SV.Ksenija.RimjankA

06/02/2024

Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

              Да се потсетиме на еден збор што го слушнавме од светиот Апостол, он спомна „посиновување“. Он спомна нешто што е навистина пресвртница во човековиот живот. Во човековиот живот, покрај тоа што на почетокот ќе биде под воспитувач, под туторство, старателство на своите родители, доаѓа момент кога ќе треба да се одлучи дали ќе тргне по патот да живее по Христа или ќе продолжи по патот на стихиите на светот, сето она што тој го нуди, сето она што светот го предлага на човекот. Не секогаш и не кај секого се случува таа пресвртница и тоа следење на Христа, за потоа да дојде до тоа „посиновување“. Иако, сите ние крстени во Името на Господа Бога, во Имато на Господа Исуса Христа, иако сите ние примивме печат и дар на Светиот Дух, и ни е овозможено користењето на Тајните на Црквата, не сите тргнуваме да ги извршуваме Божјите заповеди, да ги користиме Светите Тајни на Црквата и сите оние поуки на Светите Отци.
               Денес, благоизволи Бога Отецот, Кој што и Го даде Својот Единороден Син, Кој што исто така Го прати и Духот Свети да биде со нас до крајот на времињата, да ни открие една личност, светата Ксенија, која што претходно се викаше Евсевија. Евсевија од Рим, богата наследнчка на многу имоти, ќерка на сенатор, која што дознавајќи за Христа, и фрлајќи еден поглед на светот во кој што живееше, и на сето она кое што го имаше а за неа беше минливо и бескорисно. Се сврти да Го побара Христа, да го побара вечното, незалезното, да го побара нетрулежното, да го побара сето она што вреди и го носи човекот во вечноста, во вечното живеење. Се оттргна од татковиот дом и со две нејзини слугинки замина во пределите на Александрија. Таа и оваа сега ќе се нарече Ксенија, странкиња, бидејќи излезе од домот на својот татко во предли коишто беа за неа непознати и навистина беше странец. Оваа личност е навистина пандан, отсликување на монашкиот идеал, особено машкоста во женското тело, особено мажественоста во едно слабо женско тело кое што ќе биди посилно од сето она што е дика, од сето она што е хвалоспев, на некој начин гордост на силата на мажите, коишто многу знаат да се покажуваат, а всушност, честопати неможат една најпроста страст во себеси да совладаат. А оваа слугинка Господова, ќе го направи сето она што е етосот монашки: ќе излезе од домот на својот татко и никогаш нема да се врати при своите родители, после тоа никогаш нема да ги побара, никогаш нема да ги спомнува. Излезе со две свои слугинки, но стигнувајќи во пределите Александриски, ќе се договори таа сега да биде слугинката, а тие да бидат нејзините господарки. Ќе го направи она што секој искушеник го вежба: да послужи на сите, да биде последен во манастирот и слуга на сите. Имајќи си за себеси, во својот ум, во своите мисли дека не заслужува ништо добро, дека заслужува само прекор, само исмевање, само плукање, само на последно место поставување, само да добие од трошките на трпезата во манастирот. Тоа ќе биди светата Ксенија.
               Едно нешто таа здоби постанувајќи слугинка на своите поранешни две слугинки. Таа бивајќи слугинка, сметајќи дека нема право на ништо, дури сметајќи дека и воздухот што го добива е дар од Бога незаслужен, таа никогаш нема да се лути. Никогаш нема да се лути, бидејќи како може робот да се лути? И на тој начин ќе се здобие со огромно смирение, со огромно трпение исчекувајќи Го Христа.
              По нејзините молитви беше измолен, како едно чудо, но и по Божја промисла а и допуштение, да се сретне со еден игумен, јеромонахот Павле кој што им стана старец. Таа измоли да им биде старец, таа која што му беше послушна до смртта. И он ги поведе по она што таа го побара од него: „Покажи ни го патот на спасението“, „покажи ни како да се спасуваме“, „што треба да правиме, на кој начин да се подвизуваме“... и тој гледајќи пред себе дека има едни мирни овчички, дека пред себе има една материја која што е зрела за обликување, направи од нив слугинки Господови. Тоа е „посиновување“.
                Он ги обручи за Христа, а тие ја предадоа нивната волја. Ги осинови и станаа достојни, и таа и нејзините поранешни слугинки и неколку девственички кои понатаму ќе придојдат во тоа место, во таа куќа која таа ќе ја откупи во пределите Александриски и во близина ќе изгради мала црквичка. И ќе основа манастир, во кој повторно игуманијата Ксенија, слугинката Божја, ќе биде последна. Нејзината храна, нејзиниата вода ќе бидат нејзините солзи, а од другата храна ќе зема на секои два три дена сув леб, помешан со вода. Блазеси ѝ.

Ти благодариме Господи, што ни ја покажа ваквата ревност.

Ти благодариме за сето она што вели светот дека е невозможно, недостижно, дека се тоа прикаски, бајќи. Тоа е таа вистина. Вистината за покајанието. Вистината за онаа која пристапи кон Христа, светата Ксенија, која што слично на жената која се сметаше себеси за најголема грешница (Лк. 7, 36-50), со солзи ги миеше нозете Негови, со косата своја ги триеше, ги сушеше со нејзините усни, и сето тоа го правеше не губејќи ни еден миг во близината Божја, близината Господова, близината Спасителева. За на крајот да слушне: „Ти се простуваат гревовите“.
                  Само за тоа живееше. Само за тоа и оваа живееше. Само за тоа живееа сите оние преподобни Отци во пустината, во затворот „темница“ за кој пишува светиот Јован Лествичник.
И така, да не се фалиме многу на овој свет, што имаме прекрасни храмови, добро уредени манастири, да не се многу дичиме што носиме крстови, што носиме монашка облека, што носиме схими, што луѓето ни пристапуваат и раце ни бакнуваат и „благослови“ ит.н.
Туку да влезиме во нашата скришна одаја, во нашето срце, и да изнесеме оттаму сѐ што е за горење, сѐ што е за покајание, сѐ што е за преумување, сѐ што е за согорување да го изнесеме пред нозете Христови, зашто само Он може тоа да го среди, да го согори, да го раскини, да го опрости и нас да не поведе, еве и денес, по молитвите на онаа која што беше и е светило, онаа која што е, ние претходните денови спомнувавме и други преподобни Отци, да биде застапничка за нас пред престолот на Бога Троичниот.

Амин!

 

https://www.manastirslepche.mk/novost/beseda-na-evangelie-posvetena-na-prepodobnata-ksenija-rimjanka/