Митрополит Струмички Наум: Недела на свети Јован Лествичник (10.04.2021)

Aleksandar.N.sv.Haralampij
Едно е аскетска вера и доверба во Господ, а друго е благодатна вера. Едно е аскетска молитва, а друго е благодатна молитва. Едно е аскетска љубов кон нашите ближни, а друго е благодатна љубов. Истото важи и за подвигот во сите други добродетели. Што точно значи тоа?
На првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите, подвигот на секој верен во која било добродетел е повеќе аскетски отколку благодатен.
Срцето на овој степен сè уште е заробено од страстите, така што демонот релативно лесно, преку помислите и сетилата, однатре, го наведува човекот на грев. Колку што човекот слободно му се приклонува на гревот, толку Божјата благодат отстапува од него.
Затоа и подвигот на првиот степен – посебно во време на сокривање на првата благодат, изгледа многу тежок. Треба да се вложат многу напор и труд во моменти кога ни се чини дека нема помош од никаде. Треба да ги исполнуваме заповедите Божји и кога за тоа воопшто немаме желба и волја, и не го чувствуваме тоа како потреба во нас.
Присилувањето на самите себе е клучниот момент поради кој подвигот се нарекува аскетски. На верниот му останува само да се присили себеси во творење добро, во согласност со своето послушание, верувајќи дека Бог ќе му помогне. Затоа и таткото на демонизираното момче низ солзи вели: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ – т.е. се присилува да верува.
Духовниот развој (преминот кон просветлување на умот со умно-срдечната молитва) ни е овозможен само во моментите кога Божјата благодат останува скриена, а ние продолжуваме да се трудиме во исполнувањето на добродетелите. Секогаш кога паѓаме и не успеваме да ја исполниме добродетелта, во тие моменти – кога благодатта не ја чувствуваме, ние не сме го поминале испитот и повторно ќе треба да го полагаме сè додека не успееме. Светите oтци велат дека во моменти кога благодатта се крие треба да постапуваме така како да е таа присутна.
Христос ги поучува апостолите и сите нас, дека демонскиот род „со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост“. Тоа значи дека со страстите, од коишто луѓето се заробени, се поврзани демоните; и сè додека човек не се ослободи од своите страсти, сè дотогаш не ќе може да се ослободи и од демонот поврзан со нив, и од неговото негативно влијание во неговото срце. За сето ова убаво ни пишува свети Јован – во неговата книга „Лествица“.
Знак дека срцето е доволно очистено од страстите е пројавата на благодатта на Светата Тајна Крштение од него и добивањето на дарот на умно-срдечната молитва; тогаш демонот отстапува однатре, а неговата борба против нас мора да ја организира надворешно – преку своите луѓе, негови слуги. Тоа се случува на вториот степен – просветлување на умот.
Без учество во благодатта на Светите Тајни на Црквата, под духовното раководство на духовен отец, бесплодно е подвизувањето со пост и молитва. Демонот се истерува од нас само во содејство со благодатта на Светиот Дух Господ. Тоа е суштината на Христовите зборови.
Демонот треба прво да се истера од себе, потоа истерувањето од другите што сакаат е многу лесна работа. Обратниот обид само ќе привлече и други демони во тие што го прават тоа – кои поучуваат и спасуваат други, без просветленост на умот и умно-срдечна; без послушание. Ги препознаваме по тоа што самите себе се одделуваат од Црквата; и јавно Ја напаѓаат.
А, „Исус им рече: ’Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне‘“. Ова им го кажа на Своите верни ученици, да ги предупреди, за кое Царство првенствено тие треба да се грижат. Но, и до ден-денес мнозина од христијаните не ја сфаќаат оваа порака и се борат само за овоземното царство – исто како и сите незнабошци.


Пресвета Богородице, по молитвите на свети Јован Лествичник, спаси нѐ! 

Митрополит Струмички Наум