3.angeli.so.truba

Митрополит Струмички Наум:
Блудниот син (28.02.2021 17:08)


Кај помладиот син, од евангелското четиво, ја забележуваме слободата и свесноста дека Му се обраќа на својот Отец Небесен и дека бара од Него нешто што чувствува дека природно му припаѓа, но исто така, забележуваме дека тој, очигледно, не ја сфаќа и самата природа на „имотот“ чија поделба ја бара.
„Делот од имотот“ е полнотата на Божјата благодат, која сите ние ја примаме во нашите срца на денот на Светото Крштение. Од нас самите, од нашата слободна волја, зависи како ќе се однесуваме кон таа благодат.
Бог, од Своја страна, единствено внимава да не ја наруши нашата слобода, а со тоа и нашиот заемен однос: Родител – дете. Ние немаме ништо поважно од овој однос! Овој однос е единствената надеж на нашето спасение!
Демонот не нè навлекува на злото и гревот одеднаш, туку постепено. Прво го наговара помладиот син да побара и присвои „дел“ – од она што не се дели само за себе, а потоа, врз основа на утврдената и прифатена помисла дека „нешто има“, го прелажува да се одлучи на одделен и себедоволен живот.
Ова е патот на сите оние што знаењето од видувањето на првата светлина на умот го злоупотребуваат за судење и кои, помислувајќи си дека достигнале просветленост на умот, одлучуваат поради тоа да се самораководат во духовниот живот, а уште полошо, и други да раководат.


Далечна земја е „место“ на неисполнувањето на Божјата волја, пројавено како непослушание кон духовниот отец и предвремено духовно самораководење, поради што Божјата благодат постепено се оддалечува од нас.
Непослушноста носи со себе расејување и затемнување на умот.
Расејувањето на умот преку сетилата, преку грижата за овоземните работи, преку фантазиите и демонските помисли – според Светите отци, е вистинскиот блуд на нашата душа и основа за секој понатамошен блуд.
И нормално, секој што живее блудно го потрошува својот „дел од имотот“, т.е. целосно ја губи божествената благодат и останува сиромашен и гладен, надвор од заедницата со Бог.
Но, човек кој чувствува духовен глад и празнотија, а по грешка мисли дека вистинската храна за него е задоволувањето на неговите страсти, всушност, станува пасач на свињи (одгледувач на страсти) и заробеник на демонот. Не знае дека задоволувањето на страстите отвора само нов и поголем апетит, и создава чувство на поголем глад.
Потребата од постојано и сè поголемо задоволување на страстите води кон болест и смрт на човекот; прво на душата, а потоа и на телото.
Но, што е тоа што во тие моменти може да го спаси човекот? Опитот од претходно воспоставениот однос со Небесниот Отец, како и човековата слобода, која, според Светите отци, демонот никогаш не може да ја оневозможи докрај.
Токму на овој однос, Родител – дете, се присетува во тие безизлезни моменти блудниот син и токму овој однос, што е најважно, воопшто неповреден од Татковата страна, го спасува.
Од каде го знаеме ова? Од самото освестување на фактот дека токму овој однос е нарушен и дека тој самиот е виновен за нарушувањето: „Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!“
Наше е само да имаме добра намера, да го употребиме дарот на слободата за градење заедница со Бог и да се подвизуваме во таа насока, а сè друго е дело на Божјата благодат, која ни содејствува. Без Бог и без Божјата благодат ние ништо не можеме да направиме! Тоа значат зборовите: „И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива“ (Лука 15, 20).
„И синот му рече: ’Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум достоен да се наречам твој син!‘“ (Лука 15, 21). Помладиот син не ја завршува претходно замислената молба: „Но прими ме како еден од своите наемници!“ Зошто? Затоа што е беспредметно тоа да го рече гледајќи го доследното родителско однесување на својот Татко, кое и самиот него го одредува и го удостојува со називот „син“.
Таткото, значи, како да не се случиле неверност и нарушување на односот, и при повторното среќавање се однесува како кон свој син.
И како уште се однесува Таткото?
„А таткото рече на слугите свои: ’Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживеа, изгубен беше и се најде‘. И почнаа да се веселат“ (Лука 15, 22–24).
Кај блудниот син се случува: обнова на благодатта, потврда на односот и просветлување на умот, добивање на сила и свест за поголем подвиг кој води кон совршенство, учество во Светата Евхаристија и причестување со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови. Бог, како што вели свети Григориј Палама, ги дарува оние што живеат во вистинско покајание со такви дарови кои, кај оние што неправилно се подвизуваат, предизвикуваат завист.
Да, тоа и нам би ни се случувало кога би имале покајание, ама изгледа немаме доволно. Јас сигурно немам.


Пресвета Богородице, спаси нас!


Митрополит Струмички Наум

 

Извор: МПЦ-ОА