Скопје, 11 ноември  2018 лето Господово- храм на св.Јован Кртител, н.Капиштец, на празникот на

Преподобната маченичка Анастасија Римјанка

ереј Игор Острески: ДВАЕСЕТ И ЧЕТВРТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА

 


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Амин.


Браќа и сестри, слушнавме од денешното литургиско свето Евангелие, во кое се говори дека Господ Исус Христос направил две чуда.

Во првото чудо ја излекувал жената, која 12 години боледувала од крвотечение. а на повик на Јаир да отиде во неговиот дом и само да ја положи раката врз неговата ќерка единица, отишол таму и ја подигнал од постелата, односно ја оживеал, ја воскреснал неговата ќерка. Овие две чуда говорат за тоа, дека Господ Исус Христос дошол во овој свет за да го подигне паднатиот во грев човек, од смртта која настапила.
И ете, дојде еден човек по име Јаир; Кој бил Јаир? Јаир бил старешина на една од трите синагоги во Капернаум. Тој бил полуверник. Со тоа што пришол кон Господа паднал на колена и Го молел Господ Исус Христос да отиде во неговиот дом и да ја оздрави неговата ќерка, тој покажал вера. Но на неговото барање Христос да појде дома кај девојчето покажува дека немал доволна вера за да рече: Господи помоли се ќерка ми да оздрави. Господ Исус Христос ја прифатил поканата и молбата и веднаш тргнал. По патот имало многу народ гужва била голема народот се туркал во Него и една жена која имала силна вера во Христа, постапила според она и што го слушнала а и според својата вера и надеж дека ќе добие исцеление. Таа немала храброст да излезе пред Христа, туку наумила, скришно, сама да се допре до Неговата облека. Целиот свој живот барала помош од луѓето и не добивала, но каде што не помага човекот, помага Богочовекот, само ако има вера кај немоќниот. Она што не можеле да го направат лекарите го направи Господ Исус Христос, само со крајот на Својата облека.Таа Христова сила чудотворно дејствува и денес благочестиви христијани, преку секое осветување во Црквата, како на пример, преку светата вода, преку покајанието, преку светата причест. Чудото се случило, крвоточивата жена била излекувана, но Господ Исус Христос сакал да не остане скриена нејзината силна вера и надеж, за да ја ослободи од силниот страв што го имала, и да не смета дека таа го украла нејзиното исцеление.
Господ Исус Христос со ова исцеление се посведочил како господар на природата, а сега со чудесното воскресение ќе се посведочи како господар на животот и смртта.
Дојде во куќата на началникот и виде смут, плачење и силно врискање. И кога влезе, им рече: Што сте се развикале и расплакале? Детето не е умрено, туку спие.
Господ Исус Христос смртта овде ја споредил со сон, зашто знаел дека девојчето ќе стане од смртната постела и ќе се разбуди како од сон. Но поради неверието на присутните, кое го искажале со потсмевање, Господ Исус Христос не им дозволил да го видат чудото. Но девојчето всушност вистински било умрено, а нивното потсмевање дека е умрено е многу важно, за да се посведочи благочестиви христијани смртта на девојчето па да не можат да приговараат и да велат: Девојчето не било умрено и Он не го воскреснал.Така сега тие со нивното сведочење дека е умрено, сведочат за вистината дека тоа навистина е воскреснато.
Кога Господ Исус Христос ја фати раката на девојчето, рече: Талита куми! Што значи: Девојко, тебе ти велам, стани,!. Спасителот со овие зборови, кои се искажани на арамејски јазик, и се обратил на умрената девојка, и ја повикал во живот. Нејзината душа била привремено одвоена од телото, таа отишла во славата на бесмртните духови, но по заповед и сила на семоќниот Спасител, таа повторно се вратила во телото на девојчето и тоа оживеало.
Драги христијани, секој што умира, привремено заспива со своето тело, а останува засекогаш жив со својата душа, која не може да умре и која при Второто Христово доаѓање, повторно ќе се всели во своето тело. Господ Исус Христос со ова чудо покажал дека е посилен од смртта, а присутните гледале вистинско чудо, вистинско дело на воскреснување, виделе како умреното девојче повторно е живо, како и секој жив човек.

Болната жена од крвотечение го означува незнабоштвото, а младата девојка го означува Јудејството. Колку години боледувала жената толку години имала девојката, тоа значи дека оваа почнала да боледува кога се родило девојчето. Симболиката на ова е дека Бог ги оставил идолопоклоничките народи да врват по нивните патишта. Според светите преданија и житијата на светиите крвоточивата жена, по исцелението продолжила да биде верник и станала светителка: таа е света Вероника.
Заклучуваме дека Бог не не створил за смрт и уништување, туку не створил за вечен живот Не повикал за бесмртност и тоа не само за бесмртност преку воскресението, туку и за бесмртност која не ја познала смртта. Смртта дошла како последица на гревот. Дошла, зашто човекот го изгубил Бога и избегал од Него, и затоа што побарал патишта по кои се би можел да постигне без Бога и независно од Него. Во моментот кога човекот му свртил грб на Бога и кога погледнал во бескрајот пред себе, за него повеќе не постоел Бог, а бидејќи Бог е единствен извор на животот, на човекот не му преостанало ништо друго, освен да Ја вкуси смртта.
Секојдневно сме сведоци дека кога некој ќе умре, сите сме во жалост, исполнети со солзи и тага по починатиот. Така било и во домот на Јаир, како што слушнавме од денешното Евангелие. За православниот христијанин, денот на смртта е подобар од денот на раѓањето, бидејќи во темнината на смртта се крие некое друго раѓање за нов живот, кое е милиони пати подрагоцено од земниот и минлив живот.
Кога човекот преку смртта ќе се ослободи од земните врски, тој набргу ќе го запознае вечното блаженство на небото, подготвено за праведниците уште од создавањето на светот. Ние сме повикани да покажеме љубов и послушност исполнета со вера, надеж и зависност од Бога. Тоа е вистинското библиско значење на верата, бидејќи верата не е само интелектуално прифаќање, туку цела содржина на човекот и неговиот живот. Таа вера е предуслов за спасение.
Да се помолиме браќа и сестри на нашиот Господ Исус Христос, преку молитвите и застапништвото на Пресвета Богородица и на сите светии, Господ да ни даде силна вера како на крвоточивата жена и смирениот Јаир и секогаш да знаеме, дека каква болест и мака да имаме, најголем и единствен лек се покајанието, исповедта и причесната. Амин!

 

 Преминпортал (к.т.)

Друго:

 Божествена Литургиј во храмот на св. Јован Крстител,н. Капиштец, Скопје (11.11.2018)

 

ереј Игор Острески: Беседа во дваесет и првата недела по Педесетница ...

Божествена Литургија во храмот на св. Јован Крстител, н. Капиштец, Скопје (21.10.2018) 

Божествена Литургија во храмот на св. Јован Крстител, Скопје (24.06.2018)

Божествена Литургија во храмот на св.Јован Крстител, н.Капиштец (19.08.2017)

IMG_5513

Недела на Православието (01.03.2015)

 Преминпортал

11.011 2018 лето Господово