3.angeli.so.truba



Екстремно одрекување – екстремни дарови (01.08.2020 15:04)

Одејќи понатаму виде други двајца браќа: Јаков Заведеев и братот негов Јован, во кораб со Заведеј, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и ги повика. И тие наеднаш го оставија коработ и таткoто нивни, и тргнаа по Него (Матеј 4, 21–22).

Еве ви сведоштво на екстремно одрекување од светот: ни ветување, ни објаснување, ни поздравување, ни извесност, ни ништо – само напуштање на светот и на сѐ во него.

А потоа излезе Исус и виде еден митник, по име Левиј, кој седеше на митницата, и му рече: „Врви по Мене!“ Тој остави сè, стана и тргна по Него (Лука 5, 27–28).

Истото го забележуваме и кај цариникот Левиј. Но, во неговиот случај, и семејството не знае каде оди, како во претходниот случај.

Друг, пак, од учениците Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам мојот татко“. Но Исус му рече: „Врви по Мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!“ (Матеј 8, 21–22).

Тие, пак, што остануваат во светот веќе се сметаат за умрени.

Исус му кажа: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!“ (Матеј 19, 21).

Одрекувањето од имотот, ако некој го има, во полза на сиромашните, се подразбира; пред да се тргне по Христос.

Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаа своите прилози во црковната каса; виде, исто така, и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти, па рече: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти; сите овие дадоа прилози на Бог од својот вишок; таа, пак, пушти – сè што имаше за својот живот“ (Лука 21, 1–4).

Кога се одрекуваме од нешто, не Му е на Бог мило кога даваме од својот вишок, туку од својот недостаток – од последното. Тука се проверува нашата вера.

И Петар почна да му говори: „Ете, ние оставивме сè и по Тебе одиме“. А Исус одговори и рече: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век – и живот вечен“ (Марко 10, 28–30).

По некое време стигнуваме и до ветувањата. Ветувањата не се делот за кој се интересираат децата Божји. Тоа е дел интересен за безбожниците; но на тоа ќе се навратам подолу.

Значи, од нас се бара екстремно одрекување. Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене (Матеј 10, 37). Нормално, треба сите да ги љубиме, но Христос пред сите и пред сѐ. Тоа значи дека од секого и од сѐ можеме да се откажеме, ако заради некого или нешто постои опасност Него да Го изгубиме; од Богочовекот Христос никогаш не се откажуваме. Жртвата, притоа, не е битна.

Но, не се бара од нас само екстремно одрекување од светот (туѓинување), односно физичко оддалечување од светот и врвење по Господ Христос, туку и одрекување од нашиот паднат ум, како и разум, и нивно ставање во процес на исцеление. Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил (Лука 10, 16). Но некои, откако се дојдени во манастир, повторно си имаат свое мислење, си донесуваат свои заклучоци, не се откажуваат од навиките на умот паднат и поради тоа срцето не им се чисти; а благодатта на Крштението не може да се пројави од срцето и умот не може да пребива во него. Што ќе го привлече тогаш умот во срцето? Таму е темнина, а нормално, темнината не го привлекува умот. А, штом благодатта се пројави, од доволно очистеното срце на послушниот и смирениот, таа го привлекува умот и тој самиот сака молитвено да престојува внатре во срцето; и тогаш тоа му е толку природно, а сè друго му е неприродно.

Спомнатите и ветени од Бог екстремни дарови, не се однесуваат толку на материјалното колку на духовното. Тоа се даровите на умно-срдечната молитва, на суштинско просветлување на умот, на расудување, на разбирање на Светото Писмо, на духовно раководење, на предвидување, на претскажување, на љубов и кон непријателите, на посебна Божја грижа и заштита, итн., итн. Зборуваме за дарови на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот.

Но, и ветувањата, и тоа за материјални добра, се големи, и тоа уште сега, во овој свет и век. Пак нека се чудат оние што не читаат Свето Евангелие. Сепак, материјалните добра не се за наше лично користење, туку за помагање на тие што немаат. За помошта можат да знаат само тие што ја примаат, но никогаш јавноста. Знам дека ја активираме неврозата кај безбожниците со нашиот возен парк, но битно е дека возилата не се од црковни средства. Струмичката епархија на МПЦ никогаш не купила возило, ниту имало потреба да купи за Струмичкиот Митрополит – додека сум јас во оваа служба. Фала Богу што уште има луѓе коишто нѐ почитуваат и се грижат за нашата безбедност, како и здравје, и ни ги позајмуваат своите модерни превозни средства на користење. Животот е полн со необјасниви врски, односи и со последици од нив. Кој сака да суди и осудува од страна – слободно. Еве, нека го посветат својот живот само на Бог и тие што ни завидуваат, па нека возат скапи теренци; кој им брани? Важно, ветувањата за материјални добра, и тоа многу повеќе од тие од кои сме се откажале, се евангелски и Божји. Бог до толку се грижи за нас, монасите, што никогаш ништо не ни недостасува и секогаш имаме сѐ што сакаме. Баш така. Ако некого тоа го вознемирува, тој нема проблем со нас, туку со Бог (види: Марко 10, 28–30).

За ова да се достигне потребно е да се седне и на последното место, а тоа е екстремното одрекување од овој свет, односно заминувањето во манастир, во туѓа земја, меѓу туѓинци – чиј јазик не го разбираш и без никаква можност за некаква човечка промоција. Но, кога ќе бидеш поканет, отиди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом дојде, да ти каже: „Пријателе, премести се погоре!“ Тогаш ќе имаш чест од гостите, што седат со тебе (Лука 14, 7–10). Сѐ додека не те поканат на друго, си седиш на последното место. Не вели Евангелието дека ќе те покани на друго место некој слуга или некој од гостите, туку Самиот Господар на свадбата. Повикот е, пред сѐ, Божествениот дар на умно-срдечната молитва (па потоа повикот на Црквата и благословот од својот Епископ). И тогаш ќе седнеш на вистинското место за тебе.

Погоре наведеното е сосема спротивно од тоа да станеш монах во родната земја, со ветување дека ќе станеш епископ – без долгогодишен монашки подвиг и пород, без внатрешно духовно покритие на умно-срдечната молитва, и до толку да „декомпензираш“ од делузивен месијански порив, што да сметаш дека со секуларни методи ќе спасуваш цела помесна Црква, или цела држава, или цел еден народ, или сето тоа заедно, и наместо добро, да направиш огромна духовна и општествена штета. Значи, тие задачи се веќе завршени на Божествен начин, време и место, и Бог веќе не го бара тоа од нас. Затоа, луѓе, дајте смирено да поработиме малку на самите себе и ќе видите како сѐ, во и околу нас, ќе ни се открие и промени на подобро...

Зашто, секој што [сам] се издига, ќе биде понижен; а тој што се смирува, ќе биде издигнат (Лука 14, 11).

Пресвета Богородице, спаси нас!



Митрополит Струмички Наум