3.angeli.so.truba

 

 "Постои теолошки термин поприемчив од зборот фанатизам и без неговите негативни конотации, а тоа е терминот ревност, кој е добро познат во Црквата, но намерно го користам терминот фанатизам, да не објаснувам зошто. Значи, да не се разбереме погрешно: православниот фанатизам не може да биде фанатизам за чинење на зло, инаку не би можел да се нарече православен. Во Православната Црква целта не ги оправдува средствата. И целта и начинот на остварување треба да бидат добро, во Светиот Дух.
...средството за остварување на целта за спасението на секој човек е благодатното лично љубовно поистоветување, а не присилување од кој било вид. Православниот фанатизам е фанатизам за чинење на добро што вклучува во себе и фанатизам за неодрекување од доброто – од единствениот вистински Бог, Света Троица, односно од верата во Него, без оглед на последиците што од тоа ќе следуваат.


Кога говориме за фанатизмот, отсекогаш ме воодушевувал примерот на светиот архангел Михаил. Некогаш, во кризниот момент на општото отпаѓање на ангелите, излажани од дотогаш најсветлиот и најбли- скиот ангел до Бог – Еосфорос (сега паднатиот и мрачен сатана), тој обичен и непознат но верен и послушен ангел Михаил, застанал храбро на средината од Небото и рекол: „Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ – повикувајќи ги на тој начин останатите ангели да останат со доверба, љубов и послушание во воспоставениот ред и поредок од Бог, да останат во заедница со својот Создател.

Обичниот ангел Михаил со оваа постапка немал идеја да стане главен ангел и немал идеја да стане пославен од сите ангели – чувај, Боже, од таква хула и срамна помисла! – тој имал желба ако треба и да се жртвува за Бог: од љубов кон Него, а само заради исполнувањето на Неговата волја и на Неговата слава; и толку. Но, заради верноста и љубовта што ги пројавил, во само еден момент, од Бог му била дадена најголемата величина што ангелскиот свет можел да ја има – станал архангел, начелник и предводник на сите ангели. Еосфорос, дотогаш најсветлиот ангел, избледел пред светлината со која тогаш проблеснал свети архангел Михаил, а сите ангелски чинови и целата ангелска војска виделе друга светлина, друг ориентир, кого требале да го следат.


Мислите ли дека на Михаил и сега му е важно тоа дали е обичен ангел или архангел? Не, тој само верно Му служи на својот Бог, не обрнувајќи внимание на тоа во каков чин, и тоа му е единствено важно; и толку. А за тоа треба фанатизам: Му служиш на својот Бог без разлика какви последици ќе имаш од тоа или каква слава ќе имаш од тоа.

 

 

Митрополит Струмички Наум: Ангелите се светлина (пример) за монасите; монасите се светлина (пример) за луѓето...“

(20.11.2015)

+++

 

 

Друго: