Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Историјата нѐ учи дека, речиси, сите верски или државни, политички или филозофски движења во историските моменти редовно се проследени со бројни жртви, кои морале да паднат, за таквите движења да успеат да се остварат и да ја докажат својата вредност. Судбината на луѓето е таква што изгледа дека најдобрите требало да се жртвуваат за да 6и успеало една добра, благородна и напредна идеја да се вкорени, да донесе прогрес на одредна група на луѓе или на цели народи. За тоа ни сведочи светото Евангелие и севкупната христијанска историја. Исто така, на тоа ни укажуваат и историите на многубројни општествени движења во различни области на човечкото дејствување.

Ако вредноста и големината на една идеја и на општествените движења се мерат според бројноста и вредноста на жртвите кои се дадени за тоа, тогаш, без сомневање, христијанството ќе стои на чело на сите општествени движења во историјата на човештвото. Една од ваквите благородни и драгоцени жртви е и свети великомаченик Ѓорѓи. Тој е роден од благородни и богати родители во Бејрут, денешен Либан. Кога неговиот татко пострадал за верата Христова тој, со неговата мајка, се преселува во Лида, Палестина. Таму ќе го помине и своето детство. Ќе заврши воени науки и ќе се оддаде на својот војнички позив. Бил особено бистар и со силна телесна конституција. Се истакнувал во својата воена активност и уште на дваесетгодишна возраст, од императорот Диоклецијан, бил произведен за трибун - војсководец.

Токму во времето кога св. Ѓорѓи бил унапреден во оваа должност, императорот Диоклецијан започнал свирепо прогонство на христијаните, со издавање на посебен указ против следбениците на Христовата вера. Св. Ѓорѓи кој и самиот бил христијанин и верувал длабоко во Христа, присуствувал на повеќе судења на христијаните и се уверил дека овие луѓе се измачуваат и осудуваат без никакви други престапи, туку само затоа што се христијани. Не можејќи да поднесува такви неправди во една прилика се осмелнл и, како војсководец, јавно застанал во одбрана на христијаните. Императорот бил изненаден со вакво пројавување на Ѓорѓи, кого особено го вреднувал и ценел, и се погрижил со разни убедувања да го разубеди да се откаже од Христа. Но Ѓорѓи, напротив, останал цврст и непоколеблив во верувањето и исповедувањето на христијанската вера. Потоа императорот наредил да го изложат на разни измачувања сѐ со цел да го принудат да се откаже од Христовата вера. Кога императорот и неговите мачители увиделе дека сите измачувања се неуспешни, наредил да биде погубен со отсекување на главата. Тоа се случило во Никомидија, околу 303 година. Св. Ѓорѓи, пред да биде погубен, а бидејќи знаел што го чека, им оставил аманет на неговите слуги, по убивањето, неговото тело да биде пренесено во Лида, во Палестина. И во чест на тој пренос на неговите мошти е востановен и празникот обновување на храмот на св. Ѓорѓи - Ѓурѓиц. Христијаните после 313 година, кога царот Константин го издал указот за слобода на христијанството, изградиле црква посветена на св. Ѓорѓи, каде што и денес се наоѓа дел од неговите мошти.

На иконата св. Ѓорѓи се претставува како млад човек на бел коњ како ја убива аждајата. Тој тука се претставува самиот себе но, истовремено го симболизира и Господа Исуса Христа и христијанството во целина, како го победуваат стариот многубожечки и идолопоклонички свет персонифициран на иконата во ликот на аждајата. Така, св. Ѓорѓи им овозможува на новокрстените христијани, на иконите претставени како млада девојка во бела облека, да се спасат од злото на овој свет и да пронајдат сигурно засолниште, тврдина која на иконата ја симболизира новозаветната Христова Црква.

Св. Ѓорѓи, и покрај тоа што бил млад војсководител, бил познат уште од раната младост како мудар и верен на Христа. И млади луѓе можат да достигнат до голема мудрост. Се вели во премудроста Соломонова дека чесната старост е во долголетието и не се измерува со бројот на преживеаните години, бидејќи млад човек преку духовното совршенство во кратко време може да направи долги години (Муд. Сол. 4, 8 - 13). Тоа е јасно за сите нас, односно откако знаеме дека мудроста не е определена само за старите туку може да биде среќен дел и на млади луѓе. Верно е дека старите луѓе поминале низ животот преку многу искушенија и се здобиле со многу искуство, и се сметаат за мудри преку животното искуство. И, точно така е. Но тоа е многу долг пат на умудрување и мнозина го преминуваат со затворени очи, со закукани уши и кога ќе стасаат до последните денови од животот не примаат никакви поуки од другите луѓе, од страдањата на човештвото, од некои историски настани на цели народи и на цели епохи.

И на младоста може да се постигне мудрост. И тоа навистина е така, кога човек преку верата е во врска со изворот на мудроста - со Бога. Затоа и Господ Исус Христос им вели на своите ученици дека тие ќе им зборуваат на сите луѓе, и на големи и на мали, и на добри и на лоши. Не треба да се грижат и при големи искушенија да размислуваат што ќе говорат, зашто не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух ќе зборува преку вас (Мт. 10, 20), Се поставува прашањето: како Светиот Дух зборува преку нас? Дали сте го слушнале некогаш Светиот Дух во вашите срца? Кога сте биле исправени пред некој личен проблем вие сте размислувале за некои историски настани и тогаш се поставува прашањето дали вашето срце ви заговарало глас на мудрост, дали ви кажувало зборови кон не сте ги слушнале до тогаш, но кои се многу силни и кои можат да ја скротат животната бура. Сигурно сте го слушнале и тивкото ветерче на Светиот Дух да ве насочува кон јасни гледишта на вашите лични патишта, не оддалечувајќи се од вашите срца и од вашата волја. Кога Светиот Дух говори во нас тогаш ќе знаеме да им кажеме сѐ што треба на луѓето. Тогаш ќе имаме мудрост независно од годините. Тогаш младите можат да станат старци по мудрост.

Светиот Дух се дава на секого; тој зборува во срцето на секого. За тоа е потребна вера во Бога и во Божјиот Син зашто од Бога преку Божјиот Син доаѓа дарот од Светиот Дух врз секого, за да биде мудар во животот и силен во делата на мудроста. Токму таков е и свети великомаченик Ѓорѓи, чиј спомен денеска го празнуваме. Тој бил мудар бидејќи Светиот Дух зборувал во неговото срце. Преку силата на Духот тој изговарал зборови на мудрост, правел дела на мудрост и примил маченички венец со кој се овенчуваат мудрите во Исуса Христа.

Драги христијани! И ние живееме во временски период кога ни е потребно да зборува Светиот Дух во срцето и душата на секој еден од нас, бидејќи времето во кое живееме е опасно. За да имаме правилен однос кон сите предизвици на современото време ни е потребна мудрост од Бога. Живееме во време кога има разни несогласувања, време кога мирот на човештвото е во опасност. И ние сите знаеме какви сѐ непријатности и страдања можат да се случат, не само во Европа туку и на други континенти, па и во светот заради немање на вистински мир и разбирање. Затоа сите ние, секој христијанин и секој човек е должен да поработи за општ мир. Тоа е нешто што е добро. Но не е доволно таа ревност да биде само на збор туку треба да има и порив во нашето срце и таа ревност да сведочи за мирот за да бидеме вистински следбеници на Христа. По молитвите на св. великомаченик Ѓорѓи, Светиот Дух да проговори и во нашите срца и во нашите души, за да можеме нашата православна вера да ја сочуваме и прошириме за доброто на нашиот народ и за секоја боголика душа.

Уште еднаш ви го честитаме празникот на св. Ѓорѓи и ве поздравуваме со торжествениот поздрав: Христос Воскресе!

 Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј