7.Vselenski.sobor

Истото се однесува и на односот на децата со родителите, особено во тинејџерските денови. Повеќето родители живеат во таа сигурност, да не речам прелест, дека секогаш знаат што е најдобро за децата. За жал, многу често грешат, но тоа не им дава право на децата да бидат непослушни. Оти, зад бунтовноста и непослушноста секогаш се крие гордоста, која може да расте до демонски размери ако ѝ се остави простор. А ете, зад таа сигурност на родителите дека секогаш знаат што е најдобро за детето, иако често грешат, сепак, се крие родителската љубов и загриженост. Затоа, ако децата барем аскетски се трудат да не го повишуваат тонот пред родителите и барем надворешно да задржат пристојност во однесувањето, Бог ќе ги благослови и ќе им даде благодат, оти заповедта Божја останува да важи, без оглед колку сме пораснале и колку сме созреале: почитувај ги татко ти и мајка ти, за да ти биде добро и да поживееш долго на земјата.

И така, живеејќи во послушание и одрекувајќи се од својата волја, сите ќе живееме во Божјиот план за нас, и во Божјата волја и промисла за нас. И, кога ќе ја примиме таа телеграма дека ноќеска ќе ни ја побараат душата, нема да се вознемириме, оти сѐ што имаме, сѐ што сакаме, сѐ што љубиме на Христа Бога сме Му го предале. Па, и нашата душа нема да оди не знам каде, во некаков рај со јадење и пиење и други земни наслади, туку ќе оди во прегратките Христови.

Проклет да е таквиот „рај“ кaде што има сѐ, а Го нема Христос. (Извадок)

 

 

7.Vselenski.sobor

 

15ти декември 2019 лето Господово