3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Протопрезвитер – ставрофор проф. д-р Ацо Гиревски

СЛОВО
Произнесено по повод празникот посветен на Свети Никола
Мирликијски Чудотворец

2021  година во манастирот во Капиштец

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel
Почитувани браќа и стестри,
Воочливо е дека на денешниот свет зафатен од пандемија му е потребно од било кога и да е милосрдие и сочуство, односно способност за емпатија. Затоа Црквата постојано испраќа проглас преку своето духовништво: Сега е време на милост и милосрдие. Важно е верниците тоа милосрдие да го живеат и да го воведат во различни општествени средини. На тој начин ќе бидат сведоци на татковската Божја близина и љубов, но и на мајчинството на Светата Црква.
Во текот на календарската црковна година практикуваме преку неделните читања од Евангелието по Лука, кој е наречен „евангелист на милосрдието“, да го подгреваме милосрдието како „заповед на љубовта“ (Ј. Златоуст). Во таа смисла постојат многу познати параболи за милосрдието содржани во Евангелието по Лука, на пример: за изгубената овца или за изгубената драхма , или приказната за милостивиот Самарјанин  и на други места во Библијата, каде што се говори за милосрдието како за една од најголемите добродетели.    
Нашата Помесна Црква, исто така, преку цела година потсетува освен на примери и на конкретни личности, кои во животот ја имале за цел старозаветната порака: „Клони се од зло и прави добро“ . Така меѓу личностите на кои преку цела година мошне често се навраќаме е свети Климент Охридски, којшто во своите слова и поуки ни говори токму за тие човекољубиви активности, трудејќи се и самите да станеме толерантни, трпеливи и нежни, не однесувајќи се кон луѓето неправедно и бесчуствително. Всушност кај нас православните христијани во Македонија благодарение нему го имаме милосрдието и гостопримството како традиција. Затоа кај нас долго живее поговорката: „Кога земаш се полнат рацете, а кога даваш се полни срцето!“.
А еве денес чујте и за уште еден конкретен пример.    
Го ислушавме свето Евангелие од Јована и чувме какви добри пастири може да има. Кога е во прашање нивното стадо, тие ништо не жалат; готови се да ја дадат и својата душа за своето духовно стадо: „Добриот пастир си ја полага душата своја за овците“ . Таков бил за време на својот земен живот светителот и чудотворецот Николај, чиј спомен денес го празнува Светата Црква.             
Кога е во прашање св. Никола со него е поврзан една анегдота дека „доброто дело со молчење вреди многу повеќе отколку доброто со објаснување, и неспоредливо повеќе отколку најдуховитото објаснување без добри дела“. Претпочитал, на луѓето повеќе добрини да им прави, отколку само да им зборува.  И навистина, од свети Николај Мирликијски не останале никакви зборови, но: останале делата. Без никакви објаснувања, тој трипати доаѓал ноќе кај еден сиромав и тајно, низ прозорецот, му фрлал по едно кесе злато за да може честито да ги омажи своите сиромашни ќерки, и да спречи за да не го фатат нечестивиот пат. И не само тоа, тој им ги раздавал на сиромашните и другите почести како владика, во вид на награда, кои му ги добивал од народот. И никогаш, никогаш не мислел на своето спокојство, летал како на крилја и брзал секаде да пристигне на помош. Заборавајќи се себе си, дење и ноќе се грижел за доброто на сите, за спасение на сите.

 

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel
Ете, такви се добрите пастири. Такви теба да бидеме и ние. Пастирите се жртвуваат за своите духовни чеда; и ние теба да се жртвуваме еден за друг. Да, бездруго и ние треба да го правиме ова, бидејќи всушност го запазуваме само она што сме го жртвувале за другите; за нас останува токму она што сме го жртвувале за нашите ближни, она што сме им го дале на нив. Во идниот живот ќе живееме само со она и од она што сега им го даваме на нашите ближни ‒ со она што го правиме за нив.
Затоа, секогаш кога им давате на вашите ближни, кога правите жртва, не вознемирувајте се. Бидете сигурни дека токму она што сте го дале, нема да загине. Тоа ни се враќа дури зголемено повеќекратно. Кога му давате некому нешто тој ви возвраќа со благослов, нели: Бог да ви умножи трократно, и многу повеќе од тоа: стопати повеќе од вредноста... Земјоделецот го запазува само она семе што го засејува во земјата, бидејќи тоа изгнива и повторно израснува и дава плод, а она семе што се чува во својата житница, она со кое тој самиот се ползува, тоа се троши неповратно. Така бива и ќе биде со нас. Нашите ближни се нивата, во која го сееме семето за иднината; во нив како во некоја ризница се чува сè што даваме, се што жртвуваме. Свети апостол Павле вели: „Оној, кој му дава на сејачот семе, ќе му даде и леб за храна; Он ќе го умножи и семето ваше и ќе ви даде да израсте житото на вашата правда“ . Ако за нашите дела и за нашите жртви водат сметка луѓето, тогаш би можеле да се сомневаме во тоа дали ќе ја добиеме ветената награда, но за ова се гржи многумилостивиот Господ Бог. И, знајте, Бог нема да ја заборави ниту чашата студена вода што сме му ја дале на нашиот жеден ближен. Нема да биде заборавен ниту нашиот збор што сме му го рекле на нашиот ближен. Не, и бидете сигурни, дека нема да загине ништо од она, што сме го направиле во полза на нашиот ближен. Напротив, ќе ни се врати и умножи многукратно!
Според евангелската парабола за Идниот Суд луѓето ќе бидат осудени не за лошото што го направиле, туку за доброто што пропуштиле да го направат. Затоа, вие, помагајте си еден на друг, жртвувајте од своето за доброто на вашите ближни. Тогаш и на нас и на сите наши браќа и сестри ќе ни биде добро. Амин!

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

 19ти декември 2021 лето Господово