Митрополит Американско- канадски г. Методиј

Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!

metodijvosoboren_small.jpgВозљубени браќа и сестри, Господ на различни начини ги поучуваше своите ученици со Слова, со Параболи, со дела. На крајот од својата земна мисија Тој Ги поучуваше и на тој начин што Своите молитви кон Небесниот Отец Ги упатуваше гласно пред нив, онака како што и ние гласно и сите заеднички Му се молиме на Бога на Светата Литургија. Тој тоа Го правеше намерно, зошто иако Му се обраќаше со интимно обраќање на Својот Небесен Отец, Тој тоа Го правеше за да Ги поучи луѓето, најпрвин со она што е навистина најважно од сî, а тоа е Вечниот живот и спасението и Тој вели “А Вечниот живот е во тоа да Те познаат Тебе Небесниот Отец”.
Богопознанието е навистина патот кон спасението, патот кон заедницата со Бога, зошто само она што го знаеме  можеме и вистински да го љубиме, неможеме да кажеме дека нешто љубиме ако не го познаваме. Вистинското познание пак е љубовта , “тогаш кога ќе се познаеме онака како што сме познати” како што вели св.апостол Павле. Бог пак на тој начин ни Го открива и спасението и начинот на спасението и секоја заедница со Бога, преку познанието на Небесниот Отец, преку познанието на тоа дека навистина Господ беше испратен од Својот Отец, навистина доброволно и по промислата на Небесниот Отец, Тој дојде во овој свет, живееше како човек, страдаше како човек, беше распнат и умре како човек и воскресна правејќи Му пат на секое тело, на секоја душа кон спасение.
Но, Тој вели “не се молам за сите, не се молам за целиот свет туку само за оние коишто си Ми Ги испратил. ” Тоа не е неправда или селективност од  страна на Бога, тоа е само плод на Неговото сезнаење, зошто Бог знае дека не сите Го љубат Бога, не сите принесуваат молитви кон Него и токму затоа вели : “Ги сочував сите” , зошто љубовта Негова е за сите и за оние коишто се молат, за оние што веруваат во Него, оние што Го бараат познанието на Бога, а и оние пак коишто воопшто тоа не  го прават. Тој вели “Ги запазив сите освен погибелниот син” потсетувајќи ги своите апостоли, а потсетувајќи не и нас дека навистина на тој пат кон спасението човек може и да застрани, човек може и да погине ако не е доволно истраен, ако не го прави она што Бог Го заповеда. Тој пат е пат на огромна одговорност, зошто љубовта носи секогаш голема одговорност. Бог сосема ни се предаде нам и наше е секогаш да се прашуваме: дали и ние секогаш Му се предаваме на Бога? Бог ни се принесува на Светата Литургија , дали и ние секогаш на Светата Литургија Му се принесуваме на Бога?, дали секогаш во тоа взаемно принесување навистина го исполнуваме она што Тој ни Го заповеда?
 Безгранични се навистина поуките коишто Бог Ги упатува кон човекот, на коишто ние постојано можеме да се поучуваме, меѓутоа најважно од сî е едно Бог постојано да ни дава разум и познание на Неговата Вистина, зошто преку таа Вистина сите се спасуваме.  Амин.