Zoran.St.Propoved1

А кога се приближи и го виде градот заплака за него и рече: да беше ти узнал за овој твој ден што служи за твојот мир но тоа сега е сокриено од твоите очи. Вчерашниот и денешен ден драги браќа и сестри се два дена на духовна радост после долгите денови на пост. За време на постот ние се чувствуваме како патници кои со денови и месеци патуваме по морскиот шир, желни со своите очи да го здогледаме копното. Ние сме се занеле за духовни радости после долгите покајнички размислувања, и кога и вчера и денес во овој свет храм се запеа песната поздравна и убава, со која Синот човечки (Божји) е дочекан во Ерусалим, сите радосно ја прифативме пеејќи; Осана, благословен е Кој доаѓа во името на Господа, Царот Израилев. Но иако нашите срца и нашите души се исполнети со голема радост, но сепак ние чувствуваме дека таа наша радост не е потполна.

Бидејќи при Христовото влегување во Ерусалим дочекот бил со радостно викање и одушевување, но сето тоа било краткотрајно и површно. Бидејќи народот е неразумен, вели свети пророк Исаија (27-11). И мнозинството не сака со својот разум туку со своите очи па и дочекот во Ерусалим бил нешто надворешен, излегле пред Него верувајќи дека во Неговата личност дочекуваат свој земен Цар. А кога го здогледале како смирен и кроток јава на магаре а не на бесен коњ (ат), нивното разочарување било потполно, па наскоро потоа почнале да зборуваат: не сакаме да овој царува со нас! А веќе после пет дена тој ист народ брза на зло, разбеснети викале: „Распни го“.

И свесни поради тоа денес ние се чувствуваме потиштени, бидејќи не боли таа црна неблагодарност на луѓето кон Синот Божји; лошите навреди и распнувањето на крст ќе бидат награда што тој ќе ја прими за сите свои добрини. На ерусалимците таков месија не им бил потребен. Тие своето спасение го замислувале како нешто сосема надворешно и не сакале ништо да знаат за внатрешното духовно спасение (Мат.1-21) кое Он им го донел. Огорчени од понижување од страна на своите политички угнетувачи, полни со гнев и желба за освета, тие не го очекувале сиромашниот и благ месија. Сите тие освен некои пророци и видовити луѓе сонувале за земен цар, за борец кој ќе го уништи непријателот. И така тие со своите неумесни желби покажале дека не ја разбрале смислата на старите пророчки кажувања, и поради тоа не го заслужиле називот на мудар и разумен народ, поради што Синот Божји не можел а да не ги пожали, поради нивната тврдоглавост да не се растажи па дури и просолзи велејќи: да беше и ти узнал барем во овој твој ден што служи за твојот мир. Но тоа сега е сокриено од твоите очи.

Па сепак драги браќа и сестри солзите на Синот Божји не се напразно пролеани. Тие напротив уште кàко им користеле на луѓето. Бидејќи ако не го разбрале и примиле јудеите го примиле и признале за спасител на светот многу други народи.

И така низ векови се покажало дека светата вера Христова донесува само култура и просветеност. А кога го знаеме тоа мораме да се запрашаме: дали да се држиме за Христа или да појдеме по патот на јудеите? Дали слично на нив ќе се откажеме од Христа и од неговата света вера и се вратиме во незнабожтвото. Потребно е и понатаму да останеме вистински христијани и вистински верници како и своите деца уште од раната младост да ги запознаеме со славата Божја, како и со чудата кои ги има тој направено.

Тоа ќе ја оплемени нивната душа и тие сигурно ќе бидат вистински синови на својот народ. Да ги памтиме солзите кои Синот Божји ги пролеал поради неверните евреи, и да не се огрешиме никогаш на нив.

Слава и благодарност за се што направил за нас. Амин.

 

Sv. Ilija Velgoshti cvetnici

Скопје, 9.април 2023 лето Господово

Божестевена Литургија во храмот на св.пророк Илија, н.Аеродром, Скопје