Пречки или предности при молитвата

Постојат некои појави кои, при подвигот на умно-срдечната молитва, можат да го потпомогнат овој подвиг, но можат и многу да го попречат. Тоа се, на пример, топлината на срцето, восогласеноста на дишењето со изговарањето на зборовите на молитвата и затвореноста или отвореноста на срцето за молитвата. Со овие три појави, вообичаено, се среќаваат почетниците во подвигот, без оглед дали човек веќе го има дарот на умно-срдечната молитва или не.
Постои и една појава која може да се јави како пречка кај напредните во овој вид молитва – кај оние што веќе ја достигнале просветленоста на умот; неа ќе ја спомнам на крајот.
Топлината на срцето, којашто се појавува при подвигот на умно-срдечната молитва, може да ни биде предност, ако ја користиме како ориентир при насочување на енергијата на нашиот ум кон изворот на нашето внатрешно слово; и може да ни биде дефинитивна пречка ако нашето внимание, т.е. енергијата на нашиот ум, ја насочиме само кон неа.
Изговарањето на зборовите од молитвата восогласено со вдишувањето и издишувањето е од помош за почетницитe во овој подвиг, но за овој подвиг е неопходен надзор од опитен духовен отец како што велат Светите отци, кој и самиот го примил преданието на умно-срдечната молитва на истиот начин. Самораководството во овој подвиг може да предизвика проблеми и при дишењето и при вниманието – како во претходно опишаниот случај со топлината, како и одбивност кон овој вид молитва. Восогласувањето на вдишувањето и издишувањето со изговарањето на молитвата станува дефинитивен проблем за понапредните во овој подвиг.
Затвореноста на срцето за умно-срдечната молитва, исто така, може да биде пречка при насочување на енергијата на нашиот ум кон изворот на нашето внатрешно слово, кон суштината на нашиот ум – во нашето срце. Затвореното срце го попречува вниманието и ги обезнадежува малодушните. Исто така, и отвореноста на срцето може да биде пречка, ако човек, наместо кон Богочовекот Христос, своето внимание го насочи кон отвореноста на срцето и се самосозерцува во таа состојба; тогаш, срцето веднаш се затвора и умно-срдечната молитва престанува.
Оние што напреднале во просветлувањето на умот ќе ја видат и природната светлина на својот ум, но таа светлина не е Божествената светлина, и затоа, истата, може да го одвлече нашето внимание, да нѐ втурне во прелест и да ни ја попречи молитвата. Можноста за такво незнаење е многу мала, но Светите отци, сепак, нѐ предупредуваат.
Штом некоја од овие појави ни ја попречи молитвата во срцето, истата, следствено, нѐ внесува во енергетско растројство, но ако овие појави ги користиме правилно, истите ќе ни донесат енергетска собраност. Енергетска собраност може да имаме само ако нашето внимание е насочено кон нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос.
Најдобро е кога нашето срце се отвора за умно-срдечната молитва поради правилен подвиг, поради восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, како и со местото што го имаме во Црквата и општеството, поради покајание на дело – а не поради користење на некакви техники на молитва; потоа, самата молитва ќе ни стане учителка во сѐ.
Восогласувањето за првиот степен – очистување на срцето од страстите, како и на демоните поврзани со нив, се состои од: ставање на нашиот ум во послушание кон духовниот отец, т.е. во процес на исцеление; молитвено насочување на енергијата на нашиот ум кон изворот на нашето внатрешно слово, кон суштината на нашиот ум – во нашето срце, во Бог, како и држење на последното место, т.е. слуга на сите, виновен за сѐ и анонимност – а не, предвремена изложеност на социјалните мрежи.
Знаејќи го сето ова, сега, уште еднаш сакам да ви цитирам една поука од свети Никифор Исихаст (Италијанецот), која ја сметам за една од најкорисните поуки за умно-срдечната молитва: „Ако пак, брате, и по многу труд не успееш да навлезеш во пределот на срцето, како што ти кажав, направи вака, како што ќе ти кажам понатаму, и со Божја помош ќе го најдеш бараното. Ти знаеш дека внатрешното слово на секој човек се наоѓа во неговите гради [срце]. Зашто внатре во градите, кога молчат нашите усни, ние разговараме со себе и твориме молитва, и псалми пееме или друго кажуваме. Така, со внатрешното слово, изгонувајќи од него секаква помисла (зашто можеш, ако сакаш), кажувај си ја кратката молитва ’Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!‘ – и принуди се, наместо каква и да е помисла, само таа секогаш да плаче внатре. Ако продолжиш да го вршиш ваквото дело непопустливо и со сето внимание, со време ќе ти се отвори преку ова и влегувањето во срцето, за коешто ти пишував, без секакво сомнение, како што и ние самите од опит сме познале“.
И да не заборавиме, секој дар преку Неа го добиваме; и затоа, кога еднаш ќе го добиеме дарот на отворање на срцето и умно-срдечната молитва, тогаш молитвата кон Богочовекот Исус Христос и молитвата кон Пресветата наша Владичица Богородица, најверојатно во нас ќе се соединат во само една молитва: „Господе Исусе Христе, Богородицеју, помилуј нас!“
Христос се роди!
Митрополит Струмички г. Наум
2026