Свети  Јован Битолски


          (Ракописот е пронајден во Битолската Митрополија
          При средувањето на библиотечниот фонд. Оваа беседа
          најверојатно е запишана од некој ученик на Свети Јован,
          а е изречена од самиот Свети Јован во руската црква
          “Света Троица“ во Битола.)


    
          Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!!!


    freskasv.jovanbitolski.jpg     Јас на моето  тело ги носам раните  на мојот Бог, Исус – тоа е натписот, што врз себе го носи секој монах. Овие зборови од посланието  на апостол Павле до Галатјаните ги слушавме и вчера и денес. Што значи тоа – да ги носиш на себе  раните Христови? Да се носат раните Исусови, тоа е работа на сите крстени. Во монаштвото само е истакната  оваа општохристијанска природна  состојба.
Ние сме повикани да  ги носиме Исусовите рани. Да се носат раните – значи да  се приопштиме кон невините страдања. Каво прекрасно дело се разоткрива пред нас во делото на катадневниот живот: да се победува злото, невино страдајќи од него и радувајќи се на тоа.
           Ако ние, од  сето срце, сакаме да ја исполниме заповедта на животот, дадена од  Самиот Бог, тогаш ќе мора  со радост да ги поднесуваме сите невини неволји и страдања од нашите блиски и од околностите во животот. Зашто, ако подразмислиме за етичкиот закон, тогаш ќе сфатиме дека евангелското поведение, вистински може да ни докаже, дека сме навистина христијани.
Ние мошне често грешиме прифаќајќи ја како христијанска оваа или онаа јазичничка заповед  на моралот. Ние на пример, често си мислиме дека е пофално да се љубат оние, кои нас не љубат, макар што апостолот ни вели трезвен збор, оти да се љубат оние кои нас не љубат – нема никаква полза за христијанинот, затоа што и езичниците го чинат истото, т.е. ги љубат само оние, кои нив ги љубат. Ете, ако си христијанин,  тогаш тоа веднаш ќе  се забележи,  од тоа што ќе бидеш способен  да ги љубиш и оние што те  мразат, или  во крајна мера,  човекот кој е рамнодушен кон тебе, да го љубиш со Христовата љубов, да го љубиш  без корист, туку едноставно, како Сонцето кое е образ на Бога, ги љуби сите луѓе  подеднакво, и им свети и на злите и  на добрите.
          Може да се рече  сосема прецизно, дека човекот кој е способен да биде христијанин љубејќи ги оние кои не го љубат него, тој е способен и во друго нешто да биде христијанин, имено во тоа,  за што  сега пишува свети апостол Павле – способен е да ги носи раните Исусови,  невино да страда, искупувајќи ја со тоа невино страдање и  вината на оние луѓе – браќа, кои ги предизвикуваат тие страдања или навреди. Да го слушнеме зборот на свети апостол Петар: Возљубени – вели апостолот, од огненото искушение што ви е испратено за испитување, не плашете се како од страшно доживување. Но, бидејќи учествувате во Христовите страдања, радувајте се, а зарадувајте се во појавата на Неговата Слава и ќе победите. Ако ве злословат заради името Христово тогаш вие сте блажени, зашто Духот на славата, Духот Божји лежи во вас. Од оние Он е хулен, а од вас е прославуван. Само да не пострада некој од вас како убиец, или крадец, или злосторник, или како оној кој посега по туѓото, а ако е  - како христијанин, тогаш не се срами, туку слави Го Бога за таквата судбина.
           Ете што значи да се носат Исусовите рани – да се страда за Вистината, за доброто, да се страда без вина, да се страда како што страдаше Исус.
           Ете каде се препознаваат вистинските христијани: во љубовта кон оние, кои не ги љубат и во страдањата без вина.
           Секоја, па и најниска етика е присутна и кај незнабожците, и кај неверниците. Да Го познаеме Христа и да се радуваме чувствувајќи ја Божјата благодат, ние само се приопштуваме кон височината на духот, преку љубовта кон луѓето кои не не љубат и низ радосното трпение на невините обвинувања, прекори и срадања. Во тоа е  се’, сета суштина на христијанството и овде, ние веќе го чувствуваме воздухот на оностраниот прекрасен свет.
            Молете се за оние  кои ве навредуваат, благословувајте ги оние кои ве проколнуваат, благословувајте ги и не проколнувајте, - рече Христос. А апостолите појаснија дека небесниот благослов ќе го наследи само оној кој благословува, додека оној кој проколнува го раѓа вечното проклетство за самиот себе и може да се спаси само со благослов од братот. Многумина ги нарекуваат “високи“ овие Христови заповеди, за кои сега говорам. Но подобро е тие да се наречат обични заповеди. Зашто сето тоа е едноставно, бидејќи зависи од самиот човек, од мене, од мојата љубов кон Христа, од мојата вера во Христа. Оној четирикрак символ што секој монах го носи на себе, е видлив знак на она невидливото, што го носите сите вие, крстени со христијанско кршевање.
            Крштевањето е ветување, на своето тело да се носат сите заповеди и сите рани Христови, и во исто време, тоа е пружање на небесна помош за лесно извршување на тоа ветување.

 ( Проповед на Свети Јован,
 изречена во недела, 10 септември 1928год, во Б.Ц.)

 

 


Преземено од списанието Домострој бр.15 ’97

Посети: {moshits}