11. 09. 2008 г.

Беседа по денешното Евангелие

Возљубени браќа и сестри, од невоздржание, човекот ги направи сите зла на овој свет. Токму како и царот Ирод, којшто иако имаше страв од Свети Јован Крстител и многу го почитуваше, сепак, од невоздржание, заради гозбата и заради гостите, заради јадењето и пиењето, тој се заборави за тоа и вети нешто што неможеше да го исполни. Вети нешто што мораше по силата на зборот да го направи иако срцето му беше далеку од тоа ветување. Оној што го почитуваше, оној којшто знаеше дека и целиот Израел го почитува, тој нареди да го убијат заради едно ветување коешто го направи сосема непромислено. Токму затоа и овој празник, којшто во основа не се разликува од ниеден друг празник на свет маченик, и кога го празнуваме празникот на Свети Ѓoрѓи ние го празнуваме денот на отсекувањето на неговата глава и за сите други маченици, сепак, овој ден го обележуваме и со пост заради тоа што треба да се разликуваме од оној којшто нарушувајќи го воздржанието, нарушувајќи го постот, вети нешто што беше толку страшно и погубно. Вети смрт на праведник.

Токму затоа, несогласуваќи се со неговото невоздржание, ние, на денешен ден, иако е празник, постиме. Постиме заради тоа штои Адам го направи првиот грев преку нарушувањето на постот. Постиме заради тоа што секој грев доаѓа од невоздржание. На тој начин, денот на отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител е празник на постот. Тоа го правиме зошто треба да го очистиме срцето, да го очистиме умот, да ги очистиме сетилата, од сето она што е нечисто, а тоа е гревот. Тоа е начин на којшто човекот живее. Зошто и Адам кога беше во блажена состојба во рајот, тој живееше во пост. Можеше да вкуси од се во рајот, освен од дрвото на познанието на доброто и злото, и ние сега постиме за да се вратиме во блаженството во коешто живееше Адам во рајската градина. Тогаш живееше и Свети Јован Крстител, живеејќи во пустината, постејќи и молејќи му се на Бога секој ден.

 Обидувајќи се на оваа праведност, и ние да го исправиме нашиот пат, да му се молиме на Свети Јован Крстител и на Бога, да ни дадат сила да го следиме патот на воздржанието зошто патот на воздржанието е патот на спасението. Амин.

 

Посети: {moshits}