(23.09.2007)

Денес, во манастирот на свети Леонтиј во Водоча, Митрополитот струмички г. Наум отслужи Архиерејска Божествена Литургија. После прочитаното Евангелие, Владиката одржа беседа во која рече:

 

„Прашање на духовен живот и духовна смрт за нас христијаните е нашата согласност и нашето содејство со Божјата промисла за нас, со Божјата волја за нас, со Божјото слово за нас, со Божјото дело за нас. За ова и порано сме говореле, дека од моментот кога жената Хананејка смирено и со благодарност, што значи, со вистинско послушание  ги прифати промислата, волјата, словото и делото Христово, таа во истиот момент ја доби и ја прими благодатта Божја и Самиот Христос. Од тој момент нејзината молитва имаше друга вредност пред Господа: и во тој час оздраве ќерката нејзина (Мат. 15, 28). Како што велат Светите Отци, на оној што ја исполнува Божјата волја и Бог му ја исполнува неговата. Но, она на што во денешната беседа сакам да ви посочам внимание и од што треба да извлечеме поука е друго: 

 

Прво, иако некои работи што неволно се случуваат во нашиот живот ни изгледаат лошо, ние како христијани треба да имаме вера и знаење дека секогаш кога ќе ги прифатиме смирено и со благодарност кон Бога, на крајот Бог ќе ги смени и приведе за наше добро и наше спасение во Него. Се сеќавате на многустрадалниот и праведен Јов, што рече после сите несреќи што му се случија? ‘Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ го зеде; како што му е угодно на Господа, така и станува. Нека е благословено Името Господово!’ (Јов 1, 21). И што ѝ одговори на својата жена после страшната болест што го снајде? ‘Зар уште си цврст во добротата своја, похули на Бога и умри!’ – му рече таа. ‘Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?’ Во сето тоа Јов не згреши со устата своја (Јов 2, 9-10).

 

Второ, ние во Црква не влегуваме заради здравје, заради успех во работата или заради власт и пари, па дури ни заради спасение – туку заради Него. Затоа што секогаш кога во Црква одиме заради нешто, а не заради Него; и секогаш кога во Црква бараме нешто (па макар и спасение), а не Него – ние всушност градиме со Бога наемнички, а не слободен, љубовен и синовски (личносен) однос.

         

  Трето, имајќи токму ваква дејствителна вера и знаење од опит и имајќи токму ваква безусловна љубов, жената Хананејка не го наруши својот синовски однос кон Бога заради моменталното несовпаѓање со нејзините очекувања на Христовиот однос кон неа, туку напротив, очигледно тој однос се разви и восоврши. Секако, сето ова не значи и не подразбира наша пасивност туку активна борба против злото (Злиот) – ама пред сè во нас, а потоа надвор од нас... Кој ќе се обиде да се соочи со злото надвор од себе без претходно да го победи Злиот внатре во себе (или пред да го всели Добриот во себе), таквиот неминовно против злото од надвор ќе се бори со злото што ќе излегува од него (зашто ниту може, ниту знае на друг начин) и, според светите Отци, ќе стане слуга на Злиот. Но, како да се бориме во меѓувреме со злото надвор од себе? Пред да добиеме умносрдечна молитва, со апсолутно послушание кон духовниот отец! Друг пат Отците не ни оставиле! Со убавина, односно со љубов ќе победиме...Нека е благословено Името Господово!“ (според записот на сестрите од манастирот)