36.jpg

На Светата Литургија, на празникот Крстовден

14/27 септември 2016 лето Господово, Рајчица

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Драги браќа и сестри,


Светата Православна црква, денеска прославува еден од дванаесетте Господови празници. Поточно, го прославува Издигнувањето на Чесниот крст на нашиот Спасител Господ Исус Христос во Ерусалим. Овој празник е поврзан со едно историско збиднување. Имено, царот Константин, уште пред да биде крстен, во 312 година, се подготвувал за борба со претендентот на неговиот престол, од Италија, Максенциј. Иако Максенциј бил воено надмоќен, сепак, Константин одлучил да влезе во борба против него. Пред почетокот на решавачката битка, Константин имал видение, поточно, на небото се појавил крст со натпис Со овој знак ќе победиш. Константин веднаш наредил, на сите воени барјаци да се изобрази крстот, и така, издејствувал победа врз надмоќниот Максенциј.

Ова, на царот Константин, ќе му даде инспирација и поттик, да ја испрати својата мајка, царицата Елена, во Ерусалим, да го открие Христовиот крст. Таа ќе отиде во Ерусалим и долго време ќе се обидува да го пронајде Чесниот крст. Не треба да заборавиме дека поминале веќе три века, се промениле многу генерации и местото на страдањето и распнувањето Христово било подзаборавено. Но, со голем труд и упорност, царицата Елена го наоѓа местото, под еден многубожечки храм, и изнесуваат на виделина три крста.  Ерусалимскиот патријарх Макариј, за да утврди кој е точно Христовиот крст, побарал да се принесат болни и од кој крст ќе се излекуваат, тоа е знакот дека крстот е Господовиот. Така и се случило.

 

Постојат повеќе преданија за утврдување кој бил Христовиот крст. Едното е дека некое парализирано лице веднаш се излекувало, а другото, пак, е дека воскреснал упокоен човек. Кое и да е точно од овие две преданија, важно е дека крстот Господов е пронајден и од страна на Патријархот Макариј свечено е издигнат и со него благословени се сите четири страни на светот. Потоа, царицата Елена и царот Константин ќе го изградат храмот посветен на Воскресението Христово, во кој се наоѓа Чесниот крст Христов.

 

Драги браќа и сестри, треба да нагласиме дека крстот, во првите векови на христијанството, не бил особено почитуван како симбол на христијанството. Ние, знаеме дека во Римската империја, крстот е употребуван како орудие за казнување на најголемите престапници. Од таа причина, првите христијани употребувале поинакви симболи, како што е рибата, котвата, јагнето и слично. Но, по откривањето на Чесниот крст, овој симбол ќе ги надмине сите претходни и ќе биде општоприфатен во севкупниот христијански свет. Затоа, св. ап. Павле, во своето послание до Коринтјаните вели: „Бидејќи словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја... Ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, а за Елините безумство“ (1. Кор. 1, 18 и 23).

 

Крстот Христов има огромна сила. На него Синот Божји, Господ Исус Христос се принесе на жртва за откуп на гревовите на сиот човечки род. Во црковните богослужбени песни, многу јасно и гласно се истакнува значењето на Чесниот и Животворен крст. Во тропарот се вели: Спаси ги Господи луѓето Твои... Со Крстот Свој заштити го Твоето жителство. Со овие зборови светата Црква, сите православни луѓе ги нарекува нејзини жители, а, пак, крстот, нивна заштита.

 

Изнесувајќи го и издигнувајќи го Животворниот крст на денешниот празник, светата Црква нè повикува, сите христијани, од сите четири страни на светот, да го впериме својот поглед кон Чесниот Христов крст. Но, не само да се загледаме во него, туку, тој да биде поттик за наше очистување од секакви престапи и гревови. Па со силата и благодатта Божја, а преку светиот крст Господов, да можеме да ги победиме сите непријатности што нè придружуваат и нè снаоѓаат во нашиот овоземен живот. Крстот да ни послужи како пример да можеме нашиот крст да го носиме чесно и достоинствено. Та да можеме да се искачиме кон небесните висини во прегратките Христови, и така да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!