04. јануари 2026 година
Света вмч. Анастасија
ХХХ Недела по Педесетница; Пред Рождество Христово (Мт. Зач. 1)

 Zarko.G.sv.Anastasija1

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух,

Благочестиви христијани,

          Денешниот евангелски текст не враќа во историЈата кога времето го пречекувало единственото ново под Сонцето - во деновите кои претходеле на раѓањето на Богомладенецот Исус Христос. Можеби се тоа обични настани, но сепак ние ги спомнуваме, се радуваме на Божјата премудрост, се воодушевуваме на вистинитоста на пророштвата, го исчекуваме Божјиот план за спасение на светот и човекот - се чудиме како секојдневните настани, како секојдневието се претвора во предвечност која ни го навестува спасението. Дева Марија и праведниот Јосиф, го слушаат ангелскиот совет и одат по тогашниот свет, се соочуваат со секакви предизвици, но со една цел - исполнување на пророштвата за измирување на човештвото со Бога.


Ние луѓето сме создадени за благодатна заедница со Бога, создадени сме според образот Божји, и од почетокот ни е дадена можноста себеси и сето создадено постојано да го принесуваме на Творецот. Но, нашите прародители, поради непослушноста, отпаднале од таа заедница, заменувајќи го богољубието со самољубие, Го заборавиле Бога, па човекот живее само за себе и за своите приземни потреби. Но, бидејќи без Бога нема живот, обезбожениот свет се наполнил со омраза и со неизвесност и настанала бесмислена борба на секој против секого. И тука не завршило војувањето - човекот застанал дури и против својот Создател. Но милостивиот Бог, не го заборавил човештвото, круната на Своето творештво па „Го даде Својот Единороден Син","и не отстапи да твори се додека не не воведе на небото и не ни го дарува Своето Царство".


Го исчекуваме раѓањето на Кнезот на мирот, но не за да ни суди, но за да не измири со Себеси и да не спаси од смртта. Мирот и доведување во состојба на мир е суштина на нашата вера, зашто Христовото Евангелие е благовестие на мирот. Господ Исус Христос проповедал мир и донел мир за сите луѓе и за целото човештво преку Својата жртва на крстот.


Мирот на кој христијаните инсистираат не е отсуство на конфликт или создавање на тензична состојба под контрола, туку се оди многу подлабоко и подразбира обновување на се во својата првобитна состојба. А тоа и Христос ни го кажува: "Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот." (Јн. 14, 27) Божествениот дар на мирот станува реалност само кога христијаните постојано живеат во верата, љубовта и надежта. Ние, пак, преку сопствената добродетел имаме заповед да го негуваме мирот и да ја практикуваме правдата, постојано возвестувајќи дека Бог станал човек заради секого, препознавајќи ја вредноста на секоја личност како икона Божја.


Но, каков треба да биде нашиот придонес за воспоставување мир и правда? Божјиот мир, пред се, треба да го имаме во себе за да можеме да го споделиме со ближниот, и тоа преку љубов до саможртва; саможртва која произлегува од љубовта кон Бога и човекот. Мирот произлегува од надежта во Божјиот мир и не можеме да сме рамнодушни од неговото отсуство во светот, туку молитвено се застапуваме насекаде да има мир. Истото е и со правдата; сопствената праведност ја крепиме со Божјата правда и според тоа веруваме дека секој човек заслужува достоинствен живот во овој свет. Затоа, и ние овие денови, и секој православен христијанин воскликнуваме дека Бог станал човек и преку тоа ја препознаваме вредноста на секој човек и го браниме богодаденото право сите луѓе да имаат достоинствен живот. Доколку постојано Го носиме Бога во нашите срца ќе можеме да ја сведочиме вистината и да го почитуваме секој човек како икона Божја. Само така ќе успееме постојано и постојано да ја објавуваме светоста на светот и животот и со право ќе се нарекуваме синови Божји.

Во овие светли денови на соборно прославување на Христовото раѓање, непрестајно да Му благодариме на Бога Отецот, Кој покажа бескрајна љубов кон нас, па и ние да направиме јасли во нашите срца за во нив да Го сместиме воплотениот Богомладенец. Да се поправаме, творејќи богоугодни дела, зашто во овие денови го добивме Дарот над даровите.

Амин.

04. јануари 2026 година