UspenienaPresveta.jpg


Ја воспеваме онаа што происходи од луѓето и што Го роди Господ, Дева Марија, слава на сиот свет, небесни двери, песна на бесплотните (сили) и украс на верните, затоа што стана небо и храм Божји (Дог. I г.).


Така великиот црковен песнописец, златоструниот Дамаскин, го прославува сечесното Успение на Пресветата Дева Богородица, кое сега ние торжествено го споменуваме и прославуваме. Ние, зборувајќи така, со радост и побожност ја прославуваме оваа Дева и Мајка, која происходи од родот човечки и го роди Бога Кој се воплоти, зашто таа стана небо и храм на Божеството.

Денеска ние го славиме нејзиното чесно успение. Дошол предопределениот крај на нејзиниот многустрадален земен живот и таа заспала во тридневен смртен сон, како животен. За неа тогаш можело да се каже: Девата не умрела, туку спие. – Да, она починала на три дена, како и Христос Бог, нејзиниот Син, и на третиот ден воскресна и се вознесе во слава на небесата, за вечно да соцарува со Синот. О блажена учест! О радост бесконечна! Достојно и праведно.

Затоа таа, Пречистата, немајќи грев, само изгледала како да се радува на земјата, а Таа сиот живот страдала за својот единороден Син, сиот живот се плашела за Него поради многуте непријатели – и цареви, и управители, и лажни ученици, и воини, подмолни луѓе, ласкатели, завидливи, среброљубиви. Но тогаш, конечно завршил земниот живот на Богочовекот. После страдањето и смртта, Распнатиот воскресна, и започна Неговата вечна слава. Тој и со човештвото седна оддесно на Бога Отца. Но за Неговата Мајка сеуште не настапило времето на слава, Таа сеуште била оставена на земјата, во домот на посиновеното Нејзино дете апостол Јован, за да биде сведок на величествениот успех на христијанската вера и на сеспасителната сила во верните луѓе. Таа починала речиси во старост. И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит, кој бил на Нејзиното погребение! Какво сладосно, ангелско пеење слушале верните! Како боговдахновено го прославил Нејзиното успение особено светиот свештеномаченик Јеротеј, апостолски ученик! Славен крај на славниот земен живот на Приснодевата!

Затоа светата Црква секоја година ги спомнува и празнува најголемите настани во христијанскиот свет – Благовештение, Рождество Христово, Крштението, Сретение, Влегување во Ерусалим, Пасха, Вознесение, Педесетница, Успение на Божјата Мајка и така натаму. Сето тоа за зголемување и укрепување на нашата вера, на нашата христијанска надеж, нашата благодарност и љубов кон Бога и Божјата Мајка, нашата чесна Претстојателка пред Бога, за да ја помниме и да не ја забораваме нашата небесна татковина, и да не сме пристрасни за сегашниот живот, кој е подготвителен и поучлив, привремен и минлив.

Ако не би биле овие христијански празници, тогаш христијаните би заборавиле дека тие се христијани затоа што се призвани во небесната татковина, не би знаеле зошто живеат на земјата, поради што се вброени во христијанската заедница или во Црквата Божја, која е целта на нивниот живот, зошто треба да се верува во Христос и Кој е Христос, зошто да се верува во Света Троица и што е Света Троица! Многу неупатени навистина не знаат кој е Христос и кој – Троица, и која – Богомајката? Не знаат зошто треба да се молат на Бога, да се причестуваат со светите Христови тајни! Ако луѓето одат на служба, црковните празници сето тоа му го разјаснуваат на народот, и му укажува за промислата Божја за нас, не’ учат да Го љубиме и да Му благодариме на Бога, да се каеме за своите гревови и секаде да се сеќаваме на идниот бескраен живот на небесата, и да се приготвуваме за него, според словото на апостолот: Нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христосв (Фил. 3:20).

И така, духовно да го празнуваме Успението на Божјата Мајка, готвејќи се усрдно и сами кон преодот од овдешниот привремен, како сон што исчезнува, живот – кон иднината, кое вистинитото и сигурно слово Божјо го вети на сите верни христијани.

Пресвета Богородица, спаси не’!

Амин.


Подготви: Аргирета Атева