„Гревот ја лишува душата од мир, умот од светлина, телото од нетрулежност, земјата од благослов, а секое создание – од сè што е добро. Тој започнува така што го вселува пеколот во човекот, а завршува така што човекот го вселува во пеколот.“—
Свети Филарет Московски

Уште еднаш за промашените лозари
„Чујте друга парабола! Имаше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако го предаде на лозарите, си отиде. И кога наближи времето за берење, тој ги испрати при лозарите своите слуги, за да му ги приберат плодовите. Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа. Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите; но и со нив направија исто. Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: Ќе се засрамат од сина ми. Но лозарите, штом го видоа сина му, си рекоа меѓу себе: Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово. Па, како го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија.”
Човекот – домаќин, е Бог. Лозјето е верниот народ. Лозарите се свештенството. Ова е општопознато. Желбата на лозарите да го присвојат лозјето и неговите плодови, до убиство на слугите Божји – пророците, и до убиство на самиот Божји син – Богочовекот Исус Христос, е показател на нивното огромно самољубие и демоноопседнатост. Добро, и на глупавост, ама тоа е друга тема.
Самољубието го сочинуваат три страсти: славољубие – борба за човечка слава и власт, среброљубие – борба за пари и имоти, и сластољубие – борба за телесни наслади. Лозарите се трудат на таков начин да го одгледаат присвоеното лозје, та тоа, да им донесе плодови кои ги задоволуваат нивните страсти, а не – такви кои ќе ја оправдаат промислата на Домаќинот и страдањата на Неговиот Син, а кои се нарекуваат: плодови на Светиот Дух. Примери за нивната работа, подобро да не давам, затоа што се безбројни, очевидни и овде нема место, а второ – лозарите се убијци и не простуваат.
Параболата продолжува вака: нормално е дека, каде и да е, отпаѓањето од Бог и самољубието ќе ги натераат лозарите да се судрат и меѓу себе. За да си ја обезбедат својата позиција, тие и себеси - и лозјето, се поврзуваат, т.е. поистоветуваат, со државата - со световната власт и сила, а потоа и со нацијата – за популизам и поширока поткрепа, како и со секоја партија на власт – за секој случај.
Така, лозарите го парцелизираат лозјето, па дури и лозјето од посебните парцели го свртуваат едно против друго и го одржуваат во непријателско расположение за да си ја сочуваат неприкосновена својата позиција – на единствени корисници од неговите плодови; изигрувајќи уште и негови чувари и заштитници. Настрана – обидот за грабање на „туѓи парцели“ или т.н. дооформување на парцела.
Но, видете колку тоа што се случува во лозјето денес е спротивно од она што Митрополитот Антониј (Храповицки) пишува дека е цел на пастирството, на пастирскиот пристап кон феномените – држава, нација и партија: „да содејствува, соучествува на постепеното уништување на разделеноста помеѓу луѓето, воспоставувајќи го нивното единство според образот на Пресвета Троица“.
Што и да се случи, сѐ што е само човечко има и свој крај, а единствен вистински Господар на лозјето е секогаш Бог. Бог нема да го остави тоа да пропадне: „А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари? Му одговорија: Злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме“.
Немаме голем избор - или ќе се покаеме или Маран ата (Господи дојди)!
Митрополит Струмички Наум