлениот е чудотворна. Совршениот, пак, нема молитва.

Давање

Севкупниот христијански живот е давање. Подвигот во секоја добродетел е давање. Молитвата е давање. Причестувањето со Светите Тајни е давање. Односот кон секој човек е давање. Ако другиот ни возврати со давање, да Му благодариме на Христос заради нашата остварена заедница во Него, во Црквата, а ако не ни возврати, да Му благодариме на Христос заради нашата сличност со Него. Нашиот однос кон Бог е давање. Само на тој начин ќе познаеме колку Он, веќе, целосно ни се дал, во Домостројот на спасението.

 

Самопознание

Самопознанието е постојана свест за нашата падната и болна состојба кое произлегува од нашиот конкретен, реален личен подвиг – да Го возљубиме Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, со сета своја душа, со сето свое срце и со сите свои сили; и нашиот ближен, како себеси. Самопознанието е предуслов на познанието и на покајанието. На простувањето и на себеосудувањето. И на плачот. Самопознанието е сознание дека Он, ни од што претходно постоечко, во битие нè приведе, според Неговиот образ и подобие.

Благодарност

Да Му благодариме на Бог, секогаш, за сите и за сè. Да Му благодариме за сè она што ни се чини дека е добро и за сè она што ни се чини дека е лошо. Големата утеха и радоста се кријат кога Му благодариме во вториот случај, а не во првиот. Ако не ја вкусиме големата утеха и радост, значи дека не Му благодариме од сè срце. Благодарноста привлекува сè поголеми и посовршени дарови Божји. Кој има, односно кој благодари, ќе му се додаде – да стане син Божји. Најповеќе од сè, да Му благодариме за Божјата Мајка, Пресветата наша Владичица Богородица и секогаш Дева Марија, преку Која секој дар Божји го добиваме.

 

Митрополит Струмички Наум

(според записот на сестрите)

 

Посети: 3159