Втора стотица
природни и психолошки глави
за очистување на умот

1.     Почетокот на љубовта спрема Бога е презирот спрема видливите и човечките работи; средината е очистување на умот, од кој доаѓа отворањето на духовните очи и гледање на небесното царство, кое е скриено во нас, а крајот е – незадржливата желба за придобивањето на натприродните Божји дарови, како и задоволување на природната желба за општење со Бога и успокојувањето во Бога.

2.    Таму каде што е Божјата љубов, извршувањето на духовните дела и соединувањето со духовната светлина, таму е мирот на душевните сили, очистувањето на умот и вселувањето на Света Троица во нас. Еве што говори Господ Исус Христос: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и пребивалиште во него ќе направиме“ (Јован 14,23).


3.    Разумот признал три состојби на душата: телесната, душевната и духовната. Секоја состојба има свој сопствен начин на живот, различен од начинот на другите состојби.

4.    Телесната состојба и начинот на нејзиното живеење е предавање на земните задоволства и  наслади; во неа нема ништо душевно и духовно, па дури е отсутна желбата да се придобијат. Душевната состојба стои во средината меѓу гревот и добродетелта, кога луѓето се трудат за задоволството и здравјето на телото, се грижат за слава кај луѓето, но и трудовите околу добродетелите не ги изоставаат; ги одбегнуваат телесните дела; не се трудат посебно ни за добродетелите, ни за гревот; добродетелта не им е слатка, а им е тешка; а за гревот не ревнуваат затоа што се плашат да не бидат лишени од човечките пофалби. Духовната состојба не пројавува желба да има нешто о првите две состојби, не дозволува во себеси ништо лошо, што не им е својствено на телесната и на душевната состојба, па, бидејќи слободна и од едната и од другата, врз посребрени крила на љубовта и бесмртноста, - прелетува преку претходните две состојби, не дозволувајќи си да прави ништо од она што е забрането.


5.    Оние што живеат телесно секогаш имаат мудрување во себеси, затоа што се потполно телесни. Тие не можат да Му угодат на Бога; нивниот ум е помрачен, зашто ја немаат божествената светлина. Над нив се надвиле облаците на страстите, како некои вистински ѕидови, ги оградуваат од духовните светилници; затоа се во постојана темнина. Бидејќи им се повредени внатрешните душевни чувства, не можат да ги видат Божјите духовни убавини, не можат да ја видат светлината на вистинскиот духовен живот и да се издигнат над ништожните видливи работи. Оѕверени и исполнети со светски желби, се приврзуваат кон видливото; целата своја грижа и целиот свој труд го свртуваат кон преодните блага, за нив се караат еден со друг, се случува и своите души ги предаваат за нив; се прилепуваат за богатството, кон славата и кон телесните задоволства; сметаат дека се многу несреќни кога се лишени од земното богатство. За нив, со право се изречени, зборовите од Самиот Бог: „Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело“ (1. Мој. 6,3).

6.    Оние што живеат душевен живот, тие се некако полуумни и како парализирани. Тие никогаш немаат усрдна желба да се потрудат за добродетелите и за извршување на Божјите заповеди; тие ги одбегнуваат грешните дела само за да не бидат прекорени и отфрлени од луѓето. Бидејќи се завладеани со самољубието, кое ги поткрепува и храни страстите, сета своја грижа ја пројавуваат да го запазат своето телесно здравје и за телесните задоволства; се откажуваат од секаков труд и секакво измачување за придобивање на добродетелите; повеќе од сѐ покажуваат грижа за запзаувањето на тело: тие само се грижат да го нахранат и да го стоплат своето тело. Живеејќи и однесувајќи се вака, го оземјуваат својот ум се здебелуваат од страстите и стануваат неспособни да ги примат духовните и божествените работи, со кои душата се ослободува од земјата и целата се устремува кон духовното небо. Ваквите луѓе страдаат на свој начин, затоа над нив владее земното; се сакаат само себеси и најважно им е да бидат исполнети само нивните желби. – Бидејќи Му се туѓи на Светиот Дух, тие не можат да ги примат ни Неговите дарови кај нив. Не само што нема љубов спрема Бога и ближните, што нема радост спрема сиромасите и нажалените, мир во нивната душа, искрена вера и сестрано воздржување, туку нема ни скрушеност, ни солзи, ни смиреност, ни сочувство; кај нив е сѐ преполно со надуеност и гордост. Тие немаат сили да влезат во длабочината на Светиот Дух, зашто ја немаат во себеси светлината, која би ги водела кон Бога и кон божественото и да го просветува нивниот ум за разбирање на Светото писмо и на другите божествени книги, зашто кај нив и не постои волја за тоа. Затоа и со право за нив пишува светиот апостол Павле, велејќи: „Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух; за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се испита“ (1. Кор. 2,14).

7.    Оние што одат духвно, според Светиот Дух, кои живеат целосно според тоа да Му угодат на Бога, назореите, кои Нему Му се посветиле, кои секогаш се грижат само за едно: своите души да ги очистуваат преку подвижничките трудови и да ги извршуваат заповедите на Господа. Тие се готови и својата крв да ја пролејат за Господа; телото свое го истоштуваат со пост и бдеења, а членовите на своето тело ги умртвуваат со доброволни страдања и лишувања, умот свој го исполнуваат со молитва и богомислие, со светлина го озаруваат, со одречување од своите пожелби душата своја ја ослободуваат од страсна приврзаност кон своето тело и го прават потполно духовно. Затоа, со право се нарекувани духовни од сите. Тие, одејќи кон бестрасноста и љубовта, се окрилуват во созерцанието на созданијата, а откако примаат вистинско знаење преку премудроста, која е скриена во Бога, а која им се дава само на оние, кои се издигнале над униженото тело. Издигнувајќи се на тој начин над секое земно чувство, а со својата просветена мисла – над сѐ што е од овој свет, тие добиваат светол разум и среде црква и многуброен собор на верни, говорат благи зборови од своето чисто срце; за сите се сол и светлина, како што рекол и Самиот Господ за нив: „Вие сте светлина на светот...Вие сте солта на земјата“ (Матеј 5,14,13).

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том V

Подготви: Т.Ц.