Митрополит Струмички Наум:
Романтичарска идеја за христијанството (09.12.2020 )

3.angeli.so.truba


Луѓето сакаат несметано да живеат некоја романтичарска идеја за христијанството, да се залажуваат со некаква сентиментална „љубов“ кон Бог и кон ближните, така што како да забораваат дека „животот“ е конкретен и дека во одреден момент секако ќе ги постави пред изборот – Христос или кој било друг или што било друго; па макар и некој најблизок или нешто најблиско.


Нормално е дека христијанинот, при таквиот избор, секогаш Го избира Господ Христос. На пример, ако сме поставени, како светите маченици (или монасите), да бираме помеѓу одрекување од Христос – од една страна, или од родено дете, или од мајка или од татко, или од роден брат или од сестра, или од нешто друго најмило – од друга страна, ние од Христос не се одрекуваме!


Но, демонот, како искусен непријател, не ги фаќа луѓето во своите замки најпрво на големи работи или избори, туку на ситни; на изборот помеѓу задоволување на некоја нивна мала страст или Христос.
Затоа, проблемот се малите работи и малите избори на кои демонот, луѓето, преку нивните страсти, ги лови – со што тие се одрекуваат од Христос, а истовремено мислат дека тоа ништо не е. Постапка на постепено загревање на водата до зовривање, во која несвесната – за тоа, жаба седи.


Постојат уште две Божји заповеди кои во парампарче ја разбиваат романтичарската идеја и илузија за христијанството, а тоа се заповедта за љубов и кон непријателите (види: Матеј 5, 44) – наместо завист и омраза, и заповедта за конкретно помагање на оние што страдаат (види: Матеј 25, 45) – наместо бесчувствителност (пасивна религиозна социопатија).


За дополнителни информации и објаснувања обратете се кај вашиот духовен отец.


Пресвета Богородице, спаси нас!


Митрополит Струмички Наум

 

Извор:МПЦ-ОА

 

 11ти  декември 2020 лето Господово