Esen.manastir1.jpg

Свето Евангелие од светиот апостол Лука (зач. 38)

Во она време пристигна Исус во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. А кога излезе Он на суво, Го сретна еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите. Кога Го виде Исус, извика и падна пред Него, и гласно рече: „Што имаш со мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“ Зашто Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот; оти долго време го мачеше, и беше во окови, и со вериги го врзуваа, чувајќи го; но тој ги раскинуваше оковите и бесот го тераше да оди во пусти места. А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто многу бесови беа влегле во него. И Го молеа Исуса да не им наредува да одат во бездната. А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па, Го молеа да им позволи да влезат во нив. И им позволи. И откако излегоа бесовите од човекот, влегоа во свињите; и се гргнаа свињите низ стрмнината и се издавија во езерото. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исуса, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се уплашија. А оние, што беа виделе, им кажаа како се исцели бесниот човек. И сиот народ од Гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Он влезе во коработ и се врати. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: „Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и расправаше по целиот град, што му направи Исус.

 Esen.manastir1.jpg

Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!


Возљубени браќа и сестри ова чудо што Го направи Господ, исцелувајќи Го овој човек  бесомачен на многу години, којшто се однесуваше застрашувачки, зашто не живееше во својот дом, ниту се облекуваше во облека како луѓето , туку демонот, односно демоните го тераа да оди по пусти места и да живее во гробови и луѓето се плашеа од него , се плашеа дури и да минуваат низ тој крај, како што сведочи еден друг од Евангелистите. Со оваа евангелска приказна, со оваа евангелска вистина  Господ ни кажува и ни покажува три патолошки состојби на божјото создание во однос на Бога.
Најпрвин болната состојба на човекот којшто сосема запустен од гревот  и помрачен од присуството на демоните живееше сосема неприкладно на човечки живот, но тој сепак иако без свест, иако помрачен, иако разболен  не избега од Христа , туку се соочи со Него, посакувајќи го своето оздравување и Господ знаејќи го срцето на човекот Го исцели и тој потоа стана здрав со здрав разум и се однесуваше како вистински човек приврзан кон Бога. Тој дури Го молеше Христа да оди заедно со него, меѓутоа Христос имаше за него предвидено друга мисија , мисија во неговиот сопствен дом .
Друга патолошка состојба е реакцијата на демоните, тие како што гледаме не само што се плашат од Бога, туку и Го исповедаат  Христа за Син Божји. Тоа што во тоа време уште ни луѓето не го знаеа, ниту им беше откриено, меѓутоа како духовни суштества, тие Го знаеа Бога уште предвечно, уште кога се одвиваше борбата меѓу Сатанаил и ангелите негови  со ангелите Божји. Тие единствено на што реагираат  гледаме дека е стравот, тие се плашат од Христа да не Ги прати во бездната. Демоните Го молеа Христа да отидат во свињите и Тој позволи за да им покаже и на апостолите коишто одеа со Него дека има власт над демоните. Демоните пак според својата зла природа се обидуваа само да направат штета и тие ја направија штетата со тоа што и кога влегоа во свињите тие ги натераа свињите да се издават во блиската вода . Така реагираат демоните се плашат од Бога и чинат зло и затоа треба многу да внимаваме  што правиме кога чиниме дела неугодни на Бога,
И конечно луѓето од тој крај коишто заради своите лоши навики, оставајќи Го Бога и Неговиот закон, живееја против Божјите заповеди. Тие исто така како и демоните само се плашеа од Бога. А Господ пак, преку устата на еден од пророците вели дека стравот не е ништо друго, туку отфрлање на помошта што ни ја дава здравиот разум. Затоа верувајќи во Бога треба секогаш да си спомнуваме за оваа Божја поука, а тоа е директен цитат од Библијата. “Стравот не е ништо друго туку отфрлање на помошта што ја дава здравиот разум”, оние коишто имаат здрав разум и здраво расудување не се плашат од Бога, туку Го љубат Бога и сето она што го чинат не го чинат од страв кон Бога како демоните, или како овие луѓе коишто Го беа оставиле Бога, туку од љубов кон Бога и тогаш кога се во неволја и тогаш кога Бог ќе Ги разреши од таа неволја, секогаш само со љубов. И тоа е и најголемата поука од ова Евангелско четиво ослободувајќи се од стравот да Го прегрнуваме Бога со секое наше дело, со секоја наша мисла, со секоја наша молитва, зошто само на тој начин вистински здраво ќе расудуваме и по тоа здраво расудување ќе го наследиме Царството Божјо. Амин!

 

Друго:

Божествена Литургија во манастирската црква Св.Георјиј, К.Дол, Скопје (15.11.2009)