Zarko.G.Beseda2

Скопје, 26ти март  2023 лето Господово- храм на св.вмч. Димитриј

Zarko.G.Beseda1
    

26 март 2023 година
Недела на свети Јован Лествичник
(IV Недела на Великиот пост)


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Благочестиви христијани,


          Еве, со Божја помош и поткрепа поминавме повеќе од половина на Велигденскиот пост, а пред нас се уште три недели исчекување и подготвување за достоен пречек на Празникот над празниците - Христовото Воскресение -Велигден.
И во оваа недела Светата Црква ни дава поука и поткрепа за да истраеме во нашиот подвиг - за да истраеме во прочистувањето на телото и душата со пост и молитва. Господ Исус Христос вели: „Без Мене не можете да направите ништо" (Јн. 15, 5), а светиот апостол Павле појаснува: „Се можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи." (Филип. 4, 13) Без Божја помош не би можеле да ги правиме добродетелите кои што до сега сме ги практикувале. Радоста на воскресението и надежта за ветеното Царство небесно и живот вечен во незалезниот ден на Христовата радост, не поттикнуваат уште тука, на земјава, да ги совладуваме пречките и да газиме боси по трњето на страста и сладостите од овој век, за да стигнеме чисти до изворот на животот. Христовиот пат е тежок за оние чии срца се прилепени за материјалното и тој пат не може да го помине секој - многумина се губат и талкаат по прашумите на гревот. Затоа, Господ Исус Христос вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене" (Мк. 8, 34)
           Бог не ги тера со сила луѓето да го земат крстот, но ги повикува доброволно да Го следат Него. Не е лесно да се земе крстот на страдањето, но Он тоа им го олеснува на луѓето, прв земајќи го крстот, велејќи: „Кој сака !“  Христовиот крст е најтежок, зашто Он не страда за сопствените, туку за нашите гревови. Но, кога ќе се земе крстот, Христос вели: „Нека се одрече од себе!“ - нека секој се одрече од лажниот себеси, нека ја отфрли лагата и нека тргне кон вистината; нека се одрече од лажното битие заслепено од богатствата на овој свет и нека се врати кон битието од Бога дадено; нека ја тргне гревовната кал од образот и нека тргне кон подобието; нека ги смени страстите со добродетели, всушност нека ја отфрли наметнатата од гревот втора природа, оти не е таа што Бог ја создаде, туку самоизмама под знамето на лагата.
Но, што значи тоа, да го земеш крстот свој? Тоа значи доброволно препуштање на Божјата волја - тоа значи, ако од нас се бара жртва, да го поднесеме тоа како Авраам кога требаше да го жртвува својот син; ако настанат големи катастрофи да го поднесеме тоа како Ное; ако не снајдат секакви тешкотии да го поднесеме тоа како Јов; дури и ако не водат на погубување заради Христа да Му благодариме на Бога, како што тоа претходно го правеле илјадници христијански маченици и исповедници пред нас. Бог од нас не бара бесцелно страдање, но распнување на стариот огревовен човек. Со распнувањето и умирањето на гревовното битие со сите негови лоши навики, се раѓа нашето ново богоподобно битие, или, како што вели апостол Павле: „Како што се умножуваат Христовите страдања во нас, така се умножува и утехата наша преку Христа." (2. Кор. 1,5)
Пред се, нашата најголема утеха е во тоа што Господ не повикува да одиме по Него, Кој го зема најголемиот и најтешкиот крст со нашите гревови и пострада заради нас, и воскресна заради нас. Но, ние луѓето сме слаби. Без Божја помош и најлесниот крст за нас е тежок - тежок зашто на него треба да ги распнеме сопствените слабости. Затоа, Христос не повикува да одиме по Него, зашто одејќи по Него ние ќе можеме да ја издржиме тежината на својот крст. Во Христа и со Христа ќе најдеме сила и утеха, ќе најдеме светлина во темнината, здравје во болеста, богатство во сиромаштијата.
Браќа и сестри,
          Оваа недела, светата Православна Црква си спомнува за големиот подвижник и богоугодник Јован наречен Лествичник. Светото Предание успеало да забележи дека свети Јован бил роден во V век, некаде во Сирија.
Потикнат од голема љубов кон Бога и Христовата наука, уште на 17 годишна возраст Јован го прифатил благиот јарем Христов и се упатил по тесниот пат, по кој одат праведниците и Божјите угодници, односно го започнал својот подвижнички живот на планината Синај во Египет. Како послушник Јован поминал речиси 20 години со својот духовен учител, а по смртта на мудриот старец, се повлекол во потполна самотија на Синајската планина. Таму, подвижникот Јован го продолжил и го зацрвстил патот на богоуподобувањето, живеејќи строг аскетски живот, живот во постојан пост и молитва.
          Браќата монаси од Синај, знаејќи за подвижништвото и добродетелниот живот на монахот Јован и поучувајќи се од неговите примери, по долги години, го замолиле да ја превземе обврската и да прифати да биде старешина на Синајското монашко братство. Оваа обврска Јован ја прифатил со голема одговорност и кон себеси и кон браќата монаси. Тој раководел со Синајската обител продолжувајќи го строгиот аскетски живот и во ништо не нарушувајќи го монашкиот подвиг. Колкаво било неговото искуство како духовник и колкава била големината на неговата мудрост, тој ни открива во неговото најпознато дело „Лествица кон рајот". Од оваа книга дознаваме каков бил монашкиот живот кон крајот на VI и почеток на VII век во Египет, но, што е најважно, во неа преподобен Јован ги поучува христијаните како да ја насочат мислата кон Бога и по каква „лествица“, по какво скалило на добродетелта да го насочат животот за да достигнат вистинско христијанско совршенство и да се здобијат со живот вечен во царството небесно. Според името на книгата, свети Јован го добил прекарот - Лествичник и како таков е забележан и запаметен во црковната историја. Не случајно и една од великопосните недели е наречена и посветена на овој голем подвижник. Имено, како што свети Јован Лествичник во своето дело „Лествица" дава совети за духовен живот, така и овие седмици во кои и ние се подготвуваме за пречекување на Христовото Воскресение се еден вид наша лествица, наше скалило на добродетелта по кое се искачуваме секојдневно согледувајќи ги и исправајќи ги сопствените гревови и слабости. Лествицата по која се искажуваме не завршува оваа година, овој Велигден, но е наше постојано духовно скалило по кое се искачуваме кон подобар и богоугоден живот, а свети Јован Лествичник е наш пример и светла точка на тој пат.
          Како што сведочи светото Предание, својот живот на земјава свети Јован Лествичник го завршил во 603 година, а зад себе оставил дело кое се спомнувало и се спомнува и денес и е непресушен извор на древното, но и современото духовно подвижништво.
Затоа, Човекољубивиот Бог да исправи нашите стапки по патот на добродетелта, по молитвите на свети Јован Лествичник и на сите светии.

Амин.

 

Скопје, 26ти март  2023 лето Господово- храм на св.вмч. Димитриј

Од Божествената Литургиј во храмот на св.вмч. Димитриј

 

  Преминпортал (к.т.)

 

 

 

 

Друго:

https://preminportal.com.mk/prebaraj?searchword=%D0%96%D0%B0%D1%80%D0%BA%D0%BE%20%D0%83%D0%BE%D1%80%D0%B3%D0%B8%D0%B5%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8&ordering=newest&searchphrase=all