КОГА БИ СЕ ПОМЕШАЛЕ ПРВЕНСТВАТА

DedoNaum8
Бог, сѐ уредил совршено и душеполезно, во црковното организирање. Проблемот би можел да настане кога некому, во главата, би му се помешале првенствата. На пример, кога некој би сакал, првенството по чест да го претвори во првенство по реална власт – над еднаквите по црковна власт и над подредените. Или кога некој би сакал првенството по „власт“ да го замени со првенство по чест – со намера да го претвори во првенство со уште поголема власт - за себе, над подредените и над еднаквите по црковна власт. И некои од различните првенства по авторитет подлежат на истото демонско искушение, ако немаат внатрешно духовно покритие за соодветниот авторитет. Само оној, со првенство по духовен авторитет, не боледува од овие детски болести, затоа што - точно ја препознава Божјата волја за себе, па и за другите. Ајде да дадам и некој пример за напишаново:


Замислете, некој има првенство по чест и сака да го претвори во првенство по реална - вид световна, власт. Да не навлегуваме во причината, да одиме директно на една суштинска последица: тоа е исто како некој наместо даруваната почит, симпатија, доверба, лојалност, па дури и љубов, да бара од луѓето да му се плашат; и наместо духовно да ги расте и ослободува – во Бог, тој дополнително да ги претвора во робови на луѓе – оние, за кои, Богочовекот Христос ја пролеа својата крв. И сето тоа, за свои чисто индивидуални интереси – задоволување на своите страсти, најчесто славољубие и среброљубие, па и сластољубие.


Или замислете, некој има првенство по „власт“, што всушност треба да биде првенство во служење на доверената му паства – за нивно спасение, духовен развој и вистинско сведоштво на Христос; и наместо да биде евангелски пример за сите, тој, покрај претходно опишаниот негативен пример за оние што бараат реална власт, сака својата власт и да ја зголеми, преку такво местење на односите и случувањата, што во еден момент да се дограби и до првенството по чест. Оној што не остварил личен однос со доверената му паства, секако дека планира и да ја напушти; но, исто така, оној што растура на мало, ќе растури и на големо.


И другите првенства по различен авторитет се подложни на искушението на првенството по реална, своевидна, световна власт, исто како и во двата претходно опишани случаи. Заради тоа што, немајќи внатрешно духовно покритие за своите позиции – како што има оној со првенство по духовен авторитет, тие не ја препознаваат Божјата волја за себе и го отфрлаат Божјиот дар што го добиле.


На пример, кога некој што има првенство по авторитет на заштитник на Православието, би посакал првенство по „чест“, да би спроведувал првенство по реална власт. Или на пример, кога некој што има првенство по авторитет да биде миротворец, би заземал страна во спор помеѓу браќата – да би демонстрирал со тоа првенство по реална власт. Ова го пишувам само како негативен пример, но не верувам дека тоа може да се случи во реалност, познавајќи ги лично крстот и светоста и на двата најглавни носители на спомнатите авторитети; но, како и на секого и како и за сѐ друго, и ним им треба малку време и услови да го покажат тоа. Или, на пример, кога некој би имал првенство по авторитет во други области, а би сакал да дојде до првенство на реална власт, на недозволен начин.


Замислете само, што би пропуштил некој кога би се однесувал согласно наведените примери. На пример, заштитникот на Православието, би ги пропуштил љубовта, восхитот, честа и срцата на сите православни. Миротворецот би го пропуштил блаженството да се нарече син Божји. И сите други со своите посебни дарови, би го пропуштиле блаженството да ги вградат своите дарови во развојот на Телото на Црквата; оти позади секое блаженство си стои некое страдање, некој подвиг, некое себеодрекување.


И зошто сето тоа? Поради една власт што сега ја имаш, а утре и неа и ништо друго немаш? Поради нешто што те држи во параноја и однатре ти го подјадува здравјето и ти го крати и така краткиот живот? Да не ги ни спомнувам поголемите штети – ереси, расколи, изгубени души... Бесомачни и слепи би биле оние што не би ги виделе овие штети – однапред; и само Христос би можел да ги исцели.
Затоа велам, не се грабајте за позиции за кои немате внатрешно духовно покритие, т.е. барем умно-срдечна молитва и просветленост на умот, ако не ви е такво послушанието, оти многу ќе пострадате. Демоните на страстите не познаваат крајно задоволство, освен смртта на својот роб – и тоа, вечна.


Господи Исусе Христе, по молитвите на Богородица, помилуј и спаси нас!
Митрополит Струмички Наум