svjov2023 2

svjov2023 4

svjov2023 5

Митрополит Тимотеј


svjov2023 8

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Црква го прославува празникот Собор на свети Јован Крстител. Овој Божји угодник се прославува повеќе пати во годината. Го прославуваме толку многу, зашто се удостоил да ја положи својата рака врз главата на нашиот Спасител и Избавителот на сиот човечки род, и да го крсти во реката Јордан. Свети Јован е пророк кој стои помеѓу двата завета, помеѓу Стариот и Новиот, на меѓата помеѓу стариот и новиот закон. По Божја волја се родил шест месеци пред Христа, со една деликатна задача, да го приготви патот на Месијата, Христа. Да ги повика грешните луѓе на покајание, бидејќи се ближело Царството Небесно. Првите негови зборови, смели, силни, храбри и громогласни во неговата проповед биле: Покајте се, зошто се приближи Царството небесно (Мт. 3, 2). Со други зборови, Јован им вели на грешните синови од домот Израилев: очистете ги вашите срца од лоши желби, вашиот ум од нечисти мисли, вашите души од сите беззаконски работи. И така можете достојно да Го дочекате својот Месија, вашиот Избавител од сите ваши гревови.


svjov2023 3

„Подговтвете го патот на Господа и исправете ги патеките Негови" (Мт. 3, 3). Овие зборови се главна мисла и предмет на неговите силни и непоколебливи проповеди. Всушност, неговата проповед е неотповиклив призив за духовно и морално покајание и за очистување од гревот и симнување на тешкото и беззаконо бреме од душите на синовите на Израилот.

Проповедал во Јорданската пустина, а ехото од проповедта се слушало низ цела Палестина. Го слушале тој повик и стари и млади, и учени и прости, работници и рибари, како и тогашните моќници, и црковни и народни. Тој глас бил Божји глас, затоа Јован по промислата и волјата Божја ги повикувал луѓето на покајание, за да се приготват за прием на Месијата, Кој ќе ги повика да влезат во Божјото Царство. Тогаш доаѓал мноштво народ од Ерусалим и од цела Јудеја и ги исповедале своите гревови, а тој ги крштевал во реката Јордан. Свети Јован барал од тие кои ги крштевал да покажат плод на покајание. Барал од нив да отфрлат од своите срца секакви лоши желби и од нивните умови секакви нечесни помисли, и од нивните души секакви лоши работи, па така да се очистат од сите беззаконија и да се приготват да го прифатат Оној, за Кого св. Јован вели: Тој доаѓа по мене, а е поголем од мене... (Мт. 3, 11). Со благодата Божја Он ќе ве ослободи од секаков грев и ќе ве утврди во вистина и правда.

По примерот на свети Јован, нашата света Црква постојано ги повикува своите деца на покајание, заради очистување од грев, а со тоа да го приготват патот на своето срце кон Господа, да ги порамнат нерамнините на патиштата во своите души, за во нив да може да се всели Царството Божјо. Но, нашите патишта по кои Он треба да дојде, се обраснати со коров и трње, со лаги и измами, со насилство и беззаконие од сите видови. Сите ние знаеме дека за нашиот световен напредок, за примерен и културен живот, ни се потребни добри комуникациски врски, добри сообраќајни патишта. За нашиот духовен и морален напредок, пак, исто така ни е потребен добро подготвен пат, а тој пат е патот на чиста љубов кон Бога и кон својот брат во нашите срца.

Затоа, потребно е од тој пат да се искорнат коровот и трњата, и да ги поправиме патиштата на нашата душа, па таа да се исполни со Божествена вистина и правда, а нашите срца да се збогатат со сите христијански добродетели. Во нас постојат многу облици на зло и разни пороци, кои ги поткопуваат краиштата на нашите патишта и се закануваат да ги исфрлат од употреба. Затоа потребно е постојано да ги скротуваме и на крај да ги отстрануваме сите тие тешкотии и штети на нашиот пат. Да се потрудиме да исфрлиме од себе и од нашите срца секаква себичност, лага, неправда, измама, кражба и среброљубие. Па по тој наш нерамен пат да дојде и да се всели во нас Светиот Дух. Со благодатта Божја во нашите очистени срца и души да се роди траен душевен мир, радост и вечно задоволство уште овде на земјата, а на небото, пак, блажен и вечен живот во Царството Божјо. По молитвите на св. Јован, така нека биде. Амин.

svjov2023 7

svjov2023 9

svjov2023 10

svjov2023 11

svjov2023 12

Собор на св. Јован Крстител

храм „Св. вмч. Ѓорѓи" Охрид

20.01.2023 год.

Извор:

 http://www.dke.org.mk/index.php/3524-2023-01-20-11-02-20