BOGORODICA.Angel.Blagoveshtenie
Благовест (06.04.2022 15:44)

Гледате ли колку ни треба мека храна, та евангелскиот исечок од денот на Благовест да почнува со бременоста на света Елисавета во поодмината возраст и останатото што следува (види: Лука 1, 24–38).

            Што е тврда храна?

            Тврда храна е дека на Онаа Која е почесна од херувимите и безмерно пославна од серафимите не Ѝ требаше од ангел, па макар бил тоа и архангел Гаврил, да ја дознава вистината за воплотувањето од Светиот Дух на Синот Божји во Неа.

            Се сеќавате што сум ви говорел: веќе на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, се здобиваме со одредена слобода пред Бог. Тогаш не само што нашите главни планови често ќе се совпаѓаат со Божјите планови, иако не секогаш во она време што ние го очекуваме, туку веќе го добиваме дарот Божји, сами, во своето срце – во областа на Царството Небесно, да го подготвиме она што ќе сакаме да ни се случи. Ви говорам за благодатниот подвиг на аскетската умно-срдечна молитва.

            Колку повеќе сето ова важи за недостижниот исихастичко-молитвен подвиг што Пресветата го имала во Светињата на Светињите од старозаветниот Храм. Така, тоа што денес архангелот го благовести веќе беше договорено и восогласено меѓу Бог и Приснодева Марија во Нејзиното срце, пред кој било друг да знае. Денес само се остварува, се посведочува и се обзнанува – заради нас.

            Сакам да ве потсетам на уште нешто: човекот е создаден бог со самото тоа што на Бог може да му каже „не“. Но, едно е на Бог да Му кажеш „не“ од позиција на паднатост и гревовност, а друго е на Бог да Му кажеш „не“ од позиција на син Божји по благодат. Преку првото човек постепено се демонизира, а преку второто покажува дека се реализирал, ја достигнал својата полнота.

            Но, пред да можеме да Му кажеме на Бог – „не“, имаме да кажеме многу „да“, кои можеби ќе немаат ниту логика, ниту смисла, ниту извесност, а можеби ниту живот додека да го чуеме Неговото „да“ како сведоштво на нашето боговподобување.

            Ах, тоа Нејзино, за мојот паднат ум – недостижно, и за моите извалкани усни – неисикажливо „да“, почетокот на пресоздавањето и спасението на целиот универзум.

Послушанието кон Бог нема никаква врска со робовскиот и наемничкиот однос. Послушанието е најчудесната тајна на нашиот слободен личносен однос со Бог. Само во оваа тајна човекот расте како слободна личност до бескрајните димензии на боговподобувањето. И само во оваа тајна Бог му станува послушен на човекот. Зарем тоа не го гледаме во животот на Пресвета Богородица? Послушанието е Нејзината најинтимна љубовна тајна. Нашиот ум и нашето слово се немоќни пред оваа тајна, но она што, сепак, е очигледно за сите е фактот дека одеднаш Бог почнува Неа да Ја прашува за дозвола дали да прави или да не прави нешто – почнува Неа да Ја слуша.

Да се потсетиме само на оној чудесен момент од свадбата во Кана Галилејска – „немаат вино“ (Јован 2, 3). Дали, по навидум грубиот одговор, Таа нешто Го замоли или Му се обрати повторно? Не, им се обрати на слугите – „направете како што ќе ви рече“ (Јован 2, 5), едноставно знаејќи дека Он ќе Ја послуша! А Кој постапи според Нејзината желба, иако претходно се противеше? Лично Нејзиниот Син, а наш Бог, Богочовекот Исус Христос. Кој Кому овде му е послушен е сосем очигледно.

Сакам да споделам нешто друго со вас, денес. Забележувам дека некои атеисти и иноверни, од целата Православна вера, свесно, а повеќе и несвесно (читај, демонот преку нив), најчесто го напаѓаат и им пречи токму тој момент – моментот на бессеменото зачнување. Ги напаѓаат можноста за совршенство (обожение) на човекот, создаден според икона и подобие Божјо, и совршената љубов Божја до крајното смирение да стане човек. Дури и тајната на егзистенцијата на Бог во Троица, во три Личности – на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, им е многукратно поблиска отколку бессеменото зачнување на Синот Божји од Светиот Дух и Дева Марија. И размислував, зошто е тоа така?

            Простата логика кажува дека ако има Бог, тогаш сѐ е можно! Зарем не им е доволно да го негираат постоењето на Бог, за сѐ друго да стане беспредметно за дискусија? Но, како ќе го препознаевме духот на антихристот, ако самиот не се издадеше? По ова познавајте Го Божјиот Дух, и духот на лагата: „секој дух што признава дека Исус Христос дошол во плот, од Бог е. А секој дух што не признава дека во плот дошол Исус Христос, не е од Бог; тоа е духот на антихристот, за кого сте слушале дека иде, па и сега е веќе во светот“ (1 Јов. 4, 2–3).

            Дали само по ова го препознаваме одвратниот дух на антихристот? Не! Воплотувањето на Синот Божји има и свои последици; духот на антихристот го препознаваме и по тоа што ги негира последиците од Воплотувањето. Можеме да разликуваме грубо и суптилно негирање на тие последици.

            Грубо негирање е кога некој ја негира Црквата – која е Тело Христово, нејзините Свети Тајни, Светата Тајна Свештенство – посебно епископскиот чин (на пример, епископот не можел да вари свето Миро или требало некого да спомнува на Литургијата на несоодветно место без другиот да го спомнува него и на соодветно место – Патријархот Српски бара Архиепископот Охридски и Македонски да го спомнува него на „В первјих помјани...“, без тој да го спомнува било каде, а на тоа место се спомнува само Епископот на локалната Црква, додека поглаварите на помесните цркви се спомнуваат само на Великиот вход), светителите Божји, светите храмови, чесниот Крст Христов, светите икони, светите Догми на Црквата, светите Канони, светите Вселенски Собори итн.

            Суптилното негирање на последиците од Воплотувањето се случува повеќе несвесно, од незнаење, поради непросветленост на умот и под демонско влијание, и е многу поопасно, затоа што потешко се препознава, а тоа се случува кога Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква ја делиме на повеќе национални цркви, кога влегуваме во световните шеми на поделба (било глобални, било национални, било партиски), кога не ги чувствуваме сите луѓе како наши ближни, без оглед на нивната расна (таква поделба во теологијата не постои), национална и верска припадност, и кога не работиме на нивното единство (кога не го љубиме ближниот како жива икона Христова).

Суптилното негирање е кога не го разбираме целиот свет како осветен храм Божји, кога не го разбираме секое наше работно место како олтар Божји, кога не го разбираме својот живот како непрестајна Литургија Божја, кога не гледаме на своето тело како Тело Христово и храм Божји (кога свештенството им дава предност на други свети предмети при благословувањето, а не на својата рака – која е, сепак, непосредно Тело Христово); кога не го разбираме литургиското слово како извршно итн.

Суптилното негирање е кога духовниците ги насочуваат своите духовни чеда кон себе, а не кон својот епископ и кон Богочовекот Христос, кога епископот ги насочува верните кон себе, а не кон Бог, кога не го восогласуваме начинот на нашиот живот со душевната или духовната состојба во која се наоѓаме, кога го релативизираме послушанието, кога го негираме посебното позитивно дејство на Исусовата молитва, кога враќаме со зло за зло итн.

            Посебно би го нагласил несфаќањето и негирањето на новите личносни односи, кои се воспоставуваат по Воплотувањето на Синот Божји – на пример, Богочовекот Христос не е само Син Божји, туку е и Син на Пресвета Богородица и Секогашдева Марија, со сите последици што од тоа за Него произлегуваат, а една од нив е послушанието кон Својата Мајка.

            Мили мои, не се сомневајте во власта на Мајката Божја, од Која и Бог Отец барал дозвола пред и при воплотувањето на Својот Единороден Син, од Светиот Дух, да го овозможи вашето спасение – во рамките на Божјата Промисла за вас и вашата желба за истото, затоа што тој сомнеж ја растројува целата благочестивост на човековата душа. Слободно и без помисла на сомнеж, со плач и радост повикувајте кога и каде ќе можете:

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум