Скопје, 14 -ти јули 2018 лето Господово- параклис на св. Козма и Дамјан, скопска населба Автокоманда

СВЕТИ БЕСРЕБРЕНИЦИ И ЧУДОТВОРЦИ КОЗМА И ДАМЈАН


„Откако станавте синови Божји преку заедничарење, Козмо и Дамјане, сега со вера го најдовте наследството на Отецот, небесната наслада, и вистинското светло дејство на чудесата, и викате: Сите дела Господови, благословете Го Господа!" (песна од Канонот на Утрена на светите бесребреници Козма и Дамјан).

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.


Драги браќа и сестри,

Денеска, нашата света Црква го прославува денот на светите бесребреници Козма и Дамјан. Овие двајца браќа изучиле вештини да лекуваат луѓе со разни лекарства. Односно, со лекарства кои ги правеле од собирање на лековити билки. Бидејќи имале силна и непоколеблива вера, Божјата благодат делувала врз сите луѓе коишто им се обраќале за помош. Колку што лекувале со разните треви, толку повеќе Бог, поради нивниот свет и праведен живот, ја изливал Својата благодат врз нив за да се покаже Неговата сила преку делувањето на овие бесребреници. Уште од самиот почеток, овие свети браќа, зеле завет пред Бога дека нема да наплаќаат, ниту, пак, ќе примаат било какви подароци од луѓето на кои ќе им помагаат во лекувањето на најразличните болести, маки и страдања. Со други зборови, биле свесни и цврсто уверени дека ниту тие, ниту, пак, нивните треви ја имаат таа сила да лекуваат широк спектар на разни болести, туку, милоста Божја ја излива Својата благодат, а тие се само орудие преку кое делува силата, односно, благодатта Божја. Токму ова сознание ги инспирира на заветот да не наплаќаат и да не примаат ништо во знак на благодарност. Токму така и светата Црква, во нивниот тропар ги велича и ги слави ту не пријасте ту не дадите, односно, бесплатно примивте, бесплатно давајте (Мт. 10, 8).

Човекот е создаден како психофизичко битие, поточно, од душа и тело. Душата секогаш чезнее за возвишените, духовните, небесните и Божествените нешта, додека, пак, телото, кое е од земја, тежнее кон разни овоземни блага. Еден од, можеби, најприсутните гревови и слабости на луѓето е токму среброљубието. Овој грев е причина многу луѓе да се откажат од вистинскиот пат, од патот кој е тесен и трнлив, но, единствен кој е спасоносен и кој води во царството Божјо. Ние, од светото Евангелие знаеме за параболата за богатиот младич. Тој Го прашува Господа Христа што треба да направи за да спечали вечен живот? Господ Христос ќе му каже да ги почитува и исполнува заповедите Божји, а младиот човек ќе Му одговори дека сето тоа од младост го исполнувал. Христос му вели ако сакаш да си совршен, оди, продај го имотот и раздај го на сиромасите. Овој млад човек нема да постапи така, туку, нажален ќе си отиде од Христа. Си оди нажален бидејќи му било жал да се оддели од богатството (Мт. 19, 16 - 24). Преку овој пример, нашата света Црква не поучува дека не треба да бидеме премногу приврзани за земните блага, туку, треба повеќе да мислиме и да се трудиме за небесните, возвишените, благородните и спасоносните нешта. За нештата кои ни даваат пат и насока кон вечниот и блажен живот.

Треба да појасниме и не треба погрешно да се разбере. Нашата вера и Црква не е против богатството, или против имотот, ваков или онаков. Напротив, ние сме должни да го унапредуваме, да го чуваме и истиот да го умножуваме. Онака како што ни е даден примерот во параболата за талантите. Христос трудољубивоста и умножувањето ги пофалува и ги наградува. Пораката е дека не треба да бидеме сецело и единствено сконцентрирани и преокупирани само на земното богатство, туку, треба со истото да располагаме благоразумно, односно, да правиме добри дела и да помагаме. Но, истовремено, самите духовно да се надградуваме и изградуваме и да напредуваме во растот Христов.

И овие свети браќа Козма и Дамјан не живееле од воздух и не јаделе трева. И тие, како и сите ние, имале потреба од се што му е потребно на еден жив човек. Но, нивниот живот, и нивната работа не била оптоварена со печалба и со трупање на земни блага. Напротив, правеле безброј доброчинства, а за тоа не барале никаква награда.

Да се обратиме со искрена молитва кон светите бесребреници Козма и Дамјан. По нивните молитви Бог нека ја излие Својата благодат и врз нас, па и ние да можеме да правиме добри дела, без да очекуваме награда на овој свет и во овој живот. А нашата награда да ја добиеме во вечниот и блажен живот. Амин.

Преминпортал (к.т.)

Друго:

  • Божествена Литургија во параклисот на св. Христови бессребреници Козма и Дамјан(14.07.2018)