Hristos.prekrasno13


✥ Дија(ш)лог✥

           Црквата никогаш не проповедала за рамноправност и еднаквост, а секогаш проповеда (за) единство. Апостолот вели дека нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса. Во Христа не се укинуваат разликите туку во Него стануваат сите едно без да се мешаат. "Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил. И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние. Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во сѐ едно, и да узнае светот дека Ти си Ме пратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби" (Јован 17,20-23).

         Христос не се моли за рамноправност ниту со Отецот, ниту пак се моли за еднаквост на оние што ќе поверуваат во Него, туку да бидат едно во Него по благодат, како што се Лицата на Света Троица по природа едно, но си остануваат различни според ипостаста. Ова, да бидат едно како што сме ние, или во сѐ едно нема никаква врска со рамноправноста и еднаквоста, туку со единството во Бога. Црквата дека се залагала за изградба на поправедно општество исто така е само уште еден благочестив мит, исто како и оној за рамноправноста и еднаквоста.

          Со залогот на Духот (света тајна Крштевање) Црквата секогаш го актуелизира присуство на царството Божјо кое е смисла и цел на постоењето на човекот и светот. Царството Мое не е од овој свет, вели Христос, Апостолот вели обликот на овој свет се менува, како? Сигурно не онака како што светот мисли дека сака, туку како што благоволил Отецот, преку икономијата на Синот во полната благодат на Светиот Дух во домостројот во кој или ќе учествуваме или ќе му се спротиставиме, но тоа ништо нема да смени времето да се исполни во вечност. Искуството на царството Божјо го пренесуваме преку Литургијата, а и откако со мир ќе излеземе со извршување на Христовите заповеди во љубов кон сите, оти Христос се поистоветува со секој човек, и кон сѐ бидејќи свјакое дихание (да) хвалит Господа. И блажени Августин царството Божјо во Христа го дава како пример дека она за кое се стремиме треба да го остваруваме овде и сега заради вечноста, а не обратно, да се залагаме за поправедно општество, а веќе имаме искуство со совршено во Христа, но никако со мир да излеземе оти сакаме без Него мир да носиме, заборавајќи на Неговите зборови без Мене не можете да направите ништо.
            Претпочитајќи да се повикуваме на авторитети од т.н. идеолошки конзервативизам контра идеолошки либерализам самите си го разводнуваме ставот кој произлегува од Светото Писмо и искуството на Светото Предание, и затоа се претвораме во алатка на светот кој ни го определува местото во ќошот на кулирањето. Ама христијанството прво зборуваше за рамноправност и еднаквост, ама ние од Црквата први учествувавме во изградбата на поправеден свет на слободи и човекови права, ние, ние… очигледно е дека ние одиме први, а Христос нѐ следи и трча по нас, и не може да не стигне оти многу врвиме само напред, а треба прво Христос, и не ние по Него, туку во Него. Очигледно се точни зборовите на бискупот Ламберто од третиот дел на филмот Кум, христијаните во Европа се како камењата во водата, со векови лежат во водата, а сепак внатре се суви, така и христијаните за сето време почиваат на благодатта Христова, но Христос никако да продре во нив. Е, со тој сув камен сме сега по глава.
            За разлика од олимпиското, важно е да се учествува каде постојано сме присутни, Христос победил, но победата секогаш им ја препуштаме на други, наместо да се радуваме во Него.

 ✥ 

 

За Преминпортал:
о. Горан Стојчевски

26ти март 2023 лето Господово